Гранична состојба

30.08.2021 11:16
Гранична состојба

(Кон поетската збирка на Лидија Димковска Гранична состојба, во издание на Или-Или, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ во рамки на Струшките вечери на поезијата, 2021. Текстот е напишан за промоцијата на книгата одржана на 26. 07. 2021 година)

: : Помеѓу содржината, резимето и клучните зборови,
Историјата е реферат за животот и смртта.
По конференцијата уредно ќе биде објавена во зборник
Што никој никогаш нема да го прочита. : :
Лидија Димковска, Гранична состојба

Се обидов од ковчежето на значењата, од трезорот на уката за книжевноста да извлечам некои алатки за да му пристапам на телото, на организмот, на светот кој го артикулирала Лидија Димковска. Специфичен организам, кој не може да биде прецизно, без странишни сенки и разни други пунктуми скениран, ниту од најсовршената магнетна резонанца, ниту, пак, од најдобриот институт за молекуларни истражувања. Зошто – затоа што тоа е организам чии органи се родени со и од специфична клеточна структура која навидум, на прв поглед ни е целосно позната, блиска, наша, но веќе после само неколку временски фрактали сфаќаме дека тие клетки се измолкнуваат се трансформираат најавувајќи поинакво тело, поинаков организам. Така, сфатив дека ниту една херменевтичка, семиотичка, постструктуралистичка, а уште помалку структуралистичка анализа и техника на читање нема да ми помогне. Бидејќи Лидија Димковска создава живот кој самиот по себе е τέχνη, а не само технолошка/механичка направа.

Пред нас е животот со сите свои онтолошки претпоставки, јазични, мисловни, емоционални, непријатни, а, сепак, предизвикувачко посакувани лупинзи – пред нас е животот кој удира освестувачка шлаканица со пердув од некоја ретка птица. Она што таа шлаканица не ја прави насилна туку соочувачка е нејзиниот нежен и благороден допир со кој раната се продлабочува и трае за навек, како онаа на Болен Дојчин. Гранична состојба на Лидија е едновремено и болест и лек и раѓање и умирање и протест, борба и примирје – со себе, со светот кој се распаѓа и кој треба да се напушти, како што самата таа вели. Се разбира, доколку се има храброст да се согледа тоа распаѓање, лирска храброст каква што генерално творештвото на Лидија има. Поезијата на Лидија е дел од еден книжевен синхрониски и дијахрониски палимпсест низ чии слоеви се наѕираат световите на Силвија Плат, Вирџинија Вулф, Томас Стерн Елиот. Кој има кацитет да го издржи овој предизвик на книжевноста на Димковска, а пред сѐ на нејзиното најново поетско „гранично“ патување, ќе преживее во сопственото умирање.

Во полето на конфронтации на разумот, на знаењето и на чувствувањето поетско-тематските три „кластери“, да се иразам пандемиски, организирани во Гранична состојба, (Помеѓу утре и вчера, Распаѓање, Човекот или човештвото) кои ги формулира Димковска, претставуваат нова епистемолошко-книжевна алатка, нов метод за изнедрување на вистината. Разумот или она што е вон разумот е еднакво толку емотивна тема колку и љубовта. А Гранична состојба е храбро копање во ентропијата, за да се насети дека всушност, зад неискажаното, се пее химна за копнежот кон љубовта, кон заедничкото.

Димковска, низ Гранична состојба, ни покажува дека оној свет кој ние го знаеме, или тврдиме дека го знаеме, не е само течение на минливи впечатоци, збирка од шумови на страдање – тој е уреден свет кој ги почитива законитостите на доминантниот наратив, во кој како привид, како сениште ги живееме нашите животи, и со кој се манипулира и се прикрива фактот за тагата, за неправдата, за политичката неизбалансираност или политичкиот имагинариум, за да се одбегне неугодното во културата. Но, сепак, таа ни покажува, речиси картезијански, дека битката е во следното: тој свет не го наследуваме само од таткото и од мајката, туку го освојуваме со напрегнатост, со внимателна мисла за секој детал околу нас и добра диоптрија, која се менува и зголемува катаднево, обидувајќи се вредно, умно како Арахне, да исплете мрежи на поимања, релации, привлекувања и одбивања, од волна и срма – затоа што животот едновремено гребе и ранува како сирова волна и трепери, гали и восхитува како срма.

Она што е највозбудливо во поетската збирка Гранична состојба, која е квинтесенција на книжевниот свет на Димковска и по прашање на темите и по прашање на методологијата, на формата, на користењето на јазикот, е создавњето на поетско/исказно јадро кое прави реформа на сопственото мислење. Секоја констатација, секое согледување подлежи на отворената можност за преиначување, за преиспитување на она што е веќе нормирано и прифатено - како да повикува дека ние мораме многу да внимаваме и да се воздржуваме од прифаќање на мислења кои претходно сме ги прифатиле веќе. Тоа се тие поттикнувачки парадокси кои се бисерите од креативната школка на Лидија Димковска.

Патуваме помеѓу политичкото и теолошкото, помеѓу онтолошкото и гносеолошкото, и тоа во иста брзина, без сопирачки. И гневот од неправдата, од болката е прегрнат од клеточната структурата на еден организам чија арс поетика е длабоко вкотвена во животот, токму за да го надмине и преобрази.

Кога книжевноста едновремено, во истиот миг додека се среќавате со текстот, со целата зборовна исповед, ви предизвикува во првиот налет емоционален и мисловен удар во стомакот, а потоа, ве тера да направите стратегија и тактика за реорганизирање на светот, да направите речиси терористички, романтично теорористички исчекор, атентат на реалноста која никако не треба да ја прифатите и во која не можете да се вклопите, а сте присилени да ја живеете, тоа значи дека се случил исчекор кој некои го викаат револуција, некои бунт, некои перформативен отпор кон неугодното во културата, тогаш знаете дека се случил храбар дијалог со кој нешто поинакво му се поставува како задача на светот.

Зборот средба е клучен. До љубовта, побуната или песната не може да се дојде со дедукција ниту со мирен договор, а уште помалку со преговори и предвидлив исход. Со нив се среќаваме и доколку ги согледаме со силен пресврт на непосредниот живот отвораме поле на промена. Во поезијата на Лидија Димковска постои токму тоа - контингентност, непредвидливост, во сето длабоко вивисецирање на онтологијата на нашето постоење. Едновремен судир, па дури и ‘рвање на радост и тагата предизвикани од соголениот факт. Нејзината согледувачка непредвидливост е како самиот живот. И токму низ таа контингентна, непредвидлива средба во јазикот низ кој Лидија Димковска во својата Гранична состојба ги осознава интимните и заедничките политики, во кои времето минато и времето идно го дизајнираат времето сегашно, налик на она време за кое ни пее Томас Стерн Елиот во своите Четири квартети, со структурата на јазично-мисловниот процес низ кој Димковска упатува на важноста на архивата, на грижливото конзервирање на меморијата, се создава арматура отпорна на високите регистри на рихтеровата и меркалиевата скала за еден лебдечки преносен мост, кој води во секоја поединечна сегашност, за на крајот да се отслика заедничката, колективната стварност. Нејзината интимност станува наша субјективна стварност. Нејзината поезија нѐ води од интимното, поединечното, кон заедничкото. Затоа сметам дека поетскиото кредо на Димковска е длабоко, протестно и манифестно ангажирано одговорно. Таа е несомнено политична. Јасно, но и химнично политички ситуирана и позиционирана. Гранична состојба е до сега најспецифичниот, би рекла нов концепт за ангажирана уметност, која го артикулира политичкиот сензибилитет на новото време. Тоа се изразува преку едновремената автономија (естетска/поетска) и силен политички титар.
Кој е светот на химничноста на Лидија Димковска? Таа во своите наративи за распадливоста, за животот спакуван во куфер, за смртта, за историјата, за Бога, верата, теологијата нѐ упатува на сознанието дека нужен е ризикот во мислењето, во резимирањето на искуството и на сликите од животот - со еден збор потребен е ризик во конструирањето/во постанувањето на субјектот, за објективната неизвеснот да може цврсто да се одржи во најмоќните страсти на она што е повнатрешнето. Реалноста, онаа политичката, социо-културната, е всушност школа на покорување во која може да секој еден да се заплетка. И затоа мислам дека метареалноста која ни ја нуди Лидија Димковска во Гранична состојба е расплет на нежноста и на истрајноста во непокорувањето, на дозата ридање и тага кои се е предуслов за некаква идеја за надеж и фрагменти на радост.

Налик на Блез Паскал Димковска ја прифаќа „болеста“, заболеноста во слава на животот. Нејзината поезија ни покажува дека само ако ја прифатиме ‘рѓата може да го видиме сјајот на металот кој таа го прекрила. Оти само прегрнувањето на искушението може да направи синергија помеѓу естетското и етичкото/политичкото. А тоа Лидија го прави, како волшебничка на формата низ која се стекуваат многу различни структури, ткаења на водите богати со живот. Во својата Гранична состојба Лидија ги менува агрегатните состојби, и станува демократ на сопственото сознание, бидејќи нејзиниот стих, нејзината мисла не дозволуваат да останеме пасивни книжевни консументи, туку предизвикуваат да се вклучиме во понатамошното формулирање и реформулирање на светот.

Делокругот на поетиката на Лидија Димковска е одреден и со културниот контекст, со милјето на историското раздобје, но и со досегот на вонисториското време. Нејзината поетика е истражувачка – таа не го следи праволинискиот тек на размислувањето и на чувствувањето. Културните промени, или пак културната непроменливост, за кои говори и кои ги архивира во Гранична состојба не се правлиниски, туку се криви и полуотсечки кои дозволуваат да се надополнуваат, да се продолжуваат со свои нарации. Со тоа Димковска дозволува „упад“ во својот свет и во својот книжевен систем, кој ни остава простор подготвен како за ризична операција на отворено срце. Па, така, пред нас се изнедрува еден бајпас помеѓу уметноста и светот, кој го прави попроточен крвотокот што протекува преку критичките исчитувања на моќните философски, теолошки и политички/општествени референци. Станува збор за едновремена цврстина и трепетливост на прикажувањето, на изразувањето, на изведувањето на изучувањето на односот помеѓу книжевноста и јазикот на светот. Во протоколот на поетиката на Лидија Димковска, длабоко е врежано засновање на парадигмата на една општа поетика во која се вткаени филозфијата на уметноста, книжевноста и животот. А од таа општа поетика, Лидија како да преминува во протоколот на хибридната поетика која ги проникнува и другите уметности, но и другите хуманистички гранки.

Гранична состојба е пример за аналитичката линија во модерната уметност, која најтемелитите прашања поврзани со нашата порозност, ентропичност, егзистенција, отсуство на емпатија, вера, идеологија, па и отсуство на љубов која би направила од нас подобри множества, подобри заедници, ги претвора во концептуални предизвици, со радикално преплетување на апстрактното и конкретното. Па, така, низ стиховите на Лидија започнува една Одисеева пловидба помеѓу авторефлексивното, повеќеслојното поврзување на стиловите и значењата. Гранична состојба, припаѓа и на амбиенталната уметност засновајќи се на артикулацијата на целината на отворениот и затворениот простор на јазичните слики. Во оваа едновремено сожителуваат архитектурата, перформативноста, светлото, звукот, постојаното движење и на авторот и на читателот.

Најголемата моќ на Гранична состојба почива врз виртуознотста во градењето на аналогии кои се засноваат на една современа, модерна иконичност преку која сознанијата за севтот, за верувањата, за историјата, за актуелноста се втемелени во интимната референцијалност.

Лидија Димковска ги испитува ограничувањта: ограничувањата на времето, на помнењето, на заедницата, на праведливоста, на верата, на религијата, на животот и на смртта. И нѐ тера да се запрашаме: што тие ограничувања претпоставуваат. Што се ограничувањата, што се граничниците, а што се граничните состојби. Што е лево, а што десно. Што е живот, а што смрт. Која е разликата – има ли разлика. Всушност, во Гранична состојба Димковска ни покажува дека состојбата на граничност, но и на ограничувања е експериментот со разликите и на нивните повторувања низ времето и историјата – таквата состојба е еден мравник на разлики, плуралиазам на нескротливи разлики, кои всушност создаваат еден простор и едно време во кое тие постојат во синхроницитет.

Лидија Димковска ни го прикажува, ни го артикулира, ни го вади на видилена сето она што животот е, а што можеби не сакаме да го осознаеме. Сето она што сме го запретале под чергите на нашите стравови. Нејзинот збор е како бодеж од сечиво кое го воскреснува мртвото, соочувајќи нѐ со сто она што сакаме да го одрекнеме.


Историја

Мртви луѓе во живи години
Живи луѓе во мртви години.

Мртви народи во живи децении
Живи народи во мртви децении

Мртви човештва во живи векови
Живи човештва во мртво векови

Секое време има непожелни истории
Секоја исторја – непожелни времиња.

Помеѓу содржината, резимето и клучните зборови,
Историјата е реферат за животот и смртта.

По конференцијата уредно ќе биде објавена во зборник
Што никој никогаш нема да го прочита.

 

Различни а исти

Земјата чмае жална,
празнично – празна.
Небесата се тркалаат над неа,
ѝ ги скокоткаат пазувите,
а земјата ниту мрда
ниту се кикоти.
Земјата е клинички мртва.
Само некој треба да ја исклучи
од апаратите,
утре изутрина, по визитата.

 

Човекот или човештвото?

А човештвото е лесно за сакање.
Човештвото е убаво друштво,
со кое може да се седи на кафе
неоптоварено од бремето на човекот
си врви пос вој пат,
до целта не мора да гази по трупови
зашто човекот веќе ги изгазил туѓите.
Секој човек е за нешто виновен,
но човештвото никогаш,
човекот е минлив, а човештвото вечно,
човештвото е чесно и совршено,
а човекот – негова спротивност,
па како да сакаш несовршена единка
среде совршено множество?
Полесно е да се сака човештвото
Кога човекот крај тебе не е за сакање,
а ти треба да ја исполниш заповедта
да го возљубиш како себеси својот ближен,
и не знаеш кој ти е поближен:
човекот или човештвото?

 

Патоказ

Низ новиот век нозете едвај се влечат
Ни стрелки повеќе бараш ни написи

Не музејот не е живот со еден влез и еден излез
кон кој водат дречливи стрелки во само една насока.
Само животот е музеј со еден влез и еден излез
кон кој води патоказот на смртта.
Животот провејува меѓу луѓето,
А зад него остануваат нивните куфери,
Во нив знаењето фаќа прашина
Сеќавањето мувла, заборавот реа.
Секој куфер е отворена приказна,
Секоја приказна е затворен куфер.
И не треба да заминеш за да останеш,
Ниту да останеш за да не си веќе заминат.

 

Слики: Gabriel Isak

ОкоБоли главаВицФото