Термален комфор

28.07.2023 00:54
Термален комфор

Денес сè почесто зборуваме за климатските промени, нивните причини и последици, вниманието ни го привлекуваат екстремните (не)прилики, а повеќето од нас барем донекаде се запознаени со поимот „урбан остров на топлина“, за кој се пишува сè почесто.

Меѓутоа, постои уште еден поим кој е особено важен за сите нас кои живееме во градски средини, а за него сè уште не се знае доволно (барем кај пошироката јавност). Тоа е надворешниот термален комфор.

Термалниот комфор е субјективна категорија - но науката најде начин за да ја процени

Постојат повеќе научни дефиниции за термалниот комфор, меѓутоа најлесно можеме да го објасниме како „остојба на умот со која се изразува (не)задоволство од термичкото опкружување и се проценува со субјективна оценка“.

Големо влијание на економската активност и работните перформанси на вработените, здравјето на општата популација, квалитетот на животот, условите за домување има начинот на кој се чувствува човекот кога престојува во надворешна средина.

Можеби на прв поглед ова делува како премногу субјективен или генерализиран поим, но мораме да имаме предвид дека целата научна дисциплина (биоклиматологијата), која обединува илјадници научници од целиот свет, со децении се занимаваше со опсежни испитувања за да ги постави стандардите и да ги утврди индексите со кои можеме квантитативно да го пресметаме термалниот комфор.

Кога зборуваме за климата во градовите, некогаш ми делува дека премногу често се врзуваме со вредностите на температурата на воздухот. Климата во градовите е многу посложена и нејзиното влијание на луѓето не можеме да го сведеме на само еден метеоролошки параметар.

Термалниот комфор е многу повеќе од температурата на воздухот. Во зависност од тоа кој индекс го користиме за одредување на термалниот комфор (денес постојат околу 100 различни индекси), освен температурата на воздухот потребни ни се и податоците за брзината на ветерот, воздушниот притисок, релативната влажност на воздухот, притисокот на водената пареа, облачноста, висината на сонцето, радијалната температура (температурата на површините кои го опкружуваат човекот), итн.

Освен метеоролошките податоци, за да го одредиме термалниот комфор потребни ни се и податоци кои ги опишуваат физиолошките параметри (телесните параметри) како температурата на кожата, влажноста на кожата, телесната температура, брзината на движењето на човекот, пропустливоста на облеката...

Индексите на термалниот комфор нудат еквивалентни температури кои земаат предвид мноштво фактори - од влажноста и брзината на ветерот до облеката што ја носиме и брзината со која се движиме

Во научната заедница во моментов се препознаени неколку биоклиматски индекси кои се покажаа како особено поволни за оценување на термалниот комфор, а како еден од најчесто применливите на територијата на Европа е Универзалниот термален климатски индекс (УТЦИ), кој се изразува во еквивалентна температура.

Податоците како што се температурата на воздухот, влажноста, брзината на ветерот, телесните параметри, параметрите на облеката... се внесуваат во моделите каде како излезни податоци ги добиваме вредностите на индексите кои го опишуваат термалниот комфор и како дадените резултати се манифестираат на нашето здравје: дали постои опасност од дехидрација, на каков термички стрес е изложен нашиот организам, дали постои опасност од посериозни состојби како несвестица, топлотен удар или смрзнување (ако зборуваме за зимскиот период).

Понатаму, на термалниот комфор директно и индиректно влијаат други антропогени фактори како интензивната урбанизација, високата густина на населеноста, недостатокот на јавни и останати зелени површини, загадувањето на воздухот.

Прогресивната модификација на морфолошките карактеристики на градот, односно ширењето на зоните каде доминираат вештачки материјали како што се стаклото, челикот и бетонот, на штета на природните материјали и површини, доведува до акумулација на голема количина сончева енергија, која потоа се емитува во надворешната средина. Сите овие фактори комбинирани заедно придонесуваат за формирање на она што го нарекуваме урбан остров на топлина и влошување на термалниот комфор на отворено кој во нашиот регион е особено неповолен за време на најтоплите летни месеци (јули и август).

Термалниот комфор речиси воопшто не се зема предивд во домашната практика на просторното планирање

Во денешен контекст кога последиците од климатските промени речиси секојдневно ги чувствуваме на сопствена кожа, планерите и урбанистите мораат да го променат погледот на микроклимата на градовите. Термалниот комфор речиси воопшто не се зема предвид во домашната практика на просторното и урбанистичкото планирање, иако науката последниве години и децении многу укажуваше на неговата неопходност во одржливото урбано планирање.

Анализата на термалниот комфор на отворено мора да стане составен дел од плановите кои одредуваат како ќе изгледаат во иднина нашите градови и населби, зашто без тој аспект, не знам дали воопшто е можно да му се прилагодиме на животот во средина која се менува толку брзо.

Микроклимата и надворешниот термален комфор треба да се перципираат како важни планско-урбанистички услови при планирањето на градовите.

На пример, особено кај планирањето на зоните на лекувалиштата, односно деловите од градот каде се наоѓаат болниците, породилиштата, клиничките центри, односно објектите на здравствената заштита каде корисниците и вработените поминуваат многу време. Доколку на тоа не му се пристапи на адекватен начин, неповолниот надворешен термален комфор може да го забави закрепнувањето на пациентите, но и да ја отежне работата на медицинскиот персонал.

Следен пример се зоните со школски и претшколски објекти, каде децата и младите исто така поминуваат голем дел од денот, како и нивните наставници и воспитувачи. Потоа следат зоните на домување (особено важно за зоните со густо изградени повеќекатници кои и најчесто се градат денес).

Замислете цел ден да работите или да се школувате во дел од градот кој се одликува со неповолен термален комфор, а по напорниот ден одите во својот дом, кој исто така се наоѓа на локација со неповолен термален комфор. Тоа значи дека вашето тело е изложено на константен топлотен стрес на кој мора да се прилагодува одново и одново. Понекогаш телото не може да издржи таков физиолошки и метаболички напор, што и резултира со поголем број смртни случаи во текот на летните месеци кога термалниот комфор е најнеповолен.

Исто така, имајќи предвид дека градот е „жив механизам“ и неговата физиономија постојано се менува заради неговото ширење, губењето на зелените површини заради градењето нови објекти, многу е веројатно дека со текот на времето ќе се менуваат микроклиматските услови на локациите.

Со самото тоа ќе се менува и термалниот комфор и сето тоа укажува дека тој ќе биде уште понеповолен.

Решението за овие проблеми лежи во таканареченото биоклиматско планирање на градовите

Ширењето на станбено-комерцијалните зони со минимален удел на зеленилото, поплочените отворени плоштади без дрвја и сенки и пресечените дрвореди придонесуваат нашите градови да стануваат сè понеповолни за живот.

Прв следен логичен чекор е промена на парадигмата: од инвеститорски урбанизам кон биоклиматско планирање на градот. Неопходно е да се изработат мапи на термален комфор за различни делови од градот, да се идентификуваат најзагрозените зони и да се спроведат урбанистички интервенции кои, особено во летниот период, ќе ги ублажат не само термалниот комфор, туку и другите проблеми кои ги следат овие појави.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: SLAS 

Извор: https://klima101.rs/
 

ОкоБоли главаВицФото