Четири нешта што треба да ги знаете за границите

17.03.2021 01:40
Четири нешта што треба да ги знаете за границите

Во последно време се покренаа вртоглав број иницијативи за гранична контрола, а американско-мексиканската граница имаше истакната улога во овие настојувања. Границата е моќен симбол на инклузија и ексклузија кој се протегнува многу подалеку од буквалниот ѕид кој ги става во рамки границите на некоја нација. Таа е моќна присутност со променлив облик која може насекаде да се почуствува како отворена, но и како прикриена спроведба. Можеби не ги знаете следните четири нешта за границите, но би требало да ги знаете.

1. Насилството над мигрантите кои ги санкционира државата не е никаква новост. Раздвојувањето семејства, задржувањето на неодредено време и другите хуманитарни кризи кои се дел од искуството на денешните мигранти се продолжение на долгата историја на хостилност која добива различни облици. Да го разгледаме случајот со медицинската депортација - присилно преместување на хронично болни или тешко повредени мигранти во друга држава - која веќе со години се случува во САД. Тоа е помалку познат, континуиран пример на насилство на граница чии учиноци се невидени. Некои од најспорните случаи вклучуваат превоз на онесвестени имигранти на кои им е потребна сериозна долготрајна нега до рудиментарни клиники во други земји кои овие пациенти се согласуваат да ги прифатат како замена за скапата медицинска опрема. Не станува збор само за нерегулирана болничка пракса, туку и за кршење на американскиот закон во кој изрично е наведено дека депортациите се исклучива одговорност на сојузното Министерство за татковинска безбедност. Сојузните гранични власти и многу локални агенции за спроведување на законот упорно молчат за овој проблем и така дозволуваат тоа да се случува и натаму. Со оркестрирање на депортациите болниците го прошируваат дофатот на државата и впрочем ја заменуваат со своето директно учествување во чинот на преместување во случаи за кои државата нема интерес или одбива да дејствува. Медицинската депортација е грубо кршење на човековите (а да не ги ни споменуваме правната постапка, информираната согласност и приватноста) кои ги оспорија American College of Physicians и American Medical Association. Меѓутоа, и натаму се случува. Нужна е историска анализа за да се разберат суровоста и злоставувањето на границите како дел од поголемиот систем кој дозволува такви постапки. Колку и тоа да е поразувачки, ставањето деца во кафези не е, ниту некогаш било „абнормално“ постапување во рамки на системската логика на граничната контрола.

2. Граничната контрола добива многу различни облици и мора да бидеме свесни како за прикриените, така и за отворените методи. На пример, „јавниот товар“ (public charge) е клучна доселеничка политика која пречесто се занемарува. Повеќе од стотина години оваа законска одредба опстојува под надлежноста на несудскиот персонал и без надзор од законодавството или судовите. Овозможи присилно премесување имигранти, вклучувајќи ги оние со легален престој, врз основа на дискредитациска одлука дали некој поединец има потенцијал да стане товар за државата. Во својата претходна фаза, за време на масовните миграции на Европејците на почетокот од минатиот век (1892-1920 година), „јавниот товар“ беше најчесто користена категорија за исклучување, зашто нејзината недефинираност ја прави мошне практична во примената.

Во поново време, на 12 август 2019 година, администрацијата на Трамп најави брзи промени на Законот за јавен товар со кои сериозно се ограничува легалната имиграција преку ускратување на постојаното престојувалиште (односно „зелените карти“) за мигрантите кои користат Медикеид, бонови за храна, субвенции за јавно домување и други форми на социјална заштита. Ова настојување драматично да се промени националниот имиграциски систем се подготвува уште од почетокот на мандатот на Трамп, а со оглед на тоа дека се работи за управен закон, за оваа промена не е потребно одобрување од Конгресот. Секако, веднаш после инаугурацијата на Доналд Трамп, од Министерството за татковинска безбедност протече интерен допис во кој се предложени нови насоки кои значително ја прошируваат дефиницијата кому е забранет пристапот врз основа на користење или потенцијалот да ги користи јавните надоместоци, иако има право на тоа. Администрацијата на Трамп во суштината на јавниот товар гледаше можност „легалните“ имигранти да ги направи „илегални“ - што е практика која порано се користеше за да им се ускратат здравствените услуги и програмите за социјална заштита на имигрантите. Освен тоа, наведеното ја нагласува неискрената реторика на антиимигрантските групи кои повикуваат на остри мерки против „илегалната“ односно „лошата“ имиграција зашто им штети на „легалните“ односно, на „добрите“ имигранти. Меѓу нив нема никаква разлика. Секако, мерките против „илегалните миграции“ се едноставно настојување да се прикрие вистинската мета: сите мигранти.

3. Границата не е одвоива од внатрешните механизми на нацијата. Впрочем, би можело да се каже дека во САД границата е место каде што се артикулираат внатрешните стравови на нацијата. Од деведесеттите години границата доби уште поголема симболичка и културна важност за националниот идентитет на САД. Потешкотијата во врска со националната безбедност помогна да се зацврстат пограничните краишта како опиплив фронт во често нематеријалната „глобална војна против тероризмот“. Во исто време брзорастечката имигрантска популација почна да се населува во нетрадиционални одредишни држави. Можностите за работа во државите од југоистокот, средниот запад и Карпестите планини ги одвлекоа имигрантите далеку од вообичаените крајбрежни градови. Помеѓу 1990 и 2000 година населението со странско место на раѓање се зголеми за повеќе од двапати во многу од овие нови одредишта. И додека Кити Калавита, Рут Милкман и другите научнички повторно и повторно го нагласуваат историскиот факт дека надниците се намалени, а приходната еднаквост се зголеми како резултат на деиндустријализацијата, одливот на капитал, економското реструктурирање и укинувањето на синдикатите во седумдесеттите и осумдесеттите (сето тоа се случи пред приливот на имигранти во централна Америка), имигрантите остануваат лесна мета во овие немирни времиња. Според тоа, јакнењето на американско-мексиканската граница се смета за неопходно за да се врати чувството на стабилност, особено во случајот на заедниците оддалечени од пограничните подрачја, кои воочуваат дека нивниот живот во „срцето на земјата“ се менува на начини кои веќе не го ставаат фокусот на нивните искуства.

4. Миграциските обрасци не се случајни. Масовното иселување е директно поврзано со американската империја, без разлика дали заради капиталните вложувања, политичките врски или воениот ангажман. На пример, американската трговија со Мексико се зголеми осум пати во периодот помеѓу 1986 и 2004 година. Меѓутоа, националната доселеничка политика останува речиси во целост фиксирана на граничната контрола и покрај ваквата вградена поврзаност помеѓу циркулацијата на капиталот и циркулацијата на луѓето. Популарната преокупираност со буквалната американско-мексиканска граница послужи како жртвено јагне за разни национални стремежи, особено оние кои се однесуваат на националната и економската сигурност. На тој начин моменталната, навидум непотребна хуманитарна криза на границата впрочем донесува големи политички добивки. Произлезеното кршење на човековите права и мрежата за социјална сигурност за граѓаните и неграѓаните во името на граничната контрола има важна улога во изградбата на империјата. Во суштина, границите се демаркациска линија на моќта.

Лиса Сун-Хи Парк е професорка и претседателка на Азиско-американските студии и членка на Феминистичките студии и Социологија на Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара. Интердисциплинираното истражување на Лиса Сун-Хи Парк е фокусирано на политиката на миграциите, расата, здравствената заштита и еколошката правда. Во моментов работи на два различни проекти: 1) медицинската депортација и состојбата на мрежата за здравствена заштита за неосигурани имигранти со ниски приходи во САД и 2) Environmental Privilege, Climate Change, and Making a Killing On the Coming Apocalypse.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Alejandro Prieto

Извор: http://slobodnifilozofski.com/