„Пиши им“ – нова онлајн платформа со која граѓаните може да комуницираат со општинските советници

08.07.2022 16:29
„Пиши им“ – нова онлајн платформа со која граѓаните може да комуницираат со општинските советници

Фондацијата Метаморфозис во рамките на проектот за граѓанско учество на УСАИД разви онлајн платформа www.pishi.im, со која граѓаните ќе може да комуницираат и разменуваат информации со избраните општински советници во локалните самоуправи каде што живеат.

„Намената на онлајн платформата www.pishi.im е предвидена како централна точка за информирање, вклучување и вмрежување на граѓаните од одредена општина со избраните општински советници во самата општина. Платформата www.pishi.im ќе овозможи полесна и поефикасна комуникација меѓу граѓаните и избраните општински советници“, велат од Фондацијата Метаморфозис.

Платформата „Пиши Им“ е едноставна за користење и на неа се поставени форми за комуникација преку кои граѓаните ќе може да видат кои се општинските советници во нивната општина, кои се нивните надлежности, и доколку сакаат, ќе можат преку истата форма да ги контактираат.

Посетителите на страницата имаат можност да пребаруваат и преземаат одредени податоци (во .csv, .xlsx, .docx и .pdf формат, во зависност од податоците).

Преку платформата „Пиши им“ секој советник може да биде лично контактиран од страна на граѓаните за разни економски и здравствени прашања, социјални услуги, образование во општината, како и за работата на советот, јавни претпријатија и самиот градоначалник.

Воедно, на онлајн платформата ќе има и рангирање на општинските советници во земјава, и тоа според бројот на испратени пораки од граѓаните до нив, но и според тоа колку од испратените пораки се одговорени од конкретните советници во локалните самоуправи. Покрај статистиката по советници, има рангирање и според статистиката по општини, по политички партии и по тип на прашање.

Извор: Мета

Слични содржини

Општество / Активизам / Значења
Општество / Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото