Уште еден начин на кој ќе убива ковидот: Глад

19.10.2020 01:12
Уште еден начин на кој ќе убива ковидот: Глад

Детската болница „Индира Ганди“ во Кабул

Уште пред пандемијата со сета сила да удри на нејзиното село, на карпестиот југоисток од Авганистан, Халима Биби ќе го запознае мачниот страв од гладта. Таа била немилосрден извор на нејзините немири: како да ги нахранам четирите деца.

Нејзиниот сопруг заработувал околу 5 долари дневно, како доставувач на намирници. Дома често носел по една векна леб, малку компир и грав. Но кога во март пристигна коронавирусот, неговите приходи паднале на околу 1 долар дневно. Главно носел само леб. Понекогаш се враќал со празни раце.

„Слушаме како децата офкаат од глад, но не можеме да направиме ништо“, раскажува Биби од болницата во главниот град Кабул, каде завршила нејзината шестгодишна ќеркичка заради тешка недохранетост. „И не сме само ние во таква ситуација. Тоа е секојдневие на повеќето семејства онаму каде што живееме“.

Глобалната економија го доживува најголемиот пад уште од Големата депресија и гладта се заканува да завладее насекаде. Оние што се соочуваат со потенцијално смртоносно ниво на неизвесност во врска со храната, во земјите во развој годинава ќе бидат 265 милиони, двојно повеќе од минатата година, покажуваат податоците на Програмата за храна на Обединетите нации.

Бројот на деца помлади од пет години кои се во состојба на ослабеност - нивната тежина е толку многу под нормалната што им се заканува ризик од смрт, со долгорочни здравствени проблеми и последици по нивниот развој - оваа година ќе се зголеми за седум милиони, или 14 проценти, според една неодамнешна студија.

Најголемиот број ранливи заедници е концентриран во Јужна Азија и Африка, особено во земјите кои веќе имаа некакви проблеми, од воени конфликти и екстремна сиромаштија до последици од климатските промени како што се сушата, поплаввите и ерозијата на земјиштето. Храната сѐ уште е достапна во поголем дел од светот, иако цените скокнаа во многу земји.

Светската економија ќе ослаби за речиси пет проценти оваа година, па и домаќинствата се обидуваат да заштедат. Меѓу оние кои пандемијата веќе ја дочекаа во екстремна сиромаштија има стотина милиони кои се во тотална криза и хаос: како да не умрат од глад.

Најголемиот пазар за храна во Кабул

„Шок по шок“

Гладта е сѐ поголема дури и во побогатите земји, но економските неприлики се ублажени со владини програми. Во најсиромашните држави, коронавирусот ја засилува литијата на веќе тешките неволји.

„Ковидот е уште еден шок во нешто што и онака би била страшна година за овој регион“, вели Мајкл Данфорд, регионален директор за Источна Африка во Светската програма за храна. „Освен што веќе имавме 21 милион луѓе во акутна неизвесност за храна на почетокот од годината, стигнаа поплави, наезди со скакулци и сега го имаме ковидот. Тоа е шок по шок, а сето тоа ја зголемува ранливоста ширум регионот.“

И додека се интензивира потребата за храна, вирусот ги натера и агенциите за помош да ја ограничат својата помош. Оваа година карантините ќе остават најмалку 250 милиони деца без планираните суплементи со витамин А, зголемувајќи ја заканата од прерана смрт, наведува УНИЦЕФ. Вирусот доведе и до одложување на програмата за имунизација, со која често се даваа и дози лекови против појава на глисти.

Само последна криза

Во Џуби, главниот град на Јужен Судан, пандемијата е само последен облик на сите опасности што се закануваат. Чувството на криза е сеприсутно уште откако изби ново насилство во долгорочната граѓанска војна до која дојде заради етничките поделби. Додека траеја борбите луѓето бегаа од селата и доаѓаа во камповите подигнати во градот. Многумина станаа зависни од храната која ја дистрибуираа хуманитарните организации.

Јужен Судан веќе е една од најсиромашните земји во светот. Осумдесет проценти од речиси 11 милиони жители живеат во состојба на апсолутна немаштија, преживувајќи со помалку од два долари дневно, наведува Светската банка. Конфликтот доведе и до економски потреси. Владата почна да печати пари за да ги плати сметките, па дојде до инфлација. Цената на храната нагло порасна.

Сиромаштијата и гладта се поттикнуваат една со друга. Како што поскапеа и мрежите за комарци, се зголеми ризикот од маларија, а таа болест веќе влијае на апетитот и ја влошува недохранетоста кај децата. Минатата година тешките дождови предизвикаа поплави кои ги десеткуваа посевите и ја усмртија стоката. До почетокот на оваа година, околу 6 милиони луѓе во Јужен Судан технички имаа проблеми со исхраната, што значи дека не можеа секој ден да ги имаат потребните оброци.

А сето тоа беше пред појавата на најлошата пандемија во последните стотина години. Како што вирусот сееше хаос во Источна Африка, цената на основните потреби во Џуби скокна за уште една четвртина. Карантинот влијаеше на локалните фирми, кои останаа без никакви приходи.

Бегалскиот камп во Џуба, Јужен Судан

Сѐ помала побарувачка

Од другата страна на Арапското море, затворањето на економијата ги остави работниците во индиските градови без приход. Мигрантите ги изгубија работните места во градежништвото. Ова доведе до монументално намалување на потрошувачката моќ на нацијата од 1,3 милијарди луѓе. А сето тоа значеше дека нема ни кој да ја купи храната, дека родот нема зошто да се собира.

Во северната држава Харијани, Сатбир Синг Џатаин минатиот месец дозволи да му пропаднат тиквичките. Му беше поедноставно да им дозволи да изгнијат отколку да ги жнее. Парите што би ги добил на пазарите не би му ги покриле цената на трудот и транспортот.

„Карантинот ги уништи земјоделците“, наведе Џатаин.

Опасност од барање помош

Во Авганистан, госпоѓата Биби почнала да крева паника кога нејзината шестгодишна ќерка Зинав станала тотално недохранета. Губела енергија.

До средината на јули, на Зинаб ѝ била неопходна сериозна лекарска нега, што значело дека мора да тргне на пат во главниот град на провинцијата Кост: деведесетминутно возење низ непристапен терен одбележан со племенски конфликти. Коронавирусот усмрти повеќе од 15 луѓе во селото со едвај 500 луѓе. Но секој можеше да биде преносител, заради што луѓето се колебаа да бараат помош ширум Авганистан.

Од март, бројот деца примени во болниците опадна за 40 проценти.

„Или ќе се плашам од коронавирусот или ќе гледам како умира моето дете“, рече Биби. „Моето срце одлучи што морам да направам.“

Нејзиниот сопруг позајмил пари за лекари и седнале во минибус. Во рудиментарната болница во градот Кост, лекарите на детето му дале млеко во прав. Но и после три недели, Зинаб ја губела тежината. Семејството морало да тргне во Кабул, оддалечен седум часа.

Возеле по августовската жега, стигнувајќи во градот во кој не биле никогаш претходно. Една сожалива душа ги однела до болницата „Индира Ганди“, која ја финансираат индиската влада и УНИЦЕФ.

Зинаб ја примиле и добила храна преку цевка во носот. Имала вкупно осум и пол килограми. Две недели подоцна повторно губела тежина.

Пазар за храна во Адис Абеба

Фотографии: Jim Huylebroek

Извор: New York Times/International Report