„Архиви на невидливите“ – промоција на книга, конференција и изложба во НУБ

27.10.2021 11:13
„Архиви на невидливите“ – промоција на книга, конференција и изложба во НУБ

Во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ќе се одржи промоција на публикација, конференција и изложба кои во фокус ги имаат жените во историјата и историографијата на жените во периодот помеѓи двете светски војни. Настаните се организирани од Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), а ќе се одржат во петок, 29 октомври, со почеток во 13 часот.

Настанот ќе започне со промоција на публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, која нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период.

Публикацијата е изготвена од осум истражувачи и истражувачки, односно Нада Бошкповска, Здравко Стојкоски, Ивана Хаџиевска, Мања Величковска и Фросина Крушкаровска, Марина Мијаковска, Јана Коцевска, и Билјана Котевска. Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска.

Веднаш потоа ќе следи и конференција на тема „Регионални искуства на архивирање и изучување на историјата на жените во печатената култура – патишта на зачувување и споделување“ на која учество ќе земат Нада Бошковска – професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих, Ана Колариќ – доцентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и теорија на книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, Ивана Пантелиќ – научна соработничка во Институтот за современа историја во Белград и Манца Г. Ренко – асистентка на Факултетот за хуманистички науки на Универзитетот во Љубљана. Модераторка на конференцијата е Ана Василева.

Во текот на целиот ден во петок на 29 октомври во НУБ присутните ќе имаат можност да ја погледнат и изложбата на визуелната уметница Христина Иваноска на тема „Музеј на женски приказни“ започната во 2015 година.

Христина Иваноска создава интердисциплинарни дела преку кои ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата.

Бројот на посетители е ограничен, па сите заинтересирано е потребно да го пријават своето присуство најдоцна до четврток, 28 октомври, на мејлот cinikskopje@gmail.com.

Настанот ќе биде пренесен во живо на страницата на ЦИНИК на социјалните мрежи.