Буквите на боледување

10.12.2021 17:39
Буквите на боледување

Шефот на одделението за јавни документи на Слободната библиотека во Филаделфија, Вилијам Р. Рејник бил мошне заинтересиран за инсектите. Неговата професија не била ентомологијата, но и покрај тоа решил да ја изучува најголемата класа животни поради нужност и голема загриженост. Имено, различните бубачки, пајаци и останатите ситни суштества, Рејник ги сметал за сериозни преносители на зараза.

Особено оние кои најголем дел од животот го поминуваат меѓу книгитe и се хранат од нив. А бидејќи поголемиот дел од денот го поминувал опкружен токму со книги и имал прилика да се нагледа како најразлични инсекти лазат по хартијата, Рејник одлучил заради своето здравје, како и здравјето на сите што ја посетуваат библиотеката, да напише сериозна студија за инсектите.

Текстот е објавен во „Американско списание за фармација“ во 1912 година. Авторот набројал повеќе претставници на „понискиот облик на живот“, почнувајќи од обичната домашна мува па до некои помалку познати бубачки, опишувајќи ги нивните навики и укажувајќи на болестите кои можат да ги пренесат на човекот. Рејник забележал случај на преведувач кој умрел од труење само зашто со раката со која претходно држел стар заразен турски ракопис, ја допрел раничката на неговото лице.

Тврдел дека луѓето преку хартија можат да фатат настинка, но и посериозни болести како гонореа, дури и рак. Набљудувањето на луѓето во јавните библиотеки го довело до заклучок дека повеќето од читателите имаат штетна навика со јазикот да го навлажнат прстот кога ја вртат страницата, што само им помага на бактериите побрзо да се шират. За да ја нагласи сериозноста на проблемот, го спомнал и експериментот кога, според него, загинале дури четириесеттина морски прасиња оти имале допир со валкана, заразена хартија од книги.

Паника во Чикаго

Темата за која пишувал Рејник не била нова. Она по кое се издвојувала неговата студија е што проблемот го зголемил до фантастични размери. Во втората половина на 19-иот век во Велика Британија и САД болестите како туберкулоза, големи сипаници и шарлах претставувале сериозна опасност. Најмногу жртви заразите земале во погусто населените градски подрачја. Заради тоа населението не било тешко да се вознемири со нови замисли, како таа дека токму од книгите што ги позајмуваат од градската библиотека доаѓаат смртоносните бактерии.

Се верува дека врз ширењето на паниката особено влијаело ширењето на извештајот на библиотекарот В.Ф. Пул од Чикаго, во 1879 година, Еден член на библиотеката го прашал дали човек може да се зарази од книгите што секјдневно одат од рака во рака, а Пул решил да се распраша кај лекар. Повеќе лекари му потврдиле дека таков развој на настаните е можен во посебни околности, иако самите немале таков случај. Од дваесеттина лекари со коишто разговарал, само еден слушнал дека такво нешто се случило, најверојатно во Лондон. Иако тој не бил сосема сигурен.

И покрај тоа што не постоеле цврсти докази, веста почнала да се пренесува од уста до уста, а со неа и стравот што почнал да го зафаќа граѓанството. Сè повеќе се верувало дека заразата е скриена меѓу кориците на книгите и дека е доволно да се отвори книга за бактериите да ги нападнат луѓето. Поединци биле убедени дека човек може да се зарази ако само вдише прав од страниците, дека со вдишување со добива рак ако врз книгата се искашлал некој што има малигно заболување.

Стерилизација

Истата година кога се дознало за извештајот на Пул, се појавиле и првите написи во весниците. За опасностите кои демнат од полиците на јавните библиотеки, на почетокот, новинарите извествауле внимателно наведувајќи дека опасноста да се добијат бактерии со допирање на книги е „многу мала“, но никако не треба да се занемарува таквата можност. Само некоколку години подоцна, предупредувањата станале посериозни. Им се советувало на луѓето да ги тргнат книгите од просториите каде што живеат болни. Еден весник од Охајо пренел дека шарлахот се шири од месната библиотека затоа што не била дезинфицирана една книга што ја читал еден заболен. Истовремено печатпт ги нападнал медицинарите, обвинувајќи ги дека седат со скрстени раце, наместо да се зафатат со новиот предизвик.

На крајот на 19-от век притисокот пораснал до таа мера што морало да се најде некое решение за да се смири стравот кај луѓето. Во голем број американски библиотеки била воведена стерилизацијата на книгите, иако многу брзо се покажало дека хемикалиите користени за таа цел (раствор со формалин) се штетни за хартијата. Во екот на епидемијата со големи сипаници, во Велика Британија, 1888 година, користени се испарувања на фенол. Библиотеката во Бредфорд дури имала и список на заболени од големи сипаници, па не ги примале назад книгите од нив туку им ги позајмувале на болниците. Оние кои немале позајмени книги ги известувале дека повторно ќе можат да земат книги кога ќе оздрават.

Имало и предлози да се воведат и поостри мерки. Така членовите на библиотекарскиот клуб во Масечусетс им препорачале на надлежните сите книги кои ќе им се видат сомнителни веднаш да се запалат и на тој начин значително да се намали опасноста од ширење на болеста. Сепак, на одредени стручњаци, сите овие мерки им се чинеле беспотребни и залудни. Доктор Хенри Лиман од Чикаго на нив одговорил со потсмешлив предлог да се вработат 15.000 санитарни полоцајци кои ќе ги запечатат сите куќи каде што има заболени, а и тоа дека децата треба да се носат во училиште во стаклени ѕвона. А не би било отповеќениту да се стерилизира целата пошта во САД.

Јавноста не ја интересирале овие шеги. Доктор Лиман и нему сличните биле малцинство. На почетокот на 20-от век состојбата не се смирувала. Британскиот закон за јавно здравје (1857 г.) веќе имал пропишано како треба да се однесуваат заболените од заразни болести: да ги известат сопствениците на продавнците, кафеаните и другите објекти каде што ќе влезат. Исто така, прописите забранувале да се позајмува постелнина и други работи пред да се дезинфицираат. „Други работи“ можеле да бидат и книги, но бидејќи тие не биле посебно наведени, во 1907 година биле додадени уште неколку одредби во овој закон. Со нив се забранувало болните да позајмуваат книги од библиотека, а ако сепак го направат тоа, властите требало да одлучат дали книгите ќе бидат стерилизирани и вратени во оптек или ќе бидат уништени. За да библиотеките не трпат финансиска штета, за сите уништени книги добивале финансиски надомест.

Во другите европски држави, законодавствството не се занимавало со овој проблем толку сериозно како во Велика Британија. Меѓутоа постоела свест за тоа дека книгите можат да бидат преносители на зараза. Сочувана е книга од Германија за таа тема, а во Франција се работело на пронаоѓање на најдобра мешавина на хемикалии за чистење хартија. Освен тоа, Французите имале повеќе предлози како луѓето да се заштитат. Препорачувале на влезовите на библиотеките да се постават садови со вода за миење на рацете.подовите и полиците редовно да се бришат со хемиски средства за уништување на бактерии, како и да се направат посебни овлажувачи за сите оние кои имале лоша навика да го лижат прстот кога ги вртат страниците на книгата.

А парите?

До 1910 година „паниката од книги“ почнала полека да слабее и за тоа постоела добра причина. И покрај целата врева и предупредувања, резултатите истражувањата на бројни лекари не дале никакви докази кои би потврдиле дека книгите се заразни. Статистиката покажала дека во време на епидемија немало повеќе заболени меѓу вработените во библиотеките или меѓу нивните членови. Многумина почнале да се прашуваат зошто ракувањето со книги би било поопасно од држењето во раце хартиена банкнота. Никој не оспорува дека на овие предмети има разни штетни мироорганизми, но не во доволна количина да загрозат нечие здравје.

Англискиот професор по хигиена од Универзитетот во Лондон, Хенри Р. Кенвуд, објави редица експерименти за на крајот да дојде токму до тој заклучок. Според неговите тврдења, речиси не постои можност да се заразите од туберкулоза па пат на книга. Слични тврдења изнел неговиот американски колега др. Волтер Браун. Па сепак било потребно да поминат уште неколку децении за конечно да се затвори ова прашање.

Повремено се појавувале „експерти“ кои не отстапувале од тоа дека книгите се опасни по живот. Еден од нив бил веќе споменатиот Вилија Рејник. Во триесеттите и четириесеттите години на минатиот век повремено се појавувал некој негов истомисленик. И нататаму најмногу ги имало во Велика Британија и САД и во некои други краеви на светот, како што е Јапонија. Иако праксата потврдила дека не постојат вистински ризици, со теориските можности за ширење на зараза преку книги поединци се занимавале до предесеттите години на 20-иот век.

Слики: Stephen Doyle

Извор за текстот: Политикин забавник

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Наука
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото