Кога ќе помислам на Славко Јаневски

11.01.2021 15:43
Кога ќе помислам на Славко Јаневски

Секогаш кога ќе помислам на Славко Јаневски, не помислувам ниту на „Миракули на грозомората“, неговата моја омилена трилогија, ниту на Пупи Паф, ниту на „И петто годишно време“, расказите што многу ги сакам, ниту на неговите домашни бонсаи кои имав можност да ги видам во живо, на неговиот тегет џемпер врз карирана кошула и сомот панталони спроти мене... туку секогаш помислувам само на „Улица“. На неговата повест „Улица“ од 1950 година, но, уште повеќе на обична, едноставна предземјотресна скопска улица која иако не постои, во секое време можам да поминам низ неа и да стасам кај и да сум тргната. Во Скопје нема улица што го носи неговото име, а Славко Јаневски за мене, всушност е улица. Улица што ја нема.

Отсекогаш ме интересирал односот помеѓу улиците и луѓето кои живеат на нив. Особено, луѓето кои стануваат писатели. Дали улиците ги создаваат писателите или писателите ги создаваат улиците? Додека ја пишував мојата збирка раскази „Улиците што ги нема“ интензивно мислев и ги шетав улиците во овој град. Бев длабоко трогната поради страшната практика за нивно преименување. Не може едноставно да се промени име на улица, а таа да остане истата улица. Тоа е исто како да се промени насловот на повеста на Славко Јаневски. Имињата на улиците се како наслови на книгите. Еднаш ставени, треба да останат засекогаш. Како што насловите се врзуваат трајно со текстот зад нив; така и улиците трајно се врзуваат со судбините на луѓето кои живеат на нив.

Во Скопје сѐ уште постои прозорецот од кој Славко Јаневски бил судија на детските натпревари што се играле во дворот. Сега атриум зад поштата. Ова е најубавиот споменик во овој град. Споменик што го нема. Ова би можела да биде улица што ја нема, ама да се вика барем „Славко Јаневски“ и да си поминуваме низ неа, кај и да сме тргнати. Во книжевноста или во мислите.

Градовите се книжевни хербариуми со сеќавања боцнати на стиропорот на стварноста. Секогаш кога ќе помислам на Славко Јаневски, помислувам на улица што ја нема, начичкана со куќи и дворови што ги нема. Градовите се потпирки за книгите. Не верувам во книжевност во која нема роден град. Може да се гледа повеќе и помалку, зависно од аголот на писателот, но не може да го нема.

Фотографија: МАРХ

ОкоБоли главаВицФото