1012 hPa
78 %
20 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:59
Идејата на вистината е во немилост последниве години. Од една страна, нејзиното политичко значење е помало од порано. За време на Студената војна беше многу важно што се смета за вистина оти една суверена идеологија се судираше со друга. Потоа, во 1990‒тите, кога Студената војна избледе, зборот „идеологија“ излезе од употреба. Делумно оти луѓето веќе не беа склони да ги гледаат своите уверувања како идеолошки оти тоа им се чинеше како да одат наоколу претставувајќи се како Мешко или Бубулица. Идеологијата е она што го имаат другите, а еден особен Друг тогаш исчезна.
Туѓите верувања се идеолошки во смисла дека се крути, доктринарни, имуни на аргументи и отсечени од практичниот свет, додека нашите сопствени верувања се флексибилни, прагматични и еминентно разумни. Намалувањето на детскиот додаток и туркањето многу семејства во сиромаштија е сосема разумна работа во време на економска криза, но дополнителното оданочување на нафтените компании е идеја од репертоарот на социјалистичката догма. Нема ништо идеолошко во почитувањето на монархијата ‒ тоа е природна човечка тенденција, како чепкање нос или коцкање осум часа дневно ‒ но да се каже дека тоа е циркус што треба да го одвлече вниманието на луѓето од немањето леб, тоа е цмиздрење на фрустрирани интелектуалци.
Да се приклониш кон постмодерната вистина значи да бидеш постидеолошки. Дамна, кога членовите на средната класа беа револуционери кои ги напаѓаа упориштата на аристократијата, идеите како Бог, слобода, напредок, патриотизам и еднаквост, им значеа многу. Тие беа најважното оружје во битката за срцата и умовите. Но, штом се фатија на вообичаената задача акумулација на капитал, тие грандиозни поими веќе немаа суштинско значење за нив. Дополнително, со секуларизирање и рационализирање на светот, капитализмот создаде клима во која таквите високоумни работи звучеа сè поневеројатно. На тој начин, додуша, тој си пресече и некои од сопствените корени.
Денес главно американските политичари зборуваат за Бога, слободата, „нашава голема земја“ и „нашите храбри мажи и жени во униформа“. Благодарение на своето пуританско наследство, Соединетите Држави се предводници во метафизиката, а истовремено и во материјализмот. Не можеме да го замислиме Џереми Хант како елоквентно беседи за вечниот долг на земјата спрема Семоќниот, наспроти долгот кон меѓународните кредитори. Како што еволуира капиталистичкото општество, неговата секојдневна практика се оддалечува од неговото реторичко самооправдување, што значи дека јазот меѓу она што го прави и она што го кажува станува енормно широк. Филозофите ова го нарекуваат перформативна контрадикција. Подобро е, тогаш, да се отфрли што повеќе метафизички багаж, колку што е можно за пристоен човек ‒ и во тој случај вистината, барем онаа која се пишува со голема буква, станува одвишна.
Вистината е она што нè принудува да веруваме, но верувањето не е она што ги држи заедно доцните капиталистички општества. Според владејачката идеологија на либерализмот, можете да верувате во што сакате сè додека тоа не ја попречува слободата на другите да го прават истото и не претставува сериозна закана за нивната благосостојба. На државата не ѝ е грижа во што верувате; тоа би било несфатливо за Жан Калвин или Оливер Кромвел, а неразбирливо е и за многу современи автократи. Покрај тоа, во релативистичкиот свет зборот „уверение“ има догматски призвук.
Ова е необично зашто верувањата се некако конститутивни за човечко суштество. Да се биде човек значи да се има сопствено гледиште за светот. Верувањата не мора да бидат опсесивни. Можеш да веруваш дека треба да се укине породувањето, но не да стоиш и да го извикуваш своето верување во мегафон. Кога се пријавил да стане професор, историчарот А.Џ. П. Тејлор на комисијата што ги интервјуирала кандидатите изјавил дека има екстремни политички мислења, но дека умерено се држи до нив.
Како што пред неколку векови, со раѓањето на протестантизмот, религиозноста била приватизирана, односно станала трансакција само меѓу поединецот и Бог, така и верувањето воопшто станало своевидно лично хоби, исто толку безопасно идиосинкратично како фолклорот или гулабарството. Она што ги држи таквите општества заедно ‒ конзумеризмот, материјалните интереси, владеењето на правото ‒ всушност не мора да поминува низ човечката свест, за разлика од исламските општествени аранжмани. Ова е еден начин на кој најновата западна мода ‒ тероризмот, а не комунизмот ‒ му ја одзема на Западот сериозната политичка предност. Солидарноста во таквите нации го проникнува целото општество, додека во Британија таа најмногу се сведува на фудбал. Зборот „фан“ е кратенка за „фанатик“.
За несреќа на Западот, токму кога исламизмот почна да бомбардира невини цивили, неговата култура постепено тргна по патот на скептицизмот и релативизмот. Вредноста на уверението опаѓаше до точката во која тоа е политички неопходно. Вистината е подредена на материјалните интереси. Во времето на Платон се сметало дека вистината е независна од световните работи. Таа била нешто апсолутно, издигнато над секојдневниот свет на незнаење и измама. Меѓутоа, подоцна, мислители како Фридрих Ниче тврдеа дека гледиштето од кое го набљудуваме светот во голема мера го одредува она што ќе го сметаме за вистина, а тоа е само едно меѓу многуте и е одредено, меѓу другото, со нашата борба за материјален опстанок. Со тоа не се порекнувала вистината, тука таа се сместувала во општествена и историска рамка.
Во нашево време тој аргумент е сведен на својата најстара верзија: вистината е едноставно инструмент на моќта. Го опишуваме светот на начин кој најдобро одговара на нашите интереси. А бидејќи има многу спротивставени интереси, има и многу спротивставени вистини. На сцената влегоа Доналд Трамп и големата лага, заедно со оние постмодернисти кои мислат дека вистината е она што е добро за мене. Вистината конечно беше или укината или приватизирана. Важно е само она што функционира ‒ а за таа цел може да послужи и отворената лага. Оксфордскиот англиски речник го дефинира терминот „to trump up“ како „да се измисли лажно обвинение или оправдување“.
Сето ова одговара на флуидното општество кое постојано се менува. Вистината и фактите, се чини, се статични, значи неспособни да опстанат во свет чија единствена трајна карактеристика е променливоста. Во светот на постмодерниот капитализам сè е флуидно, нестабилно, неосновано и привремено. Промената е добра, останувањето ист не е добро. Тоа можеби е точно за извршните директори на Tesco и Google, но како општ став е јасно бесмислено: ако упорноста и доследноста не функционираат, зошто да не се укине забраната за детскиот труд и да се испратат петгодишни деца на работа? Но, има и нешто апсолутно во врска со историската вистина што ги чеша Трамповите на светов. Ако е вистина дека императорот Тибериј починал во Капри во 37 година од новата ера, тоа било вистина тогаш, вистина е денес и несомнено ќе биде вистина и во 3000 година. Секако, можно е воопшто да не било така, но тоа е друго прашање.
Вистината е дискредитирана и од други причини. За Платон вистината била нешто длабоко, скриено под површината на појавите на секојдневниот живот. За постмодернизмот тој модел на површина/длабочина предизвикува непријатност од неколку причини, од кои едната се однесува на она што Ленин го нарече реалност на феномените. Во културата на слики, ѕвезди, брендови, моментална сензација и моментално задоволство, се чини дека сè е на површина; но ако нема длабочина, нема површина и целиот модел пропаѓа. Сликата е реалност како во изразот „ТВ реалност“. Она што го гледате е она што го добивате. Се бара некој да ја „сними“ ситуацијата, термин позајмен од филмот и телевизијата. Сето ова е доволно добро за политичката десница, која исто така не го сака моделот површина/длабочина оти сугерира дека постојат моќни но невидливи сили кои управуваат со нашите животи, меѓу кои силите на пазарот не се последните. „Сите важни процеси“, напиша Маркс, „се одвиваат зад грбот на поединецот“. Тоа што го гледаме и она што го добиваме воопшто не е исто. Ова верување е живо и денес, но сега неговото име е теорија на заговор.
Теоретичарите на заговор сфатија барем две работи: дека вистината може драматично да се разликува од официјално кажаното и дека обично е непријатна. Нема многу теоретичари на заговор кои тврдат дека светот го води добронамерно тајно друштво кое еден ден ќе депонира големи суми пари на секоја наша банкарска сметка. Меѓутоа, постои поатрактивен аспект на концептот на вистината. Самиот англиски збор „truth“ доаѓа од староанглискиот збор „triewth“, што значи вера или непоколебливост. Постои и сроден збор „troth“, што значи доверба или лојалност. Така се покажува дека вистината првично е морален концепт. Зборувањето на начин верен на состојбата на работите е тесно поврзано со тоа да се биде верен на другите. Всушност, второто е невозможно без првото. Без меѓусебна доверба не може да има општествено постоење. Затоа не е необично што лежерниот однос на Доналд Трамп кон фактите е поврзан со пцуечкиот презир спрема нему блиските човечки суштества.
Слики: Karl Hofer (1878‒1955)
Извор за текстот: UnHerd, 25.07.2023.
Превод: Н. Г.