Масовна автоматизација и непотребнијат

06.01.2021 01:16
Масовна автоматизација и непотребнијат

Деновиве се сетив на еден познаник од основно улилиште, тврдокорен панкер и прекрасен математичар, кој ја презираше работата. Не сакам да бидам шраф во системот, зборуваше, не сакам да ме експлоатираат, работата е проблем на овој свет, никој не треба да работи. Заедно шпекулиравме за глобален генерален штрајк. (И сега понекогаш фантазирам за тоа.) Кога го видов последен пат, живуркаше со пензијата од баба му, живеат во ист стан, во едно банатско гратче (кое не е ни Панчево ни Зрењанин). Се навлекол на онлајн обложувалници. Понекогаш добива, понекогаш губи, но ако не е пензијата на баба му и наследениот социјален стан, не би можел да се покрие.

Се сетив на него и помислив дека оваа зима е совршена за да се навлечете на нешто, онлајн обложувалници, коцкарници, игри кои се проектирани да бидат адиктивни, да се навлечете не само на дигитални интерфејси (оваа тема ми е блиска зашто предавам дигитална уметност), туку на што било, од алкохол и забавување до хероин и пазарување.

Јасна е врската помеѓу работата и експлоатацијата, но што е со „неработата“?

Во време на масовна автоматизација и непотребнијат (сѐ побројна класа непотребни, луѓе кои се економски вишок, кои се препуштени на себеси и својата способност да се средат) со неработење ќе се доведеш во ситуација да бидеш експлоатиран шраф во системот и тоа многу повеќе отколку ако работиш. Дотолку повеќе што во дигиталниот свет НЕ ПОСТОИ НЕРАБОТЕЊЕ: дури и кога се забавувате, кога верувате дека се забавувате, кога навидум безделничите, сурфате или скролате, кога ви се чини дека не правите ништо, вие впрочем ефективно работите за Big Tech платформите.

Секој ваш лајк или клик, секое скролање, поен во игра, секунда на Јутјуб, па и ова што сега го пишувам на Фејсбук, ги тренира нивните алгоритми и им носи профит. Едноставно, тоа е начинот на кој функционира дигиталната економија. Џ. Белер одамна рече дека гледањето е работа. Денес тоа е мерливо и продажливо.

Од друга страна, да се работи нешто посветено и нецинички е голема привилегија: кога работиш на тој начин, не чувствуваш дека поминува времето. Па уште кога тоа го правиш со години! Посакајте им го тоа на оние што ги сакате најмногу! Наспроти непотребнијатот се наоѓа добро платена менаџерско-експертска елита, па дури и тие - Грејбер нѐ учеше така - често ги презираат своите работни места, навидум престижни а впрочем јалови и срање, и тајно им завидуваат на другите кои работат нешто смислено за помалку пари. (Не реков „она што го сакаат“ туку „нешто смислено“, разликата е клучна.)

Зошто го пишувам сево ова? Ми се чини дека за младите луѓе оваа зима ќе биде пресвртна. Некои ќе научат нов занает, ќе прочитаат куп книги, ќе развијат внатрешна дисциплина, ќе се соочат со себеси и ќе стекнат психичка сила еден ден да бидат двигатели во своите заедници, додека други ќе им се препуштат на зависностите а себеси ќе се убедат - тоа е замката од која се плашам најмногу - дека тоа го прават од револт кон системот и зашто сакаат да бидат слободни.

Што е покорисно за економската мелница од зависникот? Единствено, цела генерација зависници. Затоа прашањето за секој млад човек оваа зима е: дали сум во состојба да преземам одговорност за своето образование и за своето формирање (зашто училиштето нема да го очекува тоа од мене, нема да очекуваат ни родителите, верувајте, никој нема да очекува), или ќе му се препуштам на секој свој дебилен порив и ќе станам мелено месо?

Препорака: документарната серија „The Trap: What Happened to Our Dream of Freedom“ на Адам Куртис (БиБиСи, 2007). Три дела, вкупно три часа, питок и паметен видео есеј за замките на шупливата и неартикулирана слобода.

Слики: Sheila Nicolin

Извор: Фејсбук