Г-ѓа Дарвин: Шимпанзоно, го гледаш? Малку ми личи на тебе

25.03.2021 13:05
Г-ѓа Дарвин: Шимпанзоно, го гледаш? Малку ми личи на тебе

 

Г-ѓа Езопова

 

Боже мили, беше здодевен до бесвест. Беше ситен,
неупадлив. Па се трудеше да биде допадлив. Мртвите,
г-ѓо Езопова,
ќе речеше, не кажуваат приказни. Е па
да ви кажам врабецот во рака му се посра врз ракав,
а да не зборувам за гулабот на гранка. Тоа па тоа.
 

Најлошо беше на излегување. Ќе застанеше кај капијата,
ќе скокнеше, па ќе речеше Оп; ќе побараше плашливо
глувче во оградата, итра лисица на ливадата, а на небо
едната ластовица што не ја прави пролетта. Чавката,
според него, му завидуваше на орелот. Секое магаре

сакало да биде лав. На една ужасна вечерна прошетка,
минавме крај некој стар зајак заспан во дупка – застана
да си фати белешка – а на километар оттаму, однекаде
се појави нечија желка, бавна ко нашиот брак. Полека, но
сигурно, г-ѓо Езопова, се победува во трката.
Глупандер.

Каква трка? Какво кисело грозје? Какви бисери и свињи,
какво куче во штала, каква голема риба? Некои денови
одвај останував будна додека басната си баботеше до
сопственото наравоучение. Делата, Езопова, говорат
погласно од зборовите.
А да додадам и дека сексот

ни беше пекол. Па му дадов една поука една вечер
за еден петел што не кукурикал, една остра секира
со срце поцрно од млекото што го изгорело лончето.
Ќе ти го исечам опашот, му реков, за да си го обелам
образот.
Така му ја затнав муцката. И се смеев последна.

 

 

Г-ѓа Дарвин

7. април 1852

Во Зоолошка, денес
му реков:
Шимпанзоно, го гледаш?
Малку ми личи на тебе.

 


Ен Хатавеј

„на жена ми ѝ го оставам понеудобниот кревет...“
(од тестаментот на Шекспир)

Креветот во кој се љубевме беше вртоглав свет од
шуми, замоци, факели, гребени, морски бранови
во кои нуркавме по бисери. Неговите зборови
беа ѕвезди што паѓаа наземи исто ко бакнежи
врз усниве; моето тело, напати нежна рима
со неговото, напати само ехо или асонанца;
допирот негов – глагол во танц среде именка.
Некои ноќи, сонував дека ме напишал, креветот
страница под неговите раце на писател. Романса
и драма одиграни наслепо, по слух, по мирис, вкус.
Во другиот кревет, поудобниот, гостите си дремеа во
барички проза. Мојата жива, радосна љубов кон него
– си ја носам во ковчегот на мојава глава на вдовица
ко што тој ме носеше кон нашиот кревет, понеудобниот.


Препев: Магдалена Хорват

Слики: Bo Bartlett

Сроден прилог: Црвенкапа

ОкоБоли главаВицФото