Дај рака. Нека бидат 22,5 отсто.

25.01.2021 11:35

Па ако е така, тогаш ај воопшто и да не правиме попис. Ако и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев велат дека никој нема намера да чепка во стекнатите права на Албанците, ако ДУИ вели дека нема да го признае пописот ако Албанците излезат под 20 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ дека нема да признае ако Албанците излезат над 25 отсто, тогаш нека седнат, нека се испазарат. Кога веќе со пописот се фокусирани на етничката, а не на реалната потреба од пребројување, дај барем да не трошиме пари. Еве, дај си рака. Нека бидат 22,5 отсто.

Како никој не се вознемири и рече дека нема да ги признае резултатите ако излезе дека, на пример, има помалку градинки, училишта и болници отколку што треба според бројот на жители и според старосната структура? Како никој не се закани дека ќе го поништи пописот ако излезе дека бројот на општински службеници е несразмерно голем во однос на граѓаните што живеат во општината? Како никој не се загрижи дека без податоци од пописот државата не може да го планира развојот? Ама, кому му е гајле за плановите на државата? Најважно е како партијата да испланира колку кадри може да вработи на државна сметка ако победи на избори.

Горан Михајловски, СКД, 22.01.21.