Сквотирањето е образовна практика

23.08.2021 02:47
Сквотирањето е образовна практика

Во пошироката јавна дискусија сквотирањето главно е сведено на тесниот поим на сквотираните простори кои се претвотерни во „автономни социјални центри“ и простори за уметничка продукција. Во поретки случаи ќе ги категоризираме и како начин на решавање на станбеното право на оние кои се присилени на таков несигурен и променлив станбен статус или во тоа гледаат алтернатива на пазарниот модел на домувањето. Понекогаш терминот се однесува и на специфични активистички акции, краткотрајни блокади и окупации на простори или терени, чија цел е спречување на евикцијата на станарите под хипотеки, инфраструктурни проекти кои ја загрозуваат природата и слично. Впрочем, сите примери на сквотирање можат да се гледаат како радикално средство на патот до политичките цели кои варираат според мерилата, дофатот, политичката ориентација и прагматичноста и нивната улога во урбаните политики секогаш е поширока од самиот чин или од големината на заедницата која учествува во процесот.

Овие категории сквотирање, како што ги предложи научникот Ханс Пруит, и натаму го опишуваат само врвот на сантата од она што активноста за заземање простори значеше во општествената историја, најмногу во Европа и Латинска Америка. Масовните сквотирања на неизнајмени станови беа вообичаени за време на брановите штрајкови против станбениот наем во големите градови како Будимпешта, градот Мексико, Мадрид и Неапол, на почетокот од минатиот век. Тогашните акции значајно влијаеја на динамиката на спроведување на моделот на социјално домување после Првата светска војна. Тогаш самоорганизирани вооружени жени ги чуваа влезовите на домовите на луѓето кои упаднаа во празните станови и одбиваа да платат наем. После Втората светска војна во Британија 40 000 домови беа населени во сквотирани воени објекти и напуштени демилитаризирани зони, од кои дури 5 000 во тогашна рурална Шкотска. Според британскиот архитект и педагог Колин Вард, сквотирањето како облик на колективна директна акција и заемна помош, подоцна беше важно искуство во формирањето на движењето за кооперативно домување, а потоа и во настанокот на парадигмата „право на град“ и во отпорот на неолибералните практики за управување со градовите, како и во афирмацијата на социјално-културните центри како нов стандард на прогресивните урбани средини. Низ целиот овој период на пренесување искуства од сквотирањето на другите политички движења, и самиот феномен го менуваше својот карактер.

За денешната перцепција на сквотирањето важни се две паралелни промени кои се случија изминатиов век. Првата промена се однесува на масовноста и интегрираноста на сквотирањето во другите општествени борби. Во својата претходна фаза, сквотирањето беше интегрирано во разни општествени и политички движења како масовна тактика која се користеше за разни, но нераздвојни цели на работништвото, сиромашните и луѓето без дом или земја. До седумдесеттите години сквотирањето се користеше паралелно со многу други тактики како што се штрајковите, директните акции, самоорганизираното градење и слично. Во тој период се избори цел спектар на важни елементи на социјалистичките, слободарските или феминистичките барања наспроти државата и капиталот. Сквотираа воените ветерани, бегалците, селаните кои останале без земја, суфражетките, мексиканските Магонисти, синдикатите, анархистите, студентите итн. Од седумдесеттите до денес сквотирањето се профилираше во тактика која ја избираа многу мал круг луѓе кои интензивно се поврзуваат со самата идеја за „окупација“ на просторот, градат идентитет во рамки на идејата и се поврзуваат во заедница. Тоа денес е познато како сквотерско движење (squatting movement) кое ја доживува својата кулминација во втората половина на осумдесеттите и во текот на деведесеттите во градови како Амстердам, Копенхаген и Берлин. Овој начин на сквотирање има поинаква структура на влијание на општествено политичките односи. Најпрвин, сквотерското движење привлекува помал број луѓе кои поинтензивно се идентификуваат како дел од оваа политичка борба и општественото влијание последично е лимитирано и послабо интегрирано во пошироките општествени борби.

Втората промена е поврзана со перцепцијата на домувањето и борбата за приуштив станбен простор. Речиси во истиот период кога почнуваат масовните сквотирања, во првата половина на 20 век, станбеното прашање исто така е интегрирано во другите политички борби. Решавањето на станбеното прашање за луѓето од пониските општествени слоеви е комплементарно со сите останати прашања за вклучување на обесправените во социјалниот буџет на модерното општество. Така домувањето е поврзано со прашањето за социјалната помош, работничките права, женското право на глас, мобилизацијата во војна и слично. Кон средината на векот, со големите промени во уделот на приватната сопственост во домувањето, со појавата на кредитите и соништата за средновековниот концепт за домувањето, јакне врската помеѓу идејата за независност и поседување недвижнини. За репродукција на поединечното или колективното самоостварување, приватната сопственост служи како доминантна институција за создавање дом. Како што истакнува сквотерот и урбанист Тино Бухолц во својата теза, последица на овие промени е изумирањето на интензитетот со кој се користеа разни тактики во афирмацијата на станбеното како интегрално политичко прашање, а наместо тоа се шират нови облици на ангажман поврзан исклучиво со станбените прилики (задруги, заговарање јавен наем, политика на социјално домување, па дури и property guardianship, односно штитење на недвижностите од сквотирање како форма на наемен договор - популарен како anti-squatting).

Како последица на овие две промени, значењето на сквотирањето последниве два века стеснето се посматра низ призмата на легитимитетот на приватната сопственост во контекст на употребната и пазарната вредност на просторот - што во доба кога недопирливоста на приватната сопственост е темелен етички принцип и норма, води кон уште поголема маргинализација и радикализација на движењето. Затоа сквотирањето најпосле е и правно формализирано, бидејќи ширум Европа се појавуваат првите закони кои го прават сквотирањето (како различно од провалата) илегално. Резултат се бројни евикции и опресивни акции ширум Европа во последниве дваесет години и слабеење на претходно споменатото сквотерско движење. Бројот и големината на сквотираните простори во Европа се намалува системски од средината на двеилјадитите години до денес. Освен законите, причина за тоа е и важноста на бизнисот со недвижности за локалните економии, како и урбаните политики за бјутификација и гентрификација кои се спроведуваат од 2010 година.

Заради овие промени сквотирањето стана помалку важно за репродукцијата на сопственичките, социјалните и политичките односи. Сепак, движењето и неговиот илегален статус ги раширија тешките прашања за привилегираноста во контекст на просторната правда - нееднаквите шанси и ограничениот избор да (не) се учествува во современите динамики на сопственоста и домувањето, репродукцијата на културата и општата транзиција на урбаните политики од генерацијата бумери на помладите генерации како што се миленијалците. Од политичка тактика сквотирањето стана непријатен општествено-економски феномен и терен на кој за односите на сопствеништвото, гентрификацијата и просторната правда се сопнуваат многу теоретски и прагматични политички опции. Во однос на тоа, сквотирањето сè уште успешно се надоврзува на сопствената долга традиција на урбанизмот одоздола и мобилизацијата во борбата за право на град и достапно домување, нешто што поурбаните и зелени партии би требало да го имаат како сопствена стратешка насока. Меѓутоа, или за среќа, не е така.

Колин Вард, архитект и педагог и еден од најважните хроничари на историјата на урбаните политики во Британија, забележува уште една улога на сквотирањето во репродукцијата на урбаните политики која до денес сè уште не е подлабоко истражена. Имено, сквотирањето е образовна практика за урбаните политики: „Огромен број луѓе во општеството не биле, а речиси сигурно ни сега не се образовани како активни граѓани кои учествуваат во донесувањето политички одлуки. Акцентот во нашиот образовен систем, особено на повисоките нивоа од основните, е на послушноста и покорноста. Ставовите на патернализмот и авторитарноста се длабоко вградени во нашата култура и допрва почнуваме да се движиме кон точката во која пошироко се прифаќа просветлувањето на филозофијата на образованието и признанието дека во нашето сè посложено и поотворено општество, граѓанството е нужна социјална вештина. [...] Вештините на демократските практики, полемики и донесувањето одлуки им беа непознати на многу семејства кои би пристапиле на сквотерски групи. Учеството, односно партиципацијата, за нив беше образовен процес, и тоа бавен, особено за семејствата кои се научени само на резиганција и безнадежност заради ограничените животни шанси.“

Дури и јас на пленумите и неделните состаноци во сквотираните простори ги учев темелните постулати на донесувањето одлуки во колектив, како и преземањето одговорност во одлучувањето за користење и управување со просторот. Многу е ретко некој вид просторни политички тактики да биде толку неодвоиво поврзан со моделот на радикална партиципација на сите учесници во процесите на одлучување. На тоа се надоврзува и познавањето на пошироката рамка на сопственичките односи, пазарните динамики и урбаните политики поврзани со недвижностите. Оние кои го познаваат сквотирањето од прва рака тоа го подразбираат инстинктивно, но познавањето на законите за сопственоста, урбанистичките процедури, културата на преговарање со институциите и сопствениците многу ретко е пренесено со таква „педагошка“ доследност, а цитатот на Вард го истакнува токму тој факт.

Сквотираните простори, без разлика дали се работи за субкултурни или станбени локации, своите корисници ги соочуваат со реалноста на урбаните политики и просторните неправди. Често, тоа се места за иницијација при учествувањето во јавни дискусии за просторни планови, освестување за градските политики и комодификација на јавниот простор, и сигурни простори во кои се создаваат алијанси од пошироко општествено и просторно значење. На пример, таков е случајот на Варшавската станарска организација која произлезе од порадикалното сквотерско крило на колективот Сирена, а кои функционираат заедно за да ги штитат станарските права на закуподавачите и малите сопственици, наспроти финансијализацијата на варшавскиот станбен фонд. Слични примери постојат во низа европски градови како Прага, Ротердам, Лондон, Брајтон, Брисел, Малага, Белград итн.

Ваквата слабо освестена улога на сквотирањето, како простор и заедница, во едукацијата на поединците за динамиките на урбаните политики е важна зашто во формална смисла речиси и да не постојат ни простори ни институции преку кои се учи како да се биде „станар“, „граѓанин“ или едноставно корисник на простор, и сите права и одговорности кои доаѓаат со тоа. Левите и зелените политички опции во овој простор би требало да гледаат насоки за сопствениот развој и подлога за јакнење на своето гласачко тело. Меѓутоа, или за среќа, не е така.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ване Костуранов

Извор: https://www.kulturpunkt.hr/

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Јавни простори / Свет
Активизам / Јавни простори / Свет
Активизам / Јавни простори / Европа
Активизам / Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото