Саудиски затвореници платиле милијарди

07.05.2018 00:47
Саудиски затвореници платиле милијарди

Хотелот Риц-Карлтон во Ријад

Стотина саудиски бизнисмени, од кои многумина се членови на кралското семејство, во ноември биле затворени во хотелот Риц-Карлтон во Ријад во рамки на она што владата го нарече кампања против корупцијата.

Повеќето од нив за некое време биле пуштени дома, но далеку од тоа дека се слободни. Овие Саудијци кои до неодамна ја разведруваа и наоблачуваа земјата, сега живеат во страв и неизвесност.

Во месеците затвореништво многумина биле подложени на физичко злоставување и принуда, тврдат очевидци. На почетокот од акцијата, барем 17 затвореници биле хоспитализирани заради физичко злоставување, а еден подоцна умрел во притвор.

Во мејлот испратен до Њујорк Тајмс, владата ги демантираше обвинувањата за физичко насилство, нарекувајќи ги „апсолутно невистинити“.

За да го напуштат Риц, многумина морале не само да дадат големи суми пари туку и да потпишат договор со кој на владата и ја препишуваат контролата над недвижностите и делови од компаниите – надвор од законските процедури.

Еден некогашен затвореник, кој мора да носи уред за следење, паднал во депресија кога му пропаднала работата.

„Им препишавме сè“, рече еден негов роднина. „Дури не сум сигурен дали куќата во која живеам е моја.“

Архитект на оваа акција е саудискиот принц Мухамед бин Салман. Саудиските официјални лица кои привлекуваат странски инвеститори акцентот го ставаат на неговите реформи: ветување дека ќе им се дозволи на жените да возат, планови да се прошират можностите за индустријата за забава и привлекување странски инвестиции. Епизодата со Риц ја претставија како регуларна и правна постапка.

Но, бројните интервјуа со саудиските официјални лица, советниците и соработниците на уапсените откриваат поматно прикриена операција.

Повикувајќи се на законите за приватноста, владата одби да го прецизира обвинувањето против нив и, кога најпосле беа пуштени, да објасни кој е прогласен за виновен, а кој е ослободен од обвинението.

Се чини дека дел од кампањата потекнува од семејната расправија во која принцот Мухамед ги притиска децата на кралот Абдулах, монарх кој умре 2015 година, да вратат милијарда долари кои ги сметаат за нивно наследство, велат тројца соработници на семејството на Абдулах.

Владата тврди дека операцијата е начин во буџетската каса да се вратат незаконски заработените пари.

Во мејлот се наведува дека „истрагата што ја спровел државниот обвинител била во согласност со саудиските закони.

Сите кои биле под истрага имале пристап до правници, но и медицинска нега за да се води сметка за веќе постоечките, хронични проблеми“.

Но, прикриената и правно сомнителна природа на кампањата ги вознемири странските инвеститори кои принцот сега повторно се обидува да ги привлече.

„Не почетокот од кампањата ветуваа транспарентност, но тоа не го испочитуваа“, вели Роберт Џордан кој работел како американски амбасадор во Саудиска Арабија во време на претседателот Џорџ Буш.

Меѓу 200-те луѓе кои биле мети на кампањата се најдоа и принцот Алвалид бин Татал, најпознатиот инвеститор во кралството и еден од најбогатите луѓе на светот; принцот Мутаиб бин Абдулах, синот на кралот Абдулах и шеф на една од трите главни безбедносни служби; Фаваз Алхокаир кој во кралството ги донесе Зара, Гап и други компании, и Салах Камел, постар бизнисмен од пристанишниот град Џис на Црвеното море.

Мухамед бин Салман

Повеќето завршиле во Риц, во собите биле отстранети стаклените туш-кабини и завесите за да се спречат самоубиства.

Можеле да гледаат телевизија и да нарачуваат храна во соба, но немале пристап до интернет и телефон.

Принцот Алвалид бил пуштен од хотелот, но претставниците на неговата компанија Кингдом Холдинг не сакале да му дозволат интервју.

Двајца соработници од неговото семејство велат дека има вооружена придружба.

Ретки се оние, ако и воопшто ги има, на кои им кажал што се случувало во Риц.

„Тоа е нешто што сака да го заборави“, рече еден соработник.

Бизнисмените ги држеле додека не им го препишале имотот

На почетокот на затворањето во Риц, дури 17 затвореници побарале медицинска помош заради злоставување, велат лекарот и еден американски претставник.

Роднините на некои од нив тврдат дека не им дозволувале да спијат, дека ги удирале и испитувале со покриени глави додека владата ги притискала да им препишат големи суми пари. Претставници од две западни влади веруваат во вистинитоста на тие извештаи.

Кога станува збор за саудискиот офицер кој умрел во притвор, генералот-мајор Али ел Хатани тврди дека го видел телото и дека вратот му бил во неприроден агол, како да бил скршен, а телото му било полно со модринки и изгореници.

Лекарот и двајца други кои биле известени за состојбата на телата велат дека изгорениците се од електрошокови.

Владата го презема менаџментот над Групата Сауди Бинладен, градежен гигант кој го основал таткото на Осама бин Ладен. Директорот на фирмата Бакр Бинладен и натаму е во притвор и неговите роднини останаа без поголемиот дел од приватното богатство.

„Никој не може да зборува за она што се случувало во Риц“, рече еден соработник на еден поранешен затвореник. „Најпосле, сите тие мора да живеат во Саудиска Арабија.“

Извор: The New York Times