Сакаме да покажеме колку е разнообразен светот

08.04.2021 11:31
Сакаме да покажеме колку е разнообразен светот

 

Маранке Ринк и Мартајн ван дер Линден се писателка и илустратор, брачен пар од Ротердам, кои заеднички изработуваат извонредни сликовици, како: „Го видел ли некој другото зајаче?“, „Чувствувам стапало“, „Бувот-џамлија“, „Констант“ и други.

Маранке пишува приказни за деца до десет години. Ужива да раскажува авантури полни со фантазија и хумор, со силна поврзаност помеѓу текстот и сликата. Мрази излишни зборови.

Мартајн најмногу сака да илустрира историски теми и тоа го прави многу внимателно. Но, сака и да црта животни и теми во кои може да ја ослободи фантазијата, како на пример, бајки.


Сања Михајловиќ-Костадиновска и Ѓорѓе Јовановиќ направија мали интервјуа со овие свои колеги, околу тоа како доаѓаат до приказните, динамиката на нивната соработка, но и околу сликовницата „Го видел ли некој другото зајаче?“ која е објавена на македонски во издание на „Сказнувалка“.
Маранке Ринк и Мартајн ван дер Линден

Ѓорѓе Јовановиќ и Мартајн:

Здраво, Мартајн. Мило ми е што ќе си помуабетиме. Најпрвин би сакал да те прашам кога се заинтересира за илустрација и илустрирање книги за деца?

Здраво! Ти благодарам! Уште како дете многу цртав. Потоа се запишав во уметнично училиште и таму за првпат илустрав книги за деца. И веднаш ги засакав.

Ми се допаѓа тоа што во твоите книги има многу животни. Се надевам дека тоа произлегува од твојот восхит кон сите овие прекрасни суштества, но ми се чини и дека укажуваш на огромниот број живи суштества со кои ја споделуваме оваа мала, чудна планета. Цртајќи ги учиш повеќе за нив и го пренесуваш тоа знаење на читателите. Може ли да ми кажеш нешто повеќе за тоа?

Сѐ е возможно кога црташ животни. Ги има во сите можни форми, големини и бои. Тоа ми дава голема уметничка слобода. Целта не ми е да ги подучувам децата за животните, но сакам да им укажам колку е разнообразен светот во кој живееме.

Стилот на твоите илустрации е доста разновиден. Во некои книги имаш „покласичен“ пристап, а во други минималистички. Како одлучуваш кој пристап ќе го одбереш?

Немам посебен стил на илустрација. Порано ова малку ме загрижуваше. Во уметничко училиште, но и подоцна, кога веќе си професионалец, постојано слушаш дека многу е важно да имаш постојан, препознатлив стил. Арно ама јас сакам да правам различни работи и за секој проект одлучувам што најмногу сметам дека одговара и во што најмногу би уживал во тој момент. Може и така!


Би сакал да те прашам и за аспектот на играта и интеракцијата што ги има во некои од твоите сликовници. Мислам дека многу важно тоа што се развива како игра, но има и едукативен и креативен аспект. Можеш ли да ми кажеш нешто повеќе за тоа?

Жена ми, Маранке, посака да направиме сликовница за игра што оживува. Во текот на процесот си рековме дека би било убаво да ја вклучиме и играта во книгата. Да биде покреативна и позабавна. Сликовницата да нуди повеќе можности. Не толку заради некаква едукација, колку за да се користи имагинацијата.

Често соработуваш со твојата жена Маранке која се јавува како автор на голем дел од твоите книги. Колку ваквата соработка е предност? Или, пак, може да биде и пречка?

Навистина добро соработуваме. Со никој друг не би имал толкава близина и не би можел да работам толку интензивно како со неа. Заедно се развиваме и лично и професионално веќе 20 (!) години. Тоа не може никако да биде пречка. Но, се разбира, има и несогласувања. Таа е секогаш многу искрена и отворена. Го кажува тоа што го мисли и тогаш кога нема да ѝ се допадне нешто што сум направил. Го кажува со убаво, но сепак. Па кога не сме задоволни од реакцијата или од мислењето на другиот, нема бегање, ха ха ха, знаеш... пак вечераме заедно и спиеме во ист кревет.

Периодов беше особен тежок и полн со предизвици на сите. Сепак, би сакал да те прашам колку ти најде инспирација во него? Дали имаш нови идеи за сликовници што можеби ќе ги одразуваат сите прашања и предизвици што произлегоа од пандемијата како грижа, солидарност, меѓучовечки односи итн.?

Да, минавме тежок период, и сѐ уште го минуваме, особено тешка ситуација за целиот свет. Влијаеше и на моето семејство и на мојата работа, но работите можеа да бидат и пострашни. Бевме многу зафатени со нашите деца. Едното од нив се разболе од Ковид, но сега е подобра. Работиме на неколку идеи за сликовници, но не ја одразуваат пандемијата во таа смисла Мислам дека фокусот ќе биде на позитивна мисла и забава. На креативност.


Сања Михајловиќ-Костадиновска и Маранке:

Книгата има патувачка структура. Што осознава главниот лик Зајко на својот пат?

Ви благодарам за овие убави прашања! Ќе се обидам да ги одговорам најдобро што умеам. Мислам дека Зајко учи да не се откажува од она што го сака - да го најде другото зајаче – и тогаш кога работите се усложнуваат. Го следи својот сон. И не се плаши да побара помош.

Како Зајко доаѓа до идејата да ја "победи" Змејка?

Тој веќе неколкупати дозна од претходните искуства дека постои двојник за сите оние што дотогаш ги сретна. Па ги искористи овие негови претходни искуства што на некој начин беа неуспешни (не му помогнаа непосредно) и дојде до решението.

Што за тебе значи пронаоѓањето на другиот?

Мислам дека е малку филозовско прашање. Дали сите ние имаме свој двојник? Некаква сродна душа? Дали сме сами, сосем единствени во својот вид, или не? Сакам да поставувам прашања, а не да давам одговори. Иако за децата веројатно ова е едноставно приказна за зајакот што го бара другиот зајак или Меморија. А приказната е исто така и само тоа и ништо повеќе. 

Кој е според тебе идеалниот детски читател?

Не постои идеален детски читател. Но се радувам кога децата се охрабрени да размислуваат со отворен ум и да ја користат својата имагинација.

Голема благодарност за прашањата и со среќа! Се надеваме дека се држите во овие тешки времиња!

Срдечни поздрави од Ротердам!

Сања Михајловиќ-Костадиновска и Ѓорѓе Јовановиќ

 

ОкоБоли главаВицФото