Што ќе му донесат на Израел договорите со арапските држави?

23.10.2020 03:39
Што ќе му донесат на Израел договорите со арапските држави?

Од своето основање, Израел себеси се гледа како модерна Спарта, мала нација, тврдина во непристапната пустина, чиј опстанок зависел од внтарешната кохезија и воената сила.

Насекаде околу нив имало арапски и муслимански непријатели кои еврејската држава ја гледале како колонијален напаст, како филијала на странските завојувачи, која мора да биде протерана, порано или подоцна, исто како што се протерани сите нивни претходници, уште од крстоносците.

Но последните договори што ги постигна Израел, оние за нормализација на односите со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, овековечени со церемонија во Белата куќа на 15 септември - заедно со она што се зборува сѐ погласно: дека и некои други арапски нации би можеле да тргнат по овој пат - натераа многу Израелци да се запрашаат дали дојде до тектонски промени на Блискиот исток.

Дали нивната земја најпосле би можела да биде признаена како легитимен член во овој дел од светот?

Формалните дипломатски односи многу ќе му значат на Израел, кој помина премногу долго време во собата за изолација: размена на амбасадори, воспоставување директни летови, нови дестинации за туристите кога патувањата повторно ќе бидат можни и забрзување низа други комерцијални, културни и научни напори. Досега, ваквите нешта се правеа во полуилегала.

Но, д-р Јицак Крејс, генерален директор на медицинскиот центар Шеба, најголемата болница во Израел, вели дека најважната последица би можела да биде во начинот на размислување на обичните Израелци.

Д-р Крејс се присети како беше направена полската болница на Хаити, откако во 2010 година таму се случи тежок земјотрес. Таа болница не можеше да прими многу пациенти, но имаше големо влијание, бидејќи „најважно нешто за нација во криза е надежта, ветување дека во иднина ќе биде подобро“, вели тој.

„Кога Израелците ќе видат дека регионот се отвора, не е важно дали тоа се прво Емиратите и Бахреин и дали следни ќе бидат Чад или Оман, Судан или Саудиска Арабија“, продолжува д-р Крејс. „Поважно е сфаќањето дека ова може да биде поубав дел од континентот, дека не треба да се помириме дека нештата се онакви какви што биле отсекогаш. Тоа е најсилното чувство на обичните луѓе.“

„Ова е неверојатна промена за луѓето од мојата генерација“, додава тој. „Нашето постоење веќе нема да зависи само од тоа колку сме моќни воено. Тоа може да зависи од тоа со колку соседи ќе потпишеме мировни договори.“

Израелците кои го проучувале арапскиот свет, вклучувајќи ги и поранешните разнузнавачи, експертите за национална безбедност, политичарите, истражувачите и новинарите, се мошне внимателни кога се зборува за напредокот. Тие предупредуваат дека Израел сѐ уште не смее целосно да го спушти гардот кон своите новостекнати пријатели.

Па сепак, и тие зборуваат за промената како за еволуција која досега беше мошне скриена од јавноста, пред да стане јасно дека арапските лидери почнаа да негуваат поинаков наратив кога го споменуваат Израел.

Пред две години, принцот Мухамед бин Салман од Саудиска Арабија во едно интервју рече дека Израелците „имаат право на сопствена земја“ и инсистираше дека „нашата држава нема никаков проблем со Евреите“. Истата година, шефот на дипломатијата на Бахреин, Калид бин Ахмед ел Калифа, застана во одбрана на израелските напади на ирански мети во Сирија, пишувајќи на Твитер дека Иран таму стационира сили и ракети, па Израел „има право да се брани така што ќе го елиминира изворот на опасноста“.

Минатата година во Бахреин се одржа конференција на администрацијата на Трамп на која беа промовирани економските аспекти од предлогот да се реши конфликтот помеѓу Палестина и Израел, а шеикот Калид на израелските новинари им подари маслинови гранчиња.

„Израел е дел од наследството на целиот овој регион и тоа бил и историски“, му рече на еден новинар, а потоа уште поизричито додаде: „На Евреите местото им е меѓу нас“.

А на 4 септември, еден саудиски имам во Големата џамија во Мека зборуваше за добрината која пророкот Мухамед ја искажал кон еден еврејски сосед. Се чини дека тоа беше уште еден чекор кон нормализација на односите помеѓу Саудиска Арабија и Израел.

Но пред само десетина години, потсетува Шимрит Мејр, израелска аналитичарка за арапскиот свет, Израел ширум Блискиот исток сѐ уште беше претставуван како „извор на секое зло, голем непријател“, а палестинското прашање беше „најсвето“.

„Арапската пролет“ го разниша тоа, вели таа.

„Луѓето почнаа да зборуваат за своите проблеми, за другите политички предизвици“, вели таа. „А Израелците, малку по малку, стапија на оваа сцена.“

И некои други фактори придонесоа за големи промени во Персискиот залив: нуклеарниот договор на Иран и администрацијата на претседателот Обама во 2015 година, на кој се противеа и лидерите од заливските држави и Израел; експанзионистичката политика на Иран во Сирија, Јемен и на други места, која подеднакво ги загрозуваше и Израел и неговите соседи; како и верувањето дека САД повлека се извлекуваат од регионот.

Во меѓувреме Палестинците покажаа дека тешко се прилагодуваат на новите околности, наведува Шимрит Мејр.

Зви Бар’ел, истражувач од исламскиот свет и колумнист од весникот „Харец“, се прашува колку нормализацијата со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин навистина ќе влијае на „психата на израелската јавност“, ако се земат предвид тензиите со соседните арапски земји.

„Ние не ги ни сметавме за непријатели“, вели Бар’ел за заливските држави. „Но сѐ додека пристигнуваат балони од Газа, сѐ додека постои закана од ракетите на Либан и Сирија и сѐ додека е тука големиот непријател Иран, тешко ќе се промени мислењето за арапскиот свет или за Арапите генерално“.

Јоел Гузански, поранешен шеф во Советот за национална безбедност на Израел, наведува дека врските со Емиратите би можеле и да се посматраат како прст во око на Турција.

„Мислам дека тоа не е претерано добро за Израел“, вели тој, со забелешка дека ОАЕ ги испратија своите авиони Ф-16 во Грција во екот на тензиите помеѓу Турција и Грција минатиот месец. „Не е добро Израел да се обложува против Турција. Не е добро да ѝ се спротивставува. ОАЕ се едноставно предалеку. Можеби тие можат да ризикуваат малку повеќе од Израел. А тоа ме плаши“.

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото