Плати па клати

02.06.2020 10:47
Плати па клати

Деновиве во издание на книгоиздателство Темплум излезе графичкиот роман „Плати па клати: мемоари на еден уживател на проституција во слики и зборови“ од канадскиот автор Честер Браун. Преводот од англиски го направи Ивана Галапчева. Книгата има 292 страници во тврд повез и е единаесетто издание во едицијата Лифт.

Се работи за, во Канада а набрзо и ширум светот, најдискутираниот и прилично контроверзен графички роман од 2011-та. Графичката новела постигна забележителен критички и читателски успех, а како четиво кое адресира важни прашања околу сексуалната работа, доби поддршка од претставници на движењето за правата на сексуалните работници, вклучително и од Трејси Куан, Ени Спринкл и Меги Мекнил.


Двајт Гарнер од Њујорк Тајмс вели за стрипот: „’Плати па клати’ удира серија морални, интелектуални и возбудливи шлаканици. Ќе ви остане во глава, а веројатно и ќе ви застане во грло. Се работи за реалистично уметничко дело кое ги поставува вистинските прашања.“

Алан Мур, славниот стрип автор, вели: „Честер Браун е веројатно најјасниот, најискрениот и најрелевантниот глас во современиот стрип денес, а ова е, сметам, неговото најснажно и најтрогателно дело досега. ’Плати па клати’ го истражува животот на клиентите на најстариот занает на светот и тоа го прави со љубов, интелигенцијa и потполно отсуство на сентименталност или правдање за своите постапки.“


„Плати па клати“ е автобиографски стрип во кој Браун мошне емпатично и внимателно ги пренесува своите искуства од светот на проституцијата. Започнува од своите плашливи и несигурни почетоци, кога влегува без речиси никакви сознанија и постепено ги учи правилата на однесување и логистиката, до фазите кога некои од неговите средби со сексуалните работнички му стануваат многу важни долгорочни емотивни релации.

Темата на Браун е суштински фасцинантна – кого макар малку не го интересира сексуалниот живот на другите луѓе? Притоа Браун не само што е цртачки и сценаристички на највисоките можни нивоа, туку фасцинира и спојот меѓу хуморот и драмата со кој се проткаени неговите ‘девојки’. Браун дава човечки лик на често оцрнуваниот и карикиран лик на клиентите во проституцијата. Тој пишува со искреност и сочувство кои ретко се гледаат при тематизирање на мажите кои плаќаат за секс.


Браун ги документира своите средби со триесетина проститутки, од оние најнепријатните, чудни и тажнички средби, до оние најсимпатичните, топли и успешни. Минималистички илустрирани, дури и секс-сцените се пренесени воздржано и нееротизирано, и имајќи ги на ум бројните аспекти во кои авторот чувствувал должност да ја зачува анонимноста на жените. Ненаметливиот, игрив хумор, најчесто на сопствена сметка, со кој е проткаен стрипот, го прави главниот протагонист трогателно допадлив. Воедно, неговата нездржана искреност често оправдано провоцира реакции, а Браун ужива да поттикнува жестоки и остри дискусии.


Невообичаено за жанрот е што на крајот од книгата се поместени педесетина страници забелешки и полемичка дискусија во која авторот ги изложува своите аргументи за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа. Тоа го прави добро поткован со цитати од теорија и истражувања, но неговиот говор не е академски сувопарен, туку прегледен и приемчив и се чита во еден здив, дополнително потенцирајќи ја динамичноста на темата.


Според Нил Гејман, една од најголемите стрип ѕвезди, „Плати на клати е крајно лично остварување. Тоа е еден апсолутно реалистичен, нималку еротичен, исклучителночитлив и на моменти болен приказ на посветеното време, ричините и самотоискуство на плаќање за секс. Ова е книга што ќе ве предизвика да размислувате за нештата на сосем поинаков начин. А ако на крајот влезете во препирка сотекстот или со авторовите белешки, на Честер веројатно би му се допаднало тоа.“


Честер Браун (1960) е современ канадски стрип автор и илустратор. Неговиот прв поголем успех во алтернативните стрип кругови беше во 1980-тите со надреалниот, скатолошки серијал „Ед, среќниот кловн“, кај нас објавен во продолженија во списанието за стрип „Лифт“ (1996-2001). Во раните 1990-ти Браун почна да прави исповедни автобиографски стрипови и тогаш често беше поврзуван со колегите од Торонто, Сет и Џо Мет, кои често се појавуваат како ликови во неговите стрипови. Во овој период ги објави „Плејбој“ (1992) и „Никогаш не си ми се допаѓал“ (1994). Неочекуван голем успех оствари во 2000-тите со историско-биографскиот графички роман „Луј Риел“ (2003).

Како подарок за читателите на Окно ги приложуваме првите триесетина страници на стрипот.

ПрилогГолемина
Преземи2.12 MB

ОкоБоли главаВицФото