Македонски превод на „Медеја“ од Сенека

15.09.2021 15:45
Македонски превод на „Медеја“ од Сенека

Oд печат излезе преводот на „Медеја“ од Сенека, втора книга во едицијата „Арго“ на „Или-или“, по преводот од старогрчки на „Вистинска приказна“ на Лукијан од Самосата. Култното дело на римскиот книжевник и филозоф од латински на македонски јазик го преведе Светлана Кочовска-Стевовиќ, со надеж дека ќе предизвика интерес кај македонските читатели, особено кај претставниците на театарската фела.

Во фокусот на трагедијата „Медеја“ од Лукиј Анај Сенека се нескротливиот гнев и страдањето што гневот може да го предизвика. Ако со силата на разумот човек не успее да го скроти, гневот како жесток и бесен пламен немилосрдно пустоши и разорува сè пред себе. Медеја не може да го скроти разоглавениот гнев што во неа го предизвикува новиот брак на нејзинот љубен сопруг Јасон. За да му се одмазди на Јасон за прељубата, извршува злосторство со кое и самата станува жртва.

Сенека е философ, државник, поет и трагедиограф од 1. век. Автор е на прочуените Писма до Лукилиј, на повеќе философски есеи во кои третира етички теми, на еден спис од областа на философијата на природата, една сатира и осум трагедии: Медеја, Споулавениот Херакле, Тиест, Агамемнон, Ојдип, Тројанки, Фајдра и Феникијки.

Излегувањето на книгата е финансиски помогнато од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.