Само младоста во мене е совршена

26.11.2021 17:43
Само младоста во мене е совршена

 

КРВОПИЈКА

 

Има нешто грешно во моите добри намери, нешто лошо во исправноста за која се залагам и бајато во свежината по која трагам. Немам увид во сопствените несреќи и грешки, ниту во чистотата на моите постапки. Само постојам. Се сеќавам на моите валкани зборови во детството, непромислено изустени во секоја можна пригода. Бев нежно и кршливо битие, кое во секој миг можеше да сасне отров од устата. Мојот детски изглед беше облечен во вулгарност. Но, тоа не престана ни кога пораснав. Пепелашка стана принцеза, но отровот остана да ù се цеди од устата. Два лика носам со себе. Едниот на ангел, другиот на крвопијка. Цел живот ги балансирам овие две спротивставени чуда во мене. Вистината за која се бори крвникот и сака да ја плесне пред луѓето како откинато парче месо и здраворазумноста што се стреми да го соџвака парчето искреност, цивилизирано, пред да го понуди на лажиче. Јас сум вампир чиј живот се свел на сокривање на песјаците. Вампир што научил да ја преспива ноќта и буден да ги дочекува сончевите зраци. Никој не ја забележува мојата вистинска природа, освен оние најблиските, чувари на оваа тајна, искасани и раскрвавени од мене со многу љубов и посветеност. Оние што, и кога сакале и кога можеле, не ми забиле колец во срцето.

ТРОМБ

 

Не ми е непријатно кога се гледам во огледало. По капење застанувам пред сопствениот одраз за да ги растегнам границите од вчерашниот впечаток за моето тело. Косата ми е разретчена. Не гледам на едното око. Тоа станало проѕирна мрежа, што боцка како стаклена волна кога прснува вода или сапун во него.

Во очите на моите соговорници ја гледам нивната скриена мисла за мене. Додека разговараат со мене, несвесно ја разбиструваат матната вода прикриена во изборот на темите и зборовите. Гледам како нивната мисла ја допира мојата и ги скокотка моите чувства – или во нивните очи го гледам сопствениот израз за она што некогаш кај мене било око... Човечки е да се загледуваме во недостатоците, додека убавините незабележливо минуваат покрај нас.

Градите ми висат како две кеси со песок заглавени на некој насип. Тие не се ништо друго, освен биологија. И мојот свиснат стомак и задник влегуваат во истата наука. Слабите нозе и малите стапала се наследство од баба ми. Тенките и долги раце како лелеави гранки на ветер се додаток од истиот генски калап.

Само младоста во мене е совршена. Неа ја нема во огледалото. Скриена е во мене, како заглавен тромб во некој небитен крвен сад што никогаш нема да пукне и да му наштети на моето здравје.

SВЕР

 

Телото ми е спрострено на кревет како пресен труп. Животот ми е сведен од здив до здив. Каде води таквиот живот – не знам, и тоа е дополнителна тежина врз моето тело. Ми недостига воздух неколку часа по ред. Облак пот заканувачки бдее над мене. Не знам што е посилно во мене – стравот од болеста или самата болест. Обете ми го сведуваат постоењето на живеење меѓу два здива. Сè би далa да преживеам, но и би убила од истата причина. Ковидот те ослободува од пристојност, добрина, љубезност, трпение. Те ослободува од сите планови и соништа. Инстинктот за живот ја збришува накалеменета човечност. Сите ковачи на теории на заговори и сите Кинези на планетата би ги смачкала со еден удар. Но, ударот се престорува во викање низ болничките ходници, во лавина зборови врз лекарот кој сам покрива стотина луѓе дневно. Сета смисла за постоење и надеж за подобро утре е собрана во рендгенскиот наод и во висината на д-димерите во крвта. Шеста недела сум дома. Последната недела здрава и исправена за нови предизвици. Животот веќе не е отсечка меѓу два здива. Дишам нормално. Ковидот замина. Sверот во мене продолжува да клокоти во утробата.

Белешка за авторката

Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмски, телевизиски и театарски актер. Долгогодишен професор е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е автор на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, автор и водител на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста” на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат. Затоа многумина мислат дека ја знаат. Во оваа хроника на интимата, наречена „Никогаш не кажувам“ нè води до нејзините скришни места и самата ни кажува која е, всушност.

Слики: Jane Hambleton

Извор за текстот: Синоличка Tрпкова -  „Никогаш не кажувам“; Арс либрис, 2021

ОкоБоли главаВицФото