Егзилот како транс-генерациска меморија (1)

26.02.2022 14:32
Егзилот како транс-генерациска меморија

  Денес навистина ретко се случува еден автор, со толкава посветеност и фоксуираност, да се сосредоточи врз создавањето на еден повеќетомен циклус (романескни) дела, базично предодреден од рециклирањето на една опсесивна метафора – а, во конкретниот случај на дводомниот писател Луан Старова, од трауматското искуство на егзилот и преминувањето на границата. Иако самиот тој лично припаѓа на автохтони – очевидно станува, дека имено самото семејно искуство на егзилот прераснало во факт и доживување од суштинска важност за транс-генерациската меморија на бегалското семејство.

Небаре, познатата формула (преземена од областа на медицината), комотно може да се употреби за дијагностицирање на синдромот на бегалецот како доживотен и хроничен синдром или личен кондиционал, односно, во смисла: „Еднаш бегалец, секогаш бегалец“, или, како што тоа резигнирано го констатира самиот наратор во ова дело „Нема враќање од егзилот“.

На почетокот од својот најнов (инаку 16 по ред во рамките на балканската сага) роман „Граница“ (во издание на Три, 2017 г.) Л.Старова ја презема програмската мисла на еден сроден на себеси автор, којшто, на свој „грб“, и самиот, во сиот распон, лично осознал, каков е предизвикот и егзистенцијалното миље на границите, на повеќекратно умножените (иако, на моменти, однадвор невидливи) идентитети. Тој писател, по потекло Евреин, го поминал својот недолг живот во Прага, додека за јазик на својата литература го одбрал германскиот јазик. И самиот „сардисан“ (неретко и збунет) од комплексната вмреженост во сплетот од (јазични, религиски, културални) граници - Франц Кафка своето спасоносно прибежиште од нив, го побарал во онаа неограничена творечка слобода, што ја овозможува токму – уметноста. Отаде, неговата изјава, дека „Книжевноста е напад на границите!“, го пронаоѓа својот одглас и во 21 век, на самиот почеток од романот на Старова:

„И не беше лесна оваа мисија, со моето пишува¬ ње требаше да ја нападнам од сите страни таа клета гранична линија.”

За разлика од некои други, во нашата литература, претходно повеќе експлоатирани граници, овојпат, предмет на авторовиот интерес, со оглед на неговото (семекно) потекло, природно станува Свети Наум, односно, граничната линија што го двои Охридското езеро. Патем, ова езеро и за мене има посебна итнимна важносто, бидејќи по него е познато и моето родно место, градот Охрид!

„Од предел без граници, подигнат уште во 905 година од свети Наум, по повеќе од десет века, првпат во историјата, манастирот стана предел каде што беше обележана границатa...

“Тоа беше една од најнеобичните и мистериозни граници, чија судбина ја менуваше непредвидливата балканска историја. Границата ги раздели и двата извора на Охридското Езеро – едниот остана во Македонија, а другиот, Дрилон, на албанската страна. ”

Но, индикативно делува и второто цитирано мото, со кое отпочнува првата глава од романот на Старова, а тоа, овојпат, му припаѓа на анонимен автор, за кого, искуството на преминување на границите има далеку повеќе духовно и психолошко значење, отколку географски параметри на просто територијално из/местување: „Вистинска уметност е минувајќи ја границата да стигнеш до себе си!“

Омнипрезентноста (како и повнатрешнувањето) на границите станува интегрален дел од личниот и семејниот идентитет на нараторот (но, и самиот автор, кој ете ни после толку изминати години, се’уште не успева или едноставно не сака да се „ослободи“ од наративниот предизвик и третманот на оваа тема).

„Каде и да одевме потоа, ја носевме границата со себе, таа стануваше скриен дел од нас. Во семеј¬ството, откако се постави границата и ги пресече нашите животи, уште од Дедо, преку Баба, Татко, Мајка и јас – нараторот, сите си имавме свој дел од историјата на границата, свој дел од границата во себе“.

Феноменот на границата, како што смета и самиот автор на овој роман, е релативно нова идеја на Балканот, претходно во период од долги пет века, обединет под власта на Отоманското царство.

Интересен при тоа може да биде и самиот етимолошки податок, за потеклото на лексемата граница – кој укажува на тоа, дека самиот поим „граница“ доаѓа и е усвоен од српско-хрватскиот јазик и практично претставува словенизам, кој е навлезен во широка меѓународна употреба.

Препознатлива, кога станува збор за опусот на Старова и неразделно поврзана со него и натаму останува опсесивната тема на подвижните огништа, трансгенерациското сочелување и справување со постојаното мигрантство, со хроничниот карактер на бегалството (и бегството), како сеќавање што е конститутивно не само за првата генерација мигранти, ами и подоцна, во актуелните сеќавања на засновувачкиот семеен наратив на бегалството – како рамка на себедефинирање дури и во сега изменетите, пост-мигрантски околности.

Од друга страна, Балканот е сам по себе обележан како култура, истрауматизирана од постојаните закани на изместувањето, принудните селидби, однадвор наметнатата подвижност, поради која, често се случува, единствена симболички сочувана врска со напуштените огништа да бидат само малите и лесно преносливи предмети, како клучевите, на пример или фотографиите, за кои не треба премногу голем простор при селидбата.

Наративната оска и во овој, инаку петтоделен роман на Старова, ја отвора можноста за споредба на неговата селидбена идеологема на постоењето, со занимливото, номадски предодредено видување на турската писателка Елиф Шафак, која, во едно свое јавно предавање и соодветно на духот и традициите на турската историја, оди по трагата на едно етимолошко совпаѓање во зборот „ЈУРТ“(кој во турскиот јазик истовремено означува и родна земја, но и вид номадско живеалиште – шатор). Својот инвентивен заклучок, Шафак ќе го продолжи во вид на поетска формулација и го сугерира тоа, дека можеби нашите татковини можат да бидат исто така преносни или подвижни, така што секојпат можеме и да ги носиме со себе. Ова, како што вели таа, особено се однесува на писателите, чијашто најважна татковина е токму Земјата на приказните.

Старова е преокупиран со книжевната тематизација и наративот на обескоренетоста, со предизвикот на нужното „помирување на егзилот и азилот“, што оваа состојба природно го изискува и наложува, додавајќи му го на сето тоа компликувано настојување, уште и дополнителното удвојување и субјективното чувство на изгонетост или апатридност, неминовно всадено во секој писател, како што ни порачуваат редица автори, меѓу кои и Јовица Аќин, по сила на неговата творечка вокација и самиот процес на пишувањето (или, писмото).

И тука, сред овие трогателни сведочења и приказни за конститутивното значење на границата за се’вкупното себе-доживување на нараторот и неговите најблиски, веднаш искрснуваат неколку важни споредби, со типолошки сродните дела на автори, од различни книжевно-национални контексти и потекла.

Еден од тие примери е секако, програмската и незаборавна
песна, од американската поетеса и теоретичарка (на границите) од Чикано потекло, Глориа Анзалдуа, „Кога живееш на граница“, напишана пред точно 30 години:

„Кога живееш на граница“: истакнува неколку, и за нас, жителите на Балканот, индикативни поенти – најнапред, дека животот на границата претставува траен процес на преживување, дека, живеејќи на граница, самите ние стануваме/прераснуваме во бојно поле, каде непријателите меѓу себе се роднини, конечно - дека единствен, сигурен начин за опстанок на границата се состои токму во тоа, ние самите да бидеме крстопат и да научиме да живееме, игнорирајќи ги истите тие граници.

„Кога живееш на границата
Ти си бојното поле
Каде непријателите се меѓу себе роднини
Дома си, а странец ....
За да ја преживееш границата
Ти самиот мора да бидеш без граница
Самиот да бидеш крстосница“


Вториот парадигматичен и културално поблизок пример го пронаоѓаме во извонредната филозофски интонирана книга „Егејци“ од Кица Барџиева, објавена во 1999 год., исцело посветена на трагичната автобиографска нарација и интерпретација на погромот на бегалците во 1948 год. од Егејска Македонија, при што (слично, како и во романот на Старова), на крајот, преовладува автоперцепцијата на сопствениот идентитет, запечатен во стигмата на секогаш веќе емигрант/бегалец!

Во романот на Старова, на едно место, се кажува: „Татко беше свесен дека поради тој проклет ин¬цидент на историјата, минувајќи ја границата со цел да се ослободиме од нејзиното проклетство, ја губевме засекогаш својата родна земја, живо¬тот со нашиот албански јазик, ги губевме делот од семејството, пријателите, гробовите на нашите предци, завршувавме засекогаш во темнината на заборавот.”


Овој извадок од романот на Старова, неодоливо не’ поттикнува на споредба со автобиографски интонираната, сродна констатација на Милан Кундера, што прегнантно го доловува искуството на животот во туѓина. Патем, ова сведоштво на Кундера, поместено во неговиот роман „Неподнослива леснотија на постоењето“, е вклопено, во знак на сродство и потпора, токму во извонредниот роман „Татко“ (2010 год), од угледниот хрватски писател Миленко Јерговиќ, и самиот поставен во улога на неволен балкански преселник.

„Да се живее во туѓина значи да се движиш во празен простор, високо над земјата без заштитната мрежа, која на човека му ја осигурува неговата сопствена земја, во која има семејство, колеги пријатели, каде може лесно да се разбере со секој, на јазикот кој го познава од детството“.

Можеби токму со оглед на таа, поради егзилот, растворена или разбиена материјалност на преселничките судбини, посебно важно станува значењето и вредноста на некои, за другите луѓе, навидум мали и небитни предмети од личната архива на семејството.

Во оваа книга, авторот за прв пат и сосема функционално и естетски оправдано, посега по редица автентични фотографии, сочувани во рамките на сопственото семејство – така што ова дело несомнено се потврдува и како припадник на тн. автофикциски жанр.

При тоа, сингуларното значење на фотографијата, не само како уметност, ами првенствено како меморабилија: како медиум на изгубеното време и воспевање на семејноста („симфонија на заемната верност“)- фотографијата има особена вредност токму за луѓето во егзил, како единствен залог, за потврдување на нивното некогашно постоење (таму, некаде другаде), и материјална легитимизација на нивната (некогашна) автентичност. Медиум, кој станува „поречовит“ од било што друго, а покрај тоа, моќен и во посакуваното „фиксирање на времето“. При тоа, она што е можеби најважно во самиот медиум на фотографијата, го посочува (и открива) Ролан Барт, под називот „анимула“ – што го означува токму доловувањето на неповторливото (душевната и духовната еднократност на доловените ликови на неа), она што се крие отаде голата или механичка појавност (и сличност) со конкретно фотографираните предмети и луѓе.

„Како да бевме нецелосни без таа семејна фотографија“- ранливо ќе открие нараторот, при тоа искрено разоткривајќи, дека неговото семејство, по преминувањето на границата, одеднаш се осознало „на нултиот степен на идентитетот“, а токму фотографијата е онаа, што ја овозможува нивната заедничка прозивка

Затоа, вметнатите фотографии од семејниот наратив на Старова, имаат посебно стилогено, ама и автентично значење, во зацврстувањето на автофикциската подлога на самото дело, а, особено, во задоволувањето на природната потреба на авторот и неговите читатели – очи во очи да се соочат, на тој начин, и човечки да се доближат до селидбената судбина на овие луѓе, распрснати низ балканската историја и географија, на еден тегобно неповратен начин.

(продолжува)

Слики: Jon Foreman