Првите 100 дена на Џо Бајден– што постигна досега?

01.05.2021 12:08
Првите 100 дена на Џо Бајден– што постигна досега?

 

Извор: Дојче веле

Обичајот по првите 100 дена од стапување на функцијата работата на политичарите да биде предмет на првична пообемна анализа за првпат е воведен за време на претседателството на Франклин Д.Рузвелт.

Претседателот Џо Бајден влезе во Белата куќа во јануари со амбициозни цели: да ја запре галопирачката пандемија, да ја обнови скршената економија во која милиони луѓе останаа без работа и да ги возобнови трансатлантските релации.

1. Одговорот на Ковид-пандемијата

Првото големо ветување на претседателот Бајден беше дека ќе обезбеди 100 милиони вакцини во првите 100 дена. Нешто што се чинеше како многу амбициозна цел го оствари по само 58 дена на функцијата.

Во март ја зголеми целта на 200 милиони вакцини и истата ја достигна на седум дена пред 100те дена. 29% од населението од САД е целосно вакцинирано, а над 40% имаат примено барем по една доза.

За многу брзо време 21 спортска арена, комунални центри и конференциски хали во Калифорнија, Флорида, Њујорк, Илиноис, Масачусетс и Тексас беа претворени во големи центри за вакцинација. Поради брзата организација на процесот, САД сега е на врвот земји по бројот на вакцинирани лица во светот, но појавата на новите мутации, одбивањето за вакцинација и загриженоста дека САД не придонесе кон глобалните напори во сузбивањето на пандемијата може да значи дека дел од овие успеси може да бидат краткорочни.

2. Миграција

Бајден презема брзи одлуки во врска со миграцијата, потпишувајќи најмалку три различни извршни мерки во март. Една се однесува на креирање работна група која ќе ги идентификува разделените семејства на границата со Мексико – политика која беше критикувана како нехумана во време на претходната администрација на Трамп. Но, Бајден ќе мора да се потпре на Конгресот за донесување на крупни промени. Во моментов има тесно мнозинство во Сенатот што може да му претставува проблем. Како што сега стојат работите се чини дека тешко оти ќе може да ги исполни дадените ветувања.

Бајден се бори да се справи со приливот на мигранти кои доаѓаат на американско-мексиканската граница. Само во март над 172.000 мигранти се фатени при обид да влезат во САД. Згрижувачките центри за малолетни лица без придружба се преполни, а одговорот на администрацијата брзо ја претвори оваа ситуација во главна политичка тема што не му оди во прилог на Бајден во анкетите.

Администрацијата исто така го смени курсот во однос на ограничувањата за бегалците. Во февруари Бајден вети дека ќе ја подигне границата во однос на тоа колкав број бегалци кои бегаат поради опасност во матичните земји ќе може да влезат во САД, од рекордно најниското ниво од 15.000 за време на Трамп, на 62.000. Но во април, Белата куќа објави дека останува нивото поставено од Трамп што разгневи многумина членови и во партијата на Бајден.

Фанатични поддржувачи на Трмап пред Конгресот во САД

Републиканците веќе го преземаа ова како тема против Бајден за следниот изборен циклус и за претседателските избори во 2024 година, но гласачите може да имаат краткорочно памтење така што ова прашање може и да нема влијание врз политичката иднина на Бајден.

3. Надворешна политика

Бајден мора да гази по тенок мраз кога станува збор за надворешната политика. Бурните односи кои ги имаше администрацијата на Трамп со долгогодишните сојузници е подобрена откако тој стапи на функцијата во јануари. Бајден си зададе за цел да ги обнови врските со поранешните американски сојузници, како ЕУ. Изјавите на Бајден на безбедносната конференција во Минхен и двете посети на американскиот државен секретар Ентони Бликен на Брисел на средби со НАТО сојузниците е индикатор дека тие вложуваат сериозни напори за повторно поврзување со трансатланскиот сојуз.

За време на предизборната кампања Бајден со остар тон зборуваше за Саудиска Арабија изјавувајќи дека ќе преземе брзи активности против земјата, нарекувајќи ја дури отпадничка држава. Но сега оваа реторика е променета па Бајден зборува за „прилагодување“ на односите со Саудијците. И покрај разузнавачкиот американски извештај во кој се посочува дека саудискиот принц Мохамед бин Салман го одобрил убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, администрацијата на Бајден престана да го смета Салман за одговорен.

Бајден има многу поостар пристап кон Русија за разлика од претходната администрација. Во март, Бајден отворено го нарече рускиот претседател Владимир Путин убиец и презема строги санкции заради руското мешање во изборите во САД во 2020. Тој разговараше со Путин и го предупреди да ја запре руската воена интервенција во Украина.

4. Климатски промени

Бајден брзо реагираше во однос на ветувањето да се врати кон Парискиот климатски договор од 2015 од кој претходниот претседател Трамп се повлече во 2017. Како дел од договорот, Бајден се обврза САД да ги намалат стакленичките гасови на половина до 2030 година. Сепак тоа е под обврските кои ги преземаа Европската Унија и Велика Британија.

За Бајден да ги постигне неговите климатски цели ќе зависи од тоа дали поделениот Конгрес ќе може да го изгласа законот за инфраструктура тежок милијарди долари. Планот е да се инвестираат во електрични возила и технологија за чиста енергија.

5. Економија

Првите недели од претседателството на Бајден се фокусирани на економијата која е на раб на колапс поради пандемијата. Со растечката невработеност која достигна рекордно ниво тој успеа – без поддршка од Републиканците – да го протурка Планот за спас со кој на секое американско домаќинство им се исплати по 1400 долари.

Заради вакцинацијата и имплементацијата на Американскиот план за спас, на пазарот на труд се отворија околу 1 милион работни места во март, со што стапката на невработеност се намали за 6%. Минатиот април, стапката на невработеност се вртеше околу 14%. Сепак бројот на вработеност е под нивото од пред пандемијата а има и загриженост од раст на инфлација како резултат на Планот за спас поради што е можно Американците да почнат одговорноста за тоа да му ја префрлаат на претседателот.