Совети за младите писатели

12.03.2010 14:51
writing-center.jpg

Писателите кои сакаат да даваат совети, па дури и квалитетните книжевници, понекогаш пишувале секакви глупости. Но меѓу овој дидактички вид постојат и одреден број врвни текстови од кои младите писатели навистина би можеле да имаат корист, како оние на Дидро или нам поблискиот Данило Киш. Неодамна англискиот весник Guardian спроведе голема анкета меѓу угледните американски и британски писатели кои требаше да им понудат десетина корисни совети за своите колеги кои почнуваат.

Елмор Леонард

1. Никогаш не почнувајте книга со опис на времето. Ако тоа ви е само поради создавање атмосфера, а не реакција на протагонистот на временските прилики, тоа никако не смее да трае предолго. Читателот ќе почне да ги прескокнува страниците во потрага по ликови.

2. Избегнувајте го прологот: може да биде напорен, посебно ако доаѓа после воведот по кој следи воведната реч. Прологот во романот е приказна во позадина, па може да се вметне во романот по желба. Ликот во романот Sweet Tuesday на Штајнбек најдобро го опиша тоа: „Сакам многу разговори во романот, но не сакам кога некој ми објаснува како изгледа оној што зборува. Сакам самиот да го сфатам тоа по начинот на кој тој зборува“.

3. Никогаш не користете други глаголи освен „рече“. Дијалогот им припаѓа на ликовите, а глаголите се писателски упаѓања во приказната. Најлошо е кога авторот користи сложени глаголи за кои ви е потребен речник.

4. Држете ги извичниците под контрола. Максимално два до три на сто илјади зборови, освен ако не сте вешти како Том Волф – во тој случај, само повелете.

5. Никогаш не го користете зборот „наеднаш“. Забележав дека писателите кои го користат овој збор имаат помала контрола над извичниците.

6. Обидете се да ги изоставите деловите од книгата кои читателите ги прескокнуваат. Сетете се на тоа што прескокнувате и самите кога читате роман: дебелите прозни целини со премногу зборови.

Главен совет: „Ако звучи како да е напишано, напишете го отпочеток“.

Маргарет Етвуд

1. Носете моливи со вас во авион. Пенкалата знаат да пуштат мастило, а на моливите може да им се скрши графитот, па во авионот не можете да го наострите со нож. Затоа носете два молива.

2. Ако се скршат и двата молива, можете импровизирано да ги наострите.

3. Понесете нешто на кое ќе можете да пишувате. На пример, хартија. Во посебни случаи ќе ви послужи и парче дрво, па дури и сопствената рака.

4. Ако користите компјутер, често префрлајте го текстот, по можност на УСБ.

5. Правете вежби за грбот. Болките го отежнуваат пишувањето.

6. Задржете го вниманието на читателот. (Тоа, пред сè, ќе се случи ако сте способни да го задржите сопственото внимание.) Ама не знаете кој чита: она што ќе ја воодушеви личноста А, може да и’ биде ужасно досадно на личноста Б.

7. Никогаш не можете да ја читате својата книга со она невино исчекување кое доаѓа со првата слатка страница на новата книга, бидејќи вие сте ја напишале проклетата работа. Сте го виделе трикот со магионичарот кој вади зајци од цилиндарот? Затоа дајте им на вашите пријатели да погледнат што сте напишале пред да му ја дадете книгата на издавачот. Но тоа не треба да биде личноста со која сте во љубовна врска, освен ако не сакате да раскинете.

Ричард Форд

1. Стапете во брак во некој кој го сакате и кој смета дека тоа што се занимавате со пишување е одлична работа.

2. Немајте деца.

3. Не ги читајте критиките на вашите текстови.

4. Не пишувајте критики.

5. Не се расправајте со сопружникот наутро или доцна навечер.

6. Не пијте и не пишувајте во исто време.

7. Не му пишувајте писма на вашиот уредник. (На никој не му е гајле.)

8. Не им посакувајте зло на вашите колеги.

9. Фактот дека на другите им „оди“ нека претставува охрабрување за вас.

10. Поштедете се од какви и да е „заебавања“ на кој било.

Џонатан Френзен

1. Читателот е пријател, а не непријател, ниту набљудувач.

2. Фикцијата која не е лично патување на авторот во непознатото и застрашувачкото не вреди да се пишува, освен за пари.

3. Никогаш не ги користете зборовите „затоа“ и „поради тоа“. Со нив се служат невештите писатели кои се плашат од премногу сврзници „и“ на една страница.

4. По можност, пишувајте во трето лице, освен као првото не се наметне само по себе.

5. Најчистата можна автобиографска проза бара чиста имагинација. Никој никогаш не напишал нешто поавтобиографско од „Преозбразба“ на Кафка.

6. Интересните глаголи многу ретко им се интересни на читателите.

Нил Гејман

1. Пишувајте.

2. Пишувајте збор по збор. Најдете го вистинскиот збор и запишете го.

3. Завршете го она што го пишувате, без разлика на тоа што морате да го направите за да завршите.

4. Ставете го текстот на страна. Читајте го преправајќи се дека никогаш претходно не сте го читале. Покажете им го на пријателите чие мислење ви е битно и на кои им се допаѓа тоа што го работите.

5. Запомнете: кога пријателите ќе ви кажат дека нешто не е в ред и дека не функционира, речиси секогаш се во право. Кога, пак, точно ќе ви кажат што не е добро и ќе ви предложат како да го поправите тоа, речиси никогаш не се во право.

6. Смејте се на сопствените финти.

7. Главното правило во врска со пишувањето е ако го правите тоа со доволна самопочит, тогаш можете да правите што сакате. (Ова правило може да се однесува и на животот воопшто, ама дефинитивно се донесува на пишувањето.) И затоа, пишувајте ја вашата приказна онака како што треба да биде напишана. Пишувајте чесно, и раскажете најдобро што можете. Не сум сигурен дека постојат уште правила. Барем не такви кои вредат нешто.

Зејди Смит

1. Додека сте дете читајте колку е можно повеќе. Користете го времето за тоа повеќе отколку за сите други нешта.

2. Кога ќе пораснете, обидете се да ги читате сопствените текстови како странец, или уште подобро, како свој противник.

3. Не ја романтизирајте или мистифицирајте својата професија. Или сте во состојба да напишете добра реченица, или не сте. Не постои писателски животен стил. Единствено е битно она што ќе го оставите на хартија.

4. Избегнувајте ги своите слабости. Но правете го тоа без да се уверувате дека она што не можете да го напишете добро не е вредно за пишување.

5. Оставете си доволно време меѓу пишувањето и објавувањето.

6. Избегнувајте ги собирите и групациите. Постоењето на масата нема да го направи подобро вашето пишување од степенот на кој се наоѓа.

7. Работете на компјутер кој не е приклучен на интернет.

8. Заштитете го времето и местото на кое пишувате. Држете ги другите подалеку од себе, дури и луѓето кои ви значат.

9. Не ги мешајте наградите со остварувањата.

10. Говорете ја вистината на кој било начин – само говорете ја. Помирете се со фактот дека целиот живот ќе бидете незадоволни.

Колм Тоибин

1. Завршете сè што се започнале.

2. Работете.

3. Останете во менталната пижама цел ден.

4. Престанете да се сожалувате.

5. Нема алкохол, дроги и секс додека пишувате.

6. Работете наутро, со мала пауза за ручек, па работете попладне, изгледајте ги вестите, и потоа работете сè додека не заминете на спиење. Пред спиење, слушајте го малку Шуберт.

7. Ако морате да читате, забавувајте се со читање на биографиите на писателите кои се мрднале со умот.

8. Во саботите можете да си дозволите некој филм од Бергман.

9. Не патувајте.

10. Всушност, не одете никаде.

Ени Прукс

1. Започнете бавно и внимателно.

2. За да сте сигурни дека работите бавно, пишувајте со рака.

3. Пишете бавно и рачно само за нештата кои навистина ве интересираат.

4. Развијте занаетска вештина врз основа на годините искусно читање.

5. Пишувајте отпочеток и уредувајте сè додека не ја постигнете најсреќно погодената фраза/реченица/одломка/страница/глава/приказна.

Филип Пулман

Моето главно правило е да не учествувам во анкети од ваков тип кои само ме одвлекуваат од работата.


Извор: guardian.co.uk

Предлог: зошто да ги

Предлог: зошто да ги преведувате од Гардиан овие нешта, зошто да не бидете креативни, па да го направите следново: поставете ја оваа задача на 20 наши (десет млади, десет стари) писатели, па да видиме сите заедно што ќе излезе? Со тоа не само што ќе се промовираат млади писатели, туку и на симпатичен начин ќе се претстават разликите помеѓу нашите млади и стари писатели, ќе се видат промените во времето, различните концепции за пишаното, за општите случувања, но ситните нешта, или за животот воопшто... А окно би бил многу поотворен и поинтерактивен.
Секако дека го ценам ова што е преведено од Гардијан. Но можете ли вие да направите такво нешто? Дали сметате дека сте кадарни да најдете 10 стари (нека се и академци, мислам дека Гане со душа би напишал одговори на 10 обични прашања за пишувањето) писатели кои ќе сакаат да ви одговорат на прашања? (За 10 млади, секако дека ќе најдете...:)
Се жалиме дека нема интерес за млади писатели кај нас... А правиме ли нешто за да ги промовираме? Еден ваков проект не е тежок за остварување, а во секој случај би вклучил доста луѓе, би ги подразбудил старите писатели, и барем малку би продонел по некој да се заинтересира за она што го прават (барем дел од) младите писатели. Во секој случај би се имало позитивен исход.
(Еве, плус идеја: тутнете им на старите книги од млади писатели, нека пишат збор-два за понекоја од нив).
Ова би бил добар проект. Ама треба некој да потегне.

Па, потегнете, Млад Писателу!

Па, потегнете, Млад Писателу! Направете го токму она што нам ни го советувате! Ако квалитетно ја завршите работата, ние ќе го објавиме вашиот труд и ќе го хонорираме.

Скоро секој ден го отворам

Скоро секој ден го отворам окново, гледам, читкам, го препорачувам... А вие секој пост го сфаќате како напад. Како навреда. И скоро секогаш реагирате нервозно, омаловажувачки.
Јас ги немам соодветните контакти и не ги познавам точните начини како тоа треба да се направи. Вие ги знаете дваесетте личности и десетте прашања кои треба да се постават. Знаете каде да ги најдете, како да им пријдете. Башка, јас сум „физичко лице“, мене никој не би ме погледнал. Вие сте институција со традиција на поддржување млади автори.
Го прочитав излагањето во кое зборувате дека со окно, една година се борите против бруталноста во македонските медиуми и против: фрагментираноста кај младите (уметници). Со ваков проект навистина би се намалила фрагментираноста. Докажете се: за еден ваков проект потребна е само сигурноста дека некој ќе ве послуша. Ја имате ли таа сигурност?

Грешите, Млад писателу. Мојот

Грешите, Млад писателу. Мојот обид да ве охрабрам, ем да сработите нешто (пошироко) корисно, ем да се обидете да заработите некој денар, го сфаќате како напад и омаловажување.

Што се однесува до конкретната работа: бара труд, како што самите констатирате. Контактите, меѓу другото, се стекнуваат и со труд. Зашто не би се обиделе, не ве разбирам?! Отидете до МАНУ, на пример, оставете прашања за неколку повозрасни писатели таму. Отидете до ДПМ - направете го истото. Најдете мејлови од помладиве писатели (мада и повозрасните користат мејлови, се разбира) - и завршите ја работата! (се разбира, нема сите да ви одговорат, но тоа е дел од работата; ако се плашите дека ќе ве откачат, користете стратегии: кажете дека правите прилог за Окно или за Маргина или нешто сосема трето, за да бидете поубедлив, итн.)

Совети за младите писатели

Предлогот на Младиот писател е прекрасен, креативен и бара акција, но како што бива во нашево општество, место акција отприлика секогаш добивате реакција. Не се согласувам со kolja, бидејќи не се сите писатели од Скопје, па да можат така едноставно „да скокнат“ до МАНУ и да најдат електронска пошта (мејл-патем е странцизам!) од помладите и/или постарите колеги, небаре човекот ако е млад, треба да се претвори во ДБК! 
Советите пак, сами по себе се интересни, добро е што некој ги пренел и по мое лично мислење сите ја отсликуваат индивидуалноста на нивните автори. А некои звучат и практично. И дефинитивно би било добро да ги слушнеме наашите писатели на оваа тема. Јас лично, би сакала да мислење/ коментар/ совет од Венко Андоновски и Божин Павловски.

mislam deka reiner maria

mislam deka reiner maria rilke ne smee a da ne se spomene... inaku ovie simpatichni...pisanija povekje mi lichat na"kakov e mojot ritual na pishuvanje". elmor malku otskoknuva, kako i da e, toj skoncentriran e na toa "kako da pishuvate knigi koi bi mozhele da se prodavaat" 
 

ОкоБоли главаВицФото