Креативниот труд и приказните што победуваат

09.05.2018 00:15
Креативниот труд и приказните што победуваат

Кога бев мала мислев дека сите имаат милион идеи во главата и дека сите се еднакво игриви и љубопитни за работите за кои јас сум љубопитна. Кога пораснав научив задоволството да го ставам во една кутија ‘Хоби’, а ‘Работата’ да биде нешто друго. Со текот на часовникот, за кој тогаш не бев свесна дека е бележник на невидлива работа за која немав концепт, ‘Работата’ порасна во картонско чудовиште врз кутијата ‘Хоби’ што се намалуваше до непостоење, а со тоа и задоволството. Што имаше во таа ‘Хоби’ кутија?

Во таа кутија се сите хартиени признанија што ми ги даваа во основно училиште за песнички, текстови и цртежи. Во таа кутија се сите театарски претстави, сценарија, рачни изработки, книги, објави и изведбени обиди во средно и на факултет по кои следуваше тапкање по рамо и по некое патување на фестивал.

Во таа кутија се сите светови на кои работам и истражувам цело време и од кога знам за себе зашто не постои нешто такво како Работна Ивана и Домашна Ивана, Ивана за пред комшиите, Ивана пред компјутер. Во таа кутија се сите организирања, менаџирања, полирања на текстови, неспиења за задоволство. Во таа кутија се сите изиграни краткотрајни соработки за нечиј профит, приказната дека сè што искрено сакам да правам е плус, плус како чувството за својот автентичен труд, како чувството за себе. Во таа кутија е гласот што вели дека ако она што ми е навистина задоволство го продавам за пари, тоа е проституција на мислата.

Во другата кутија наречена ‘Работа’ има многу работи, од кои најсилен е еден друг глас што страста, односно првата кутија, ја меша за мрзливост. И покрај тоа што работната фанатичност си крева споменици низ телово, по вратот, на грбот, во стомакот, на дробовите, на забите, на очите, како болки од истоштеност, и сронети заби и крвави белки и ‘нормализираните’ свирчиња низ ‘рбетот до кичмата, гласот од втората кутија што зборува за мрзливост сè уште постои. Како некој да го има всадено тој глас во глава, нешто како допингот со политички реални шоуа до очекување дека фацата на некој политичар ќе излезе од фрижидерот.

Тој глас опстојува, се храни, и тој глас вели дека имагинативниот капитал не се компензира финансиски, зашто во култура на една идеја каде вредното секогаш има итно физичка форма, дополнителни идеи се непотребни. Како да живееме во фабрика на извршувачи, колективно убедени дека тоа не е така, или дека ако е, не може да биде различно зашто отсекогаш било вака, дури и кога не било, зашто може да биде и полошо.

Како тој глас под задоволство да подразбира деноноќно излежување на кауч со чипс во рака. Како тој глас да нема симпатија за автентична мисла и добро завршена работа базирана на таа идеја. Како тој глас да има проблем со трајна исполнетост, со соработка, со позитивна енергија, со насмевка, со искусување и учење низ процесот, со позитивен став на остварување, со задоволство. Како тој глас да е тивок кога сите овие состојби се гласни. Како ако тој глас не победува, тогаш аптекарските приказни да стануваат непотребни, чувствата околу игрите на среќа да се задоволени во благосостојба, супермаркетите да се свежина од нива на локални продукти, како да се случуваат други приказни.

Кога прошетав видов безидејни машинерии што пискаат по идеи. Исто така, видов како ретки автентични идеи се локомотива и како приказната за креативниот труд е приказна за креативен и позитивен социјален капитал како алтернативна на сировата идеја за екплоатација. Како оваа идеја за експлоатација што зборува онолку гласно колку што е финансирана да ги поседувала двата гласа во главава, и оној од првата кутија за проституција, и оној од втората кутија за мрзливост и оној генералниот што викал дека сите имаме слична фантазија и пориви.

Како оваа идеја за експлоатација, спакувана во некои шаренила, да се вози врз сиромашниот свет кој е осигурано убеден во приказната за креативна импотенција. Сиромашниот свет каде банда силеџии газат пешаци, велосипедисти и ниви со најакиот автомобил. Каде силеџии што не гледаат подалеку од носот се одлични супервизори. Каде истите се ставаат за чувари на логори.

Тука, приказната за ‘Работа наспроти Хоби’ се заменува со приказна во која трудот на индивидуата е еден и автентичен, во која мерачот за успех е во рацете на заедницата што има информирано разбирање за човечки труд по кое е изградена структура за непречена комуникација и издржлива соработка.

Во оваа приказна за креативен труд она што го практикуваме се случува. И така почнуваме да наслушнуваме некои древни гласови од почетокот на времето, невклучени во официјалната историја на печатницата на потреби.

Во оваа приказна знаеме дека некој сака да заборавиме дека никогаш не сме биле сами, дека истиот тој ги смета алтернативните гласови за смешни (silly), дека ја налева сериозноста на некое друго место каде вистински труд е продукција што резултира само со одредени физички добра.

Во оваа приказна знаеме дека некој сака да заборавиме дека ние сме нашиот труд, и дека приказната што ја практикуваме секој ден победува. Во оваа приказна знаеме дека некој сака да заборавиме дека цената на креативниот труд вложен во овој текст треба да значи финансиска слобода за авторката. Но, таа структура не комуницира, не соработува, не го зема мерачот во свои раце.

И тогаш, приказната што победува е онаа во која продолжуваме да чекориме секојдневно во секојдневието, по истиот пат, со истите практики, по истите навики, во истата приказна што вика дека ова е единствениот начин и пат што човештвото го познава, и така треба да биде и не можеме да замислиме друга желба зашто за Дедо Мраз знаеме од Кока кола.

Слики: Mariah Morrell