Раскошен паноптикум за Македонија во очите на странските уметници

27.09.2022 12:01
Раскошен паноптикум за Македонија во очите на странските уметници

 Готард Бауер (1887-1976), "Охрид" 1916, гваш-акварел

Сметам дека, барем последнава деценија, „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот 1850 ‒ 1950“, дело иницирано од Влатко Милошевски на кое подоцна продуктивно му се приклучил и коавторот Зоран Андонов – е најоригиналната и најзначајна објава од доменот на историјата на уметноста во насловниот хронотоп на нивната книга. Таа нова, двојазична книга – публикувана на македонски и на англиски ‒ е многу повеќе од „лексикон“ како што скромно ја насловува нејзиниот првичен автор. Таа е детализиран паноптикум на уметници и дела, во најмалку познатиот домен на ликовната историