Заха Хадид - жената што уриваше бариери

18.10.2018 01:51
Заха Хадид - жената што уриваше бариери

Пред десет години, кога Саудиска Арабија почнала да зборува за штедење на енергија, за глобалното затоплување и чисти алтернативи на нафтата, бил организиран конкурс за да се дизајнира аналитички центар.

На конкурсот победила архитектка родена во Ирак, Заха Хадид била единствената жена поканета да учествува на конкурсот и прогресивна личност, која со своите цврсти ставови го дефинирала имиџот на земјата што кралот грижливо ја менуваше. Така, нејзиниот нацрт за Нафтениот истражувачки центар на кралот Абдула, геометриски ингениозен, инспириран од формите на меурчињата и саќето бил претставен пред јавноста.

Но, отворањето на Центарот на годишната Саудиска недела на дизајнот што се одржала во октомври, за кралот Абдулах кој го нарача, но и за Хадид беше постхумно. Кралот почина во 2015 година и го наследи неговиот полубрат, 76 – годишниот Салман. Заха Хадид на 65 – годишна возраст почина од срцев удар, една година подоцна на 31 март 2016 година. Никогаш не го виде во живо едно од нејзините највпечатливи архитектонски дела, кое е прво во портфолиото на дизајни условени од климатските промени и одржливоста.

Сега 135 истражувачи и помошен персонал работат во канцеларијата на оперативната зграда на Центарот а со неговиот развој, ќе има место за уште повеќе стручњаци. Центарот се финансира од целосно независни извори.

Еден од условите на конкурсот бил архитектонски план на зграда која ќе опстане во многу топла клима, а истовремено ќе биде доволно одржлива да не ја уништува природната околина. Хадид, чиј близок соработник беше Девах Канг, тогашен директор за дизајн, инспирација побарала во природата. „Ако се загледате во природата ќе откриете зошто работите изгледаат така како што изгледаат. Ќе откриете системи кои одговараат на климатските услови и кои резултираат со облиците што ги гледате“, вели Канг.

Дел од нивното истражување биле и сунѓерите, лисјата и кожата на рептилите. Тие откриле дека клеточната геомерија на меурчињата од сапун и саќето од медот повторно се појавуваат во природата затоа што е ефикасна. „Тогаш дојдовме до идејата за клеточна, хексагонална структура која ги опкружува дворовите“, објаснува Канг.
Некои стратегии за зачувување на природната средина биле едноставни и стари колку што е стара и биологијата. „Откривме дека пасивниот дизајн претставува голем дел од генијалноста на природата“, вели тој.

Исто така, архитектите се свртеле кон традиционалните земјени структури за пасивна соларна техника. Скелетот од саќе го обложиле со панели од стакло и бетон кои ја одбиваат топлината, а под нив има воздушен простор кој служи како изолација. Во дворовите користеле камени плочи и бетонски панели за да ја задржат пријатната температура.

Хексагоналните лаборатории, архитектите ги сместиле околу шестоаголните дворови, а бидејќи зградата е преселена во пустината, го зголемиле бројот на „клетки“ за да Центарот има библиотека, просторија за слушање, база на податоци и џамија. Секој павилјон и двор биле компјутерски развлечени и превртени за да фаќаат сенка од југ и ветер од север. Фасадните панели биле ставени преку челичните рамови. На периферијата на градот Ријад, свртена кон пустината и кон Мека, зградата делува како да е подготвена да тргне.

Кога почнал проектот во 2009 година, кралот Абдула имал 85 години и постоел силен притисок да се заврши градбата додека е кралот жив. Центарот изнајмил цел кат од една зграда во централен Лондон, каде во одредени моменти работеле 50 архитекти, 80 инженери и уште 20 вработени во Центарот. Се постигнувале рекордни резултати, секојденво се произведувале илјадници нацрти.

„Одлуките се носеа брзо, генериравме систем и нацртот им го дававме на инженерите да го испробаат во услови на силен ветер и високи температури, добивавме многу повратни информации. Дизајнот беше обликуван од страна на животната средина, како и од она што беше основна замисла“, вели Канг.

Малата џамија во пустината стои на крајот на вториот централен двор. Плафонот на џамијата е прекриен со филигрански, компјутерски изработен дизајн кој потсетува на традиционалните арабескни мотиви. Оваа џамија е можеби единствената пто каде било во светот ја дизајнирала жена.

Сузан Картон, портпаролка на Центарот, вели дека нивната мисија е да дознаат како најпродуктивно да ги искористат енергетските ресурси за економски и општествен напредок кој е во склад со „Визија 2030“ што престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман неодамна ја изложи со цел за диверзификација и развој на економијата на земјата која нема да има врска со нафтата.

Хадид ги употребила своите карактеристично флуидни простори за да ги урне бариерите и да го охрабри социјалното мешање на различните слоеви. За време на Неделата на дизајнот, минатата есен, мажи и жени, студенти и принцеви слободно шетале, ја делеле храната и разговарале во јавен простор. Покривањето на лицето за жените не било задолжително.

Оваа градба ја достигна големината на желбата на кралот Абдула, а таа не беше само уште еден трофеј во галеријата на триумфи на Заха Хадид. Секогаш отворена за промени, таа не се задоволи со дотогаш постигнатите успеси, туку влезе во нова, неистражена територија. Во Ријад, во своите 60-ти години од животот, таа го промени правецот, станувајќи архитект каков што никогаш не била, создавајќи дизајн што никогаш го направила. Архитектонската убавина и одржливоста меѓусебно не се исклучиваа. Како и нејзината зграда, таа се прилагодила, исто како и архитектонската идеја кон природата.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото