Герила акции за „Јавна соба“

05.03.2021 12:27
Герила акции за „Јавна соба“

Пред влезната врата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) беа поставени кутии кои симулираа доказен материјал за случајот „Јавна соба“, информираа активистите од организацијата „Еквалис“, кои ја направија герила акцијата „ОЈО се прави на три и пол“. Целта е да им посочи на јавните обвинители дека постои доволен доказен материјал во случајот „Јавна соба“, но и дека непостапувањето е соучество во кривичното дело.

„Иако првичната група на ‘Јавна соба’ е затворена, во меѓувреме е отворена и нова група ‘Јавна соба 2021’, каде што, повторно, се сторени повеќе кривични дела“, се додава во објавата на „Еквалис“.

Оттаму посочуваат и на барањата кои Платформата за родова еднаквост ги испратила до јавниот обвинител и претседателот на Советот на јавни обвинители со кои побара итно и безусловно постапување по кривични дела од овој случај како ‘злоупотреба на лични податоци’, ‘посредување во вршење проституција’, ‘загрозување на безбедноста’ или ‘ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем’, зависно од околностите на случајот, доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и истражни постапки во случаите на насилство врз жени“.

Активистки на „Еквалис“ вчера (4 март), организираа герила акција пред Министерството за внатрешни работи каде ги прикажаа пораките кои циркулираат во групите како „Јавна соба“. Оттаму, исто така порачаа дека случајот претставува кривично дело.

Случајот првично и стана познат на јавноста минатата година, а повторно се актуелизираше во јануари, годинава, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите насловени „Јавна соба“, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.