Зборот

04.04.2022 12:17

Зборот изречен нежно, со душа
- најдалеку се слуша.
Може да викате,
да се лутите,
да беснеете,
можете да крескате,
да се буните,
да се смеете,
можете како гром да трескате,
како ѕвонец да ѕуните
и чудно да ви биде на душа -
што никој не ве слуша!
Можете полека, и нежно,
како што снежи од
небото снежно,
можете тихо, леко,
како што паѓа пердувчето меко,
како што шепоти трева кога расте,
и како што сонот доаѓа, се пласти,
можете да побарате и замолите,
скромно, тихо, со смирена душа
та секој да ве разбере,
та секој да ве слуша.

 

Глигор Поповски е еден од најпознатите македонски писатели за деца. Роден е на 1 април 1928 година во село Будинарци, Беровско. Завршил учителска школа во Скопје, а работниот век го поминал во „Пионерски весник“, работејќи како новинар, во книгоиздателството „Детска радост“, каде што извесен период бил и главен уредник, а ги уредувал и списанијата „Другарче“, “Развигор“ и „Росица“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1954 година.
За своето творештво како детски писател Поповски бил наградуван со: „Партизански курир“, „Младо поколење“, „13 Ноември“, „РТВ – Скопје“ на Струшките вечери на поезијата, во два наврати: во 1969 и 1973 година, „Курирче“.
Починал во Скопје, на 14 мај, 2007.

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото