Кој има поголемо влијание врз климата: вулканот или човекот?

05.04.2021 01:10
Кој има поголемо влијание врз климата: вулканот или човекот?

Вулканот Етна

Неодамна одекна веста за ерупцијата на вулканот Етна на Сицилија, кој повеќе од една недела исфрлаше лава, пепел и вулкански карпи. Заради опасност од дефекти на моторите на авионите, како и заради намалената видливост, беше затворен блискиот аеродрон во Катанија.

На Земјата постојат околу 1 500 вулкани, од кои 600 во моментов се наоѓаат на листата активни. Најголем број од активните вулкани се наоѓаат во пацифичкиот регион (Огнениот појас на Пацификот). Врз основа на податоците и анализите кои ги врши Global Volcanism Program, Smithsonian Institution, во 2020 година имало 66 вулкански ерупции, додека годинава биле забележани 45.

Ерупциите претставуваат застрашувачка глетка и кога ќе се случат, не сакате да бидете во нивна близина. Ерупциите на вулканите во многу краток временски интервал емитуваат големи количини гасови и вулкански материјал. Затоа се стекнува впечаток дека нивното влијание врз климата на Земјата е огромно и дека покрај таквиот спектакуларен настан човечкото влијание станува занемарливо.

Токму затоа кога климатските скептици сакаат да го оспорат човечкото влијание врз климата на нашата планета често посочуваат со прст кон вулканските ерупции.

За да дадеме одговор на прашањето во која мера ерупциите на вулканите влијаат на климата и дали нивното влијание е толку големо што може да ја поништи човечката активност, мораме да се осврнеме на карактеристиките и количината вулканска содржина при ерупција и да ја споредиме со човечките емисии.

Влијанието на вулканите врз климата

Вулканските ерупции исфрлаат голема количина вулкански гас, аеросоли и пепел во горната тропосфера и стратосферата. Гасовите, како што се сулфур диоксидот и јаглеродниот диоксид можат да имаат значајно влијание врз климата, преку ладењето и загревањето на атмосферата. Ефектот на ладење може да трае од неколку месеци до неколку години, во зависност од карактеристиките на ерупцијата. Исто така, во дамнешната историја на Земјата вулканите предизвикувале глобално затоплување, кога се јавувале зачестени вулкански ерупции, кои испуштале големи количини гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата.

Вулканот Пинатубо

Иако вулканите се наоѓаат на одредени места на Земјата, заради општата циркулација во атмосферата, ерупциите во тропските предели можат да влијаат на климата на двете хемисфери, додека ерупциите на средните или високите географски ширини имаат влијание само на хемисферата на која се наоѓаат.

Вулканите претставуваат природен извор на јаглерод диоксид. Тие преку процесот на кружење на јаглеродот во природата учествуваат во размената на овој гас со атмосферата, преку неговото испуштање при ерупциите. Бидејќи јаглерод диоксидот е гас од стаклената градина, се поставува прашањето во која мера испуштањето на овој гас влијае на глобалното затоплување?

Научните истражувања покажуваат дека ефектот на загревање е многу мал и дека ефектот на ладење го надминува придонесот на ова загревање, предизвикувајќи вкупно ладење кое трае околу две години после големата ерупција.

Како вулканите ја ладат атмосферата?

Вулканските ерупции создаваат облак со пепел, прашина и сулфур диоксид во тропосферата и стратосферата, кој понатаму се транспортира во воздушните струи ширум светот.

Најзначајното климатско влијание на вулканските ерупции, кои емитуваат големи количини сулфур диоксид во стратосферата, е токму оксидацијата на овој гас и формирањето сулфатни честички (аеросоли). Овие честички директно ја зголемуваат рефлексијата (одбивањето) на сончевото зрачење назад во вселената, ладејќи ја тропосферата и површината на Земјата.

Неколку ерупции во минатиот век предизвикаа пад на просечната температура на површината на Земјата до половина степен после период од една до три години. Ерупцијата на вулканот Пинатубо на 15 јуни 1991 на Филипини беше една од најголемите ерупции на дваесеттиот век и предизвика краткотрајно глобално заладување. Резултатот од создавањето облаци со сулфатни аеросоли беше намалување на приземната температура на воздухот (заради рефлектирањето на сончевото зрачење од страна на честичките од вулканскиот чад во долната стратофера) и загревањето на долната стратосфера (заради апсорпцијата на ултравиолетовото зрачење). Средното годишно ладење кое се појави заради ерупцијата на вулканот Пинатубо беше и до 0,4 степени целзиусови.

Со чистењето на сулфатниот аеросол од стратосферата, глобалната температура и трендот на глобалното затоплување се врати токму таму каде што беше пред оваа ерупција, па така целиот настан беше само привремена пауза во повеќедеценискиот тренд на загревање на планетата.

Кој емитува повеќе јаглерод диоксид: вулканите или човечката активност?

Истражувањата недвосмислено покажуваат дека човечките активности се одговор на ова често поставувано прашање. Меѓутоа, дискусијата за климатските промени и ширењето неточни информации преку интернет и социјалните мрежи го оживеа и зајакна уверувањето, распространето меѓу климатските скептици, дека вулканите емитуваат повеќе јаглерод диоксид од човекот.

Во милијардите години минато Земјата пронајде рамнотежа помеѓу јаглеродот кој е длабоко вовлечен во внатрешноста на земјината површина и јаглеродот кој се емитува од вулканите - процес кој помага во стабилизација на климата и животната средина.

Пред почетокот на индустриската револуција, концентрацијата на јаглеродот во природата била во рамнотежа и варирала во согласност со природните процеси. Меѓутоа, од стартот на индустриската револуција на почетокот од 19 век луѓето согорувале фосилни горива, ослободувајќи јаглерод во атмосферата како јаглерод диоксид. Процесите на кои им биле потребни милиони години за отстранување на јаглеродот од биосферата се обратни, така што истиот јаглерод се ослободува со невидена брзина како резултат на човечките активности.

Според најновиот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), вулканските емисии на јаглерод диоксид од 1750 година се околу 100 пати помали од оние создадени преку согорување фосилни горива. Годишните антропогени емисии изнесуваат околу 40 милијарди тони и секоја година стануваат сè поголеми, додека проценетите просечни годишни емисии на јаглерод диоксид од сите вулкани изнесуваат максимално околу 0,4 милијарди тони.

Како што може да се заклучи, вулканите имаат многу мало влијание на температурните промени во поново време, освен краткиот период после ерупцијата. Она што загрижува се податоците кои го покажуваат штетното влијание на човекот кое ќе ја промени климата на многу подолг временски период.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото