1025 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:56
"Контемплација"
Добрите познавачи на делата на Хенри Ноувен, некои четириесеттина на број, знаат на шега да кажат дека Ноувен „ја напишал истата книга четириесет пати.“ Гледано површински, поентата може да се разбере. Гледано од одреден агол колку само овој заклучок е погрешен. Истото би можело да се каже и за серијата автопортрети на Тони Попов. Тој насликал едно лице речиси четириесет пати. На прв поглед е точно, а сепак целосно погрешно. Предметот за сликање на сликарот е ист, но содржината е толку различна. Сепак, лицето на сликата е секогаш автентично неговото. Дури и со фактот дека се троши неусетно.
Автопортетот не е современ феномен. Има записи и артефакти кои сведочат дека се користел како уметнички израз уште во антиката. Во Европа за најран познат пример се смета сликата „Портрет на човек“ на Јан ван Ајк од 1433 година. Оттогаш овој уметнички израз зачестува, а прв сликар кој прави серија автопортрети е Албрехт Дирер. Веројатно најинтригантен од нив е оној со наслов „Автопортрет со крзнено палто“, насликан во 1500 година. Карактеристично за ова дело е што е инспирирано од портретирањето на Исус Христос. Сакал ли Дирер да каже дека е совршен? Имајќи го предвид неговиот сериозен пристап кон христијанската вера, многу поверојатно е дека тој со оваа слика на уметнички начин го нагласува она за што Тома Кемпијски пишува во неговата книга Угледување на Христос. Секој христијанин може и е обврзан да се угледа на Христос.
Тони Попов со своето севкупно творештво, сликарско, поетско и прозно, нема дилеми дека е несовршен. Напукнат е, дури и поткршен, тажен, исплашен, бесен, меланхоличен, созерцателен и над сѐ искрен. Гледајќи го и читајќи го неговото творештво станува полесно да си ја согледаме и да си ја признаеме својата несовршеност. Зошто воопшто да се биде свесен за сеопштата состојба на напукнатото несовршенство на човештвото? На логично ниво одговорот е лесен. Затоа што имаме концепт за совршенство. Потешко да се одговори е од каде ни е, вака несовршени, поим за совршенство? Не знаеме што точно тоа е и дали воопшто постои, но неумоливо го прогонува човечкиот род од памтивек. „Автопортрет во изолација“.
Со оваа збирка автопортрети и песни Тони Попов решил да престане да бега и да се фати во костец со сопствената кршливост. Резултатот е безброј скршени парчиња, но и храбро градење мозаик од нив. Тони е безобѕирно суров и треперливо сочувствителен со феноменот човек. Не сака да скрие ништо од грдото, од тешкото, од очајното и не сака да се откаже од убавото, од возвишеното, од надежното. Добредојдовте во магичниот реализам на Тони Попов. Тони знае дека има магија и на сите ни е потребно нејзино разбивање. Исто така, Тони знае дека има уште подлабока магија и на сите ни треба нејзиниот алхемиски лек. Анализата на алхемијата на уметноста на Попов ќе ја почнеме со група слики од збирката. Именувани се како „Aвтопортрет“ со определен опис, на пример, „Автопортрет во изолација“. Потсвесно или не, од шесте слики во оваа група само оваа е насликана во јасно определен затворен простор. Вратите на орманите зад автопортетот се затворени. Авторот е ограничен, како да е ставен „в ќош“. Положбата на рамењата и на очите укажува дека сликата е работена според „селфи“ фотографија. Контурите на лицето се изразени, добро осветлени. Состојбата е таква што не бара дополнителни интервенции. Ова е лице на заробеник. Затворот не е само оваа соба, туку во тие мигови, затвор е целиот свет. Во очите се чита колективното прашање, „Што нѐ снајде, што нѐ запусти?“ Во погледот нема отпор, нема гнев, само проста констатација. Но тематските претставувања на ова едно исто, а секогаш различно лице, сведочат за сите карактеристики кои на оваа слика отсуствуваат. На сликата „Автопортрет со црвена јакна“ и „Автопортрет со розева капа“ сите тие се изразени со потезите на четката и со комбинациите на боите. На првата, Попов е вџашен, подготвен да бега или да се бори, а на втората на лицето му се чита пркос. Авторот објавува, „ете ме, тука сум“. Преостанатите три слики се автопортрети на еден пушач. На нив тој пуши пура и цигари и со тој чин најавува дека нема намера да престане да го живее животот зашто нема намера да престане да слика и да пишува песни, дури и ако во Загреб еднаш засекогаш ја замразил поезијата. Како поинаку би се објаснила слатката болка која ја предизвикува песната „Со татко ми“, која навидум зборува за чадот на цигарите и за смртта, а всушност е за добрината и за животот? „Автопортрет со пура“
Се разбира, сликарството и поезијата се поврзани со тенка, но нераскинлива врска со филозофијата. „Со татко ми“ нѐ воведува во втората група автопортрети. Една од нив е насловена како „Филозоф“. Жолто-зелената нијанса доминира, потезите на четката се брзи и во поширок појас, а очите гледаат, но и нѐ гледаат нас. На сликарот за оваа слика му било поважно да го нагласи мисловниот процес, она што се случува во главата, а не појавните елементи, како на пример, самата глава. Устата е подотворена, но не во форма на збор, туку на знак за контемплација. Контемплацијата знае да тежи, речиси да боли. Овие искуства се прикажани на сликата насловена „Контемплација“. Вниманието го привлекуваат обете дланки кои ја придржуваат главата. Уметникот седи пред маса врз која се расфрлани неговите основни средства за сликање. Само уште да можеше да ја најде нишката која би го водела до неговата следна автопортретска композиција! Ова е крајно Вангоговски, а особено познатата слика на старец седнат на стол со наведната глава придржувана од дланките. Што ќе донесе креативниот процес? Уште повеќе очај, или пак ќе ги отвори портите на рајот? Донекаде ова прашање е одгатнато од другите слики во оваа „филозофска“ група, еден портрет зрачи со ведрина и е наречен „Светло“. Друг пак, означува дека му дошла „жута минута“ и е соодветено насловен „Жолто“. Следното дело дефинирано со боја е наречено „Сино“. Наспроти „Светло“, „Сино“ е обвиено во темница. Ова е амбиент за да се слуша блуз. Или да се чита поезијата на Попов. Така сликата „Гледано од одреден агол“ оди заедно со истоимената песна. И сликата и песната се храбро противставување на славниот почеток на Ана Каренина. Според филозофијата на Попов, сите луѓе си личат едни на други во тагата и се свесни за смртноста, а сепак ... „Сино“
Во групата на автопортрети со филозофско-контемплативна тематика е и оној насловен како „Мислејќи на Хелене Шјерфбек“, финската национална сликарска икона. Ова претставување на сопственото лице отстапува од инсистирањето на прикажувањето на секоја брчка и фалинка. Лицето е младешко, без брчки и во златен пресек. Попов не ја имитира Шјерфбек. Тајната на авторот треба да се бара во друго место на нејзиното творештво. Таа е нарекувана „сликар на сликарите“ зашто постојано преземала ризик со нови стилови на сликање и не се повикувала на „стара слава“. Темпераментот, а уште повеќе карактерот на Попов не му дава да се држи до познатото, до безбедното, до докажанато. За него да се биде уметник или поет е да се живее опасно. Како инаку ќе се објасни нешто што не би можело да биде класичен автопортрет. Наместо со своето лице, Тони решил да ја наслика својата „Сенка“, а од песната знаеме дека тоа е „Мојата изнемоштена сенка“ која бдее над сопствените деца во обид да ги заштити.
Да се живее опасно значи да се ризикува смрт. „Зошто да не“, би рекол Попов, кога сеедно на крај сите умираме. Затоа „Memento mori“! Да се сетиме дека сигурно ќе умреме, „зашто годините си го направија своето“ и секоја од нив нѐ влече „Надолу-1“ и „Надолу-2“. Сеедно, со сета свесност за оваа неизбежност на животот да заврши со смрт, носечката слика со која се именува изложбата покажува дека е уште полошо, „Човек се троши неусетно“. Немаме време ни за витамини, а камоли за благодарност. Часовниците со нивните отчукувања, а и ние со нив, сме изронети од времето кое мислиме дека можеме да го измериме. Неусетно во еден миг ќе ни светне дека нам ни е земена мерката и чашата ни се преполнила, капка по капка, времето ни истекло. „Memento mori“
Но и ова не е сѐ! Меѓу тие две отсечки на раѓањето и на смртта доживуваме неброени „Бури“, „Секогаш нешто недостига“, па колку сака Тони нека протестира и нека вика „Ми рекоа дека ќе биде полесно“. Како и со секој поединец меѓу седумте милијарди луѓе и за уметникот неговата несреќа е најголема. Не само што е најголема, туку таа е еднаква на „Сите несреќи на светот“. Иако автопортрет, на неа не е Тони, ова е неговото алтер его, Винсент Касел по некоја филмска сцена на улична тепачка. Но песната со ист наслов ни кажува дека ова алтер его е покритие за сцена од сопственото детство, а и она на татка си. Насреде сите, ама баш сите несреќи на светот цути неумоливата надеж на детското срце. Ниедна човечка несреќа нема да биде неискупена. Така ќе биде со секој „Крик“ без разлика колку и да си во еден миг „Загрижен“.
