Како сè може да колабира

23.03.2022 18:22
Како сè може да колабира

Што и да зборуваат оптимистите, епохата во која живееме е јасно обележана со спектар од различни колапси.

 

Тотално забрзување

Ако превиткате големо парче ткаенина, по четири превиткувања дебелината на ткаенината ќе изнесува околу 1 сантиметар. Ако успеете да ја превиткате 29 пати, дебелината ќе биде 5.400 километри, колку што изнесува растојанието меѓу Париз и Дубаи! Уште неколку превиткувања се доволни да се премине растојанието Земја-Месечина.

Да го земеме за пример и кинескиот БДП кој расте 7% годишно и претставува економска активност која се удвојува на секои 10 години и која, значи, четирикратно се зголемува на секои 20 години. После 50 години ќе си имаме работа со обем од 32 кинески економии, што во однос спрема сегашните вредности е еквивалент приближен на четирикратна светска економија! Дали навистина верувате дека е вакво нешто можно во состојбата во која планетата сега се наоѓа?

Не фалат примери со кои би можело да се опише неверојатното однесување на експоненцијалната крива, од равенката на лилиите до таблата чиишто полиња ги пополнуваме со зрна ориз помножени со два. Сите покажуваат дека ваквата динамика е изненадувачка, дури контраинтуитивна; а кога ефектите на ваквиот раст ќе станат видливи, ќе биде доцна.



Во математиката, експоненцијалната функција се качува до небо. Во реалниот свет, на Земјата, плафонот е многу понизок. Во екологијата овој плафон се нарекува носивост на еден екосистем (капацитет на оптоварување ‒ да го наречеме К). Постојат три начини на кои еден систем реагира на експоненцијал. Да го земеме класичниот пример за раст на популација зајаци на една ливада. Или популацијата полека ќе се стабилизира пред плафонот (веќе нема да расте, туку ќе пронајде рамнотежа во природата); или популацијата ќе го прерасне крајниот праг што ливадата може да го издржи и потоа ќе се стабилизира во осцилација која полека ќе ја нарушува ливадата; или ќе го премине прагот и ќе продолжи да забрзува (overshooting), што ќе доведе до колапс на ливадата, а со самото тоа и на популацијата на зајаците.

Триве теориски схеми можат да послужат како илустрација на три епохи. Всушност, првата схема одговара на политичката екологија од седумдесеттите години на 20иот век: сè уште имавме време и можности да тргнеме по патот на „одржлив развој“ (steady-state economy). Другата схема ја претставува екологијата на деведесеттите години, епоха во која, благодарение на терминот еколошки отисок, станавме свесни дека е пречекорен капацитетот на глобалното оптоварување на Земјата. Оттогаш целокупното човештво секоја година троши „повеќе од една планета“ и екосистемите колабираат. Третата схема ја претставува екологија од втората деценија на 21иот век: за 20 години продолживме да забрзуваме, со потполна свест за состојбата на планетата, и со уште посилно темпо да ја уништуваме Земјата, системот кој ни пружа гостопримство и поддршка. Што и да зборуваат оптимистите, епохата во која живееме е јасно обележана со спектар од различни колапси (фр., sefondrer).



(...)
Светската популација, која последниве осум милениуми се удвојуваше на приближно секое 1000 години, се удвои во само еден век! Од милијарда жители во 1830 година, стигнавме до две милијарди во 1930. Потоа само забрзувавме: не беа потребни ни 40 години за популацијата уште еднаш да се удвои. Четири милијарди во 1970. Над седум милијарди денес. Од перспектива на еден човечки живот, личноста родена во триесеттите години го видела растот на популацијата од две на седум милијарди! Во текот на 20иот век десеткратно е зголемена потрошувачката на енергија, експлоатацијата на индустриски минерали е зголемена 27 пати, а на градежните материјали 34 пати. Размерите и брзината на промените што ги предизвикавме немаат преседан во историјата.

Ова големо забрзување се забележува и на општествено ниво. Германскиот филозоф и социолог Хартмут Роз опишува три димензии на општественото забрзување. Прво е техничкото забрзување: „зголемувањето на брзината на преместување и на комуникацијата создаде искуство на ’стеснување на просторот’, толку карактеристично за модерната доба“. Втората димензија е забрзувањето на општествените промени; нашите навики и обрасците на нашите односи сè позабрзано се менуваат. На пример, „гледаме дека нашите соседи сè почесто се доселуваат и отселуваат, како и дека нашите животни партнери (поточно, партнери во делови од животот) и нашите вработувања имаат сè пократок ’полуживот’; дека модата, моделите на коли и музичките стилови се менуваат со сè поголема брзина“. Присуствуваме на вистинско „скратување на сегашноста“. Третото забрзување се однесува на ритмот на нашиот живот; имено, под влијание на техничкото и општественото забрзување, и самите се обидуваме да живееме побрзо. Времето го пополнуваме многу поефикасно, избегнувајќи залудно да го трошиме, а зачудо, сè што мораме (и што сакаме) да направиме како неограничено да се зголемува. „Хроничниот ’недостиг од време’ стана перманентна состојба на модерните општества“. Резултат? Бегање на среќата, прегореност и масовна депресија. А врвот на напредокот, забрзувањето кое неуморно го создаваме и трпиме, е што дури и не се стремиме да го подобриме својот живот ‒ забрзувањето ни служи само за да задржиме статус кво.



Превод и подготовка: П. В.

Извор за текстот: Pablo Servigne, Raphaël Stevens - Comment tout peut s’effondrer: petit manuel de collapsologie à l’usage des générations présentes (прво издание 2015)

 

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Општество / Европа / Свет
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото