Зошто жените пишуваат подобро од мажите

14.01.2011 11:34
Зошто жените пишуваат подобро од мажите

Тврдење кое лесно се докажува, ако се земе предвид строгава вистина: вистинските мажи не пишуваат, не раскажуваат приказни. Во последно време, во критичарските и книжевните кругови се зборува дека книжевноста е суштински женска активност, занает кој може да се спореди со ткаењето и штиркањето. Текст, текстура, ткаење, итн.

Впрочем, треба да се забележи дека писателите отсекогаш биле обвинувани дека се превртливи, нестабилни, вообразени, дека се пречувствителни, интуитивни, шарлатани, лажливи. Такаречи, жени. Такаречи: врз нив се струполува истиот тип предрасуди со кои обично се квалификуваат жените.

Една статистичка студија која ја спроведе Американецот Робин Јаков, споредувајќи го говорот на мажите и жените, доаѓа до заклучокот дека мажите се асерторични, т.е. обично искажуваат чисти тврдења, небаре нивната слика за светот е целосно објективна. Жените, напротив, вклучуваат сомнеж, субјективност: мислам, ми се чини, претпоставувам. (А добрата книжевност никогаш не тврди ништо, секогаш се сомнева, секогаш поставува прашања наместо да дава одговори.)

И небаре тоа е малку, Јаков наоѓа дека жените се во состојба да разликуваат нијанси кои мажите ги превидуваат (вистинските мажи, се разбира, не оние кои пишуваат). Еден маж ќе го нарече црвено она што една жена би можела да го нарече боја на тула, магнезиум, вински талог, светло виолетова, цинобер. (А од нијансите, токму од нијансите е составена книжевноста.)

Значи, останува докажано дека мажите не се природно обдарени да произведуваат книжевност. Така што, нема ништо чудно во тоа што жените пишуваат подобро: всушност, само тие пишуваат. Мажите носат вреќи или војуваат или, во најдобар случај, им диктираат писма на своите секретарки. Книжевноста целосно е препуштена во женските раце.

Да речеме дека постојат жени кои својот пол подобро го кријат од другите. Таа мала Хемингвејка, на пример, доста е тешко да ја разоткриете бидејќи присвојува, онака како што само таа умее, толку атрибути кои отсекогаш биле сметани за типично машки. Но ако обратиме внимание, прилично лесно е да се открие нејзиниот вистински пол. Во прв ред, да ја земеме предвид мудрата забелешка на госпоѓата Хорхе Луис Борхес во врска со питорескноста и нејзините грешки: во Коранот не се споменува ниедна камила, ама никој не се сомнева во тоа дека се работи за арапска книга. Ако концептов се преврти, претераното натрупување исклучително мажествени активности, симболи или настани нè наведува да се посомневаме дека кај Хемингвеј се работи за преправање. Дека ја покажува својата романтична жица во „За кого бијат камбаните“, онака како што само една жена би била во состојба за такво нешто. Или дека е способен да опише сцена на риболов со една типично женска минуциозност, недостојна за вистински рибар. Автентичните рибари се лаконски суштества кои ги изразуваат своите движења со помош на фотографии.

Треба, секако, да се земе предвид и онаа типично женска книжевност произлезена од усната традиција и интимниот дневник, како онаа која ја практикува нашата земјачка Хорхе Асис, во одреден однос со симпатичната Хенри Милер, таму на Север.

Поради некоја причина жените (што е статистички докажано) отсекогаш биле големи читатели на книжевните дела на сите времиња. Благодарение на нив книжевноста преживеала. Не е ретко да се слушне како мажите со влакнести гради коментираат: „Ах, една книга, многу интересно. Ќе и’ ја дадам на жена ми, таа чита многу.“ Не само пишувањето, туку и читањето на книжевни дела не спаѓа во машките активности.

Најпосле, сите се жени. Никогаш не треба да му завидуваме на трајното и макотрпно докажување на кое се подложени мажите.


Ана Марија Шуа (1951) е мошне активна и популарна аргентинска писателка. Пишува романи, раскази, огледи и хумористични книги, како и книги за деца. Според нејзините романи се снимени неколку популарни аргентински филмови. Нејзините раскази се наоѓаат во разни светски антологии.

Илустрација: Рјохеи Хејс

ОкоБоли главаВицФото