За свесното отфрлање на животот (кон графичката новела „Пилешко со сливи“)

10.12.2020 15:35
За свесното отфрлање на животот (кон графичката новела „Пилешко со сливи“ од Марџан Сатрапи

Графичката новела „Пилешко со сливи“ е најновото издание на Темплум во едицијата „Лифт“.

Марџан Сатрапи добро ја знаеме поради графичката новела „Персеполис“, но тоа не е единствениот адут што го има во ракав. 

По што најмногу се разликуваат природните и уметничките приказни? Пред сѐ, според квалитетот на дијалог кој го водат протагонистите на приказната – дали приказната се темели на измислени или вистинити настани настани најдобро може да се заклучи според видот на речениците – тие можат да бидат неприродно книжевни како во бескрвните сапуници и во театарските претстави или пак директни и лишени од украси, преземени од животот. Графичката новела „Пилешко со сливи“ на иранската авторка Марџан Сатрапи (1969) им вдахнува живот на речениците онакви какви што ги слушаме и изговараме на улица, во јавен превоз или внатре во четири ѕидови, во интимниот простор во кој отворено ја покажуваме вистинската природа, не мислејќи притоа на љубопитното соседство.

„Пилешко со сливи“ започнува навидум невпечатливо - Насер Али Кан оди до продавница со музички инструменти за да купи нов тар. Преходниот тар му го скршила сопругата Нахид среде жестока семејна кавга. Насер Али Кан е страствен музичар кој редовно потфрла како татко бидејќи првенствено живее за музиката – нема работни навики бидејќи сите мисли му се врзани со свирењето, самоволен е и егоцентричен како семеен човек. Тој е особено непромислен и импулсивен кога се работи за неговата ќерка Фарзанех, љубеница со која дели многу внатрешни особини. Сопругата Нахид, по занимање учителка, мора покрај работата да ги држи под контрола сите семејни аспекти, што само ја зголемува нејзината склоност кон расправии.


Ниеден тар не може да ги задоволи креативните потреби на Насер Али Кан. Така, тој свесно одлучува да го прекине овоземскиот живот. Ја одбива омилената храна (пилешко со сливи), губи интерес за фаталните припаднички на спротивниот пол (Софија Лорен), разочаран е од своите деца кои неговото умирање не го доживуваат сериозно, а на сопругата во никој случај не сака да ѝ прости. Непоколеблив е во својата одлука да умре, која може да се интерпретира како облик на евтназија, бидејќи не може да живее без музика. Скршениот тар всушност не е единствената причина зошто пресушил изворот на вдахновение на Насер Али Кан, но тој детаљ не е згодно да се открие на потенцијалниот читател.

Иако „Пилешко со сливи“ е од помал обем (83 страници) авторката успева да прикаже бројни комплексни ситуации и нарушени меѓучовечки односи чии причини досегаат во длабокото минато. Кога раскажува за минати настани, Сатрапи како графичко решение користи црна позадина. Додека „Персеполис“ може да се класифицира како импресивно автобиографско четиво, „Пилешко со сливи“ е снажно биографско четиво во кое се предочуваат последните денови на вујкото, ексцентричниот музичар кој свесно одбива да живее бидејќи ја изгубил дарбата за свирење. Во „Персеполис“ преовладува реалистична атмосфера, додека во „Пилешко со сливи“ нема недостаток на мистична ирационалност.


Освен ирационалноста и драматичноста, Сатрапи користи хумористични елементи – за да го смири својот зборлив син Мозафар, Насер Али Кан користи опиум, што на детето му годи, па подоцна ги запрашува луѓето дали има опуим. Сатрапи во приказната вклучува многу смешни ситуации – иако се говори за надоаѓачка смрт, не недостига хумор. Цртежот е редуциран, што на ваков тип на раскажување одговара значително повеќе – премногу детаљи би го одвлекле вниманието на читателот. Сатрапи успева со цртежот да го раскаже она што не може да се раскаже со зборови, што значи дека цртежот има активна функција на наратор. Иако редуциран, цртежот на Марџан Сатрапи има способност да говори и да бара внимателно набљудување бидејќи на окото секогаш му бега некој детаљ.

Како и „Персеполис“, графичката новела „Пилешко со сливи“ исто така доби истоимена екранизација, но во облик на игран филм. Иако е родена во 1969 година, Сатрапи верно ја доловува општествената атмосфера во Техеран во 1958 година, и, што е најважно, со уверлива леснотија зборува за роднината кој никогаш не го видела, како и самата да ги проживеала тие денови. Сатрапи се потврдува како квалитетна раскажувачка, создава снажна приказна за човекот чија одлука предизвикува двојни реакции – свесното отфрлање кај животот на Насер Али Кан кај едни ќе предизвика презит и гнасење, додека други неговата постапка ќе ја толкуваат со воодушевување.


Дискутабилна е драстичната одлука на Насер Али Кан и поради тоа „Пилешко со сливи“ би можело да се користи во стручни и неформални расправи што се бават со свесно отфрлање на животот – дали евтаназијата и самоубиството се несакани облици на кукавичлук или се примери за храброст се само некои од прашањата кои би можеле да гои заинтересираат читателите. Сатрапи докажува како стрипот како медиум никако не е тривијален, туку е исклучително квалитетна книжевност што може да збуни, да запрепасти, да заскокотка, да го замисли и/или да го вжешти умот на читателот.

Извор: www.gkr.hr

ОкоБоли главаВицФото