Се лизнал ли Попов врз мразот на патетиката, тргнал ли по удолницата на мелодрамата? Никако! Премногу добро се познава себеси за да се залажува со вештачките засладувачи на пелинот во животот. Сликарот си го знае срцето и за него вели, „Моето скржаво срце“. Сликата е тегобна како и насловот. Ова е уловен миг на неусетно трошење. Колку повеќе сакаме да грабаме, да задржиме, да доминираме, толку повеќе скржавоста на срцето нѐ истоштува. Иднината нѐ преплашува зашто минатото нѐ затрупало со сеќавања за нашата скржавост. Сликата „Моите сеќавања“ прикажува што му прават тие на умот и на телото во сегашноста. Исто е и со сликата „Девет наутро“ и „Летото е во зенит“. Сегашноста никако да дојде, сѐ е поклопено од очајното минато и проколната иднина. Ова особено доаѓа до израз во сликата и песната „Чекајќи го возот“. Композицијата на сликата би можела да биде сцена од „Чекајќи го Годо“. Ако некој и би се посомневал во ова, песната ја брише секоја дилема. Поетот Попов вели, „Ќе ме нема. Влагата ќе ги изеде моите стихови“, и „Безначајноста која ме притиска е поголема од вселена“.
Овие слика и песна се премин во последната група слики од изложбата на автопортрети на Тони Попов. И оваа група е усогласена со претходните. Тони е решен да не се усогласи со ниедна идеологија, со ниедна пропаганда. Тој е на страната на конкретната личност и на општото човештвото. Попов има јасни уверувања за тоа што е човекот, од каде потекнува и каде оди. Тоа не го наведува да разработи некаква програма за спас, била конзервативна, либерална, десничарска или левичарска. Не сака Тони ни да биде сметан дека се држи до умерениот центар. Ако веќе мора да декларира припадност, тој тоа го прави така што кажува што сонува да биде, а не што е. Попов изјавува, „Отсекогаш сонував да бидам левучар“. Левучар во физичка, а не во политичка смисла. Па ако не можел или му било оневозможено во стварноста, тој со својата десна рака на овој автопортрет се насликал со четката во неговата лева дланка. Се прашувам случајно песната „Отсекогаш сонував да бидам левучар“ да не е напишана со левата рака? Исто така, автопортретот „Сламка цигара“ го покажува левиот профил на сликарот. Традиционално левата страна се смета за послабата, повеќе за поддршка на десната отколку за самостојно дејство. Дури и ознаките на бројките за минус и плус, минусот, негативата се ставени од левата страна. Левучарите се малцинство и ретко секојдневните алатки и други средства се прават земајќи ги нив предвид. Гитара за левучар е исклучок кој го потврдува правилото.„Why so serious?“
Автопортретите и поезијата на овој сликар-поет се бунтуваат против вакви исклучоци и правила. Сликарството и поезијата за него се или автентичен израз на духот или не вреди воопшто да се создаваат. Тони Попов, драги мои, не е „Ничие куче“. He is nobody’s dog! Никој нема да му кажува дали има право на смеа или на тага. На сликата „Право на смеа“ гледаме уметничко толкување на какво било човеково право. Дури и ова уморно лице со речиси затворени очи, свесно само за чадот на цигарата и неволноста да се мине низ уште еден ден, има право да се насмее. Никој на светот не може тоа да му го забрани. Дури и на намуртениот израз на сликата „Навистина, другар сонце“, Попов објавува дека секој има право на парче место под сонцето. Дури и да било така и навистина за Попов да важи насловот од сликата „Немав ништо кога дојдов“ и недостигот на светлина да го проголтал лицето на автопортетот, тоа не го дефинира него, ниту пак, кој било друг човек. Секој човек има право на починка. „Починка“ е сублимат на сите други слики од овој творечки циклус на Попов. Тежината и лузните на животот, секој пад и секое подигање, тагата и радоста, болката и задоволството, човекот на крај го доведуваат до тоа да знае дека во конечна смисла на зборот е сам. Затоа во свесноста за неизбежното самување Тони со уште еден автопортрет се прашува, „Why so serious?“. Одговорот на Тони е затоа што сам мора да реши како ќе живее и како ќе ја дочека смртта. Големите животни прашања нема никогаш да го напуштат човековиот род. Уметноста и поезијата се дар за човештвото додека мислиме на нив за миг два да имаме починка зашто навистина уметноста и поезијата, како овие на Тони Попов, ни овозможуваат да го видиме „Аголот на надежта“ и заедно со него да речеме, „Чудно е колку човек поинаку размислува кога не се плаши“. Изложбата „Човек се троши неусетно“ е искрен и храбар творечки акт на надеж насреде морето на безнадежност во современиот свет.
д-р Коста Милков
Балкански институт за вера и култура
"Автопортрет со цигара"
"Гледано од одреден агол"
"Годините си го направија своето"
"Крик"
"Сламка цигара"
"Немав ништо кога дојдов"
"Починка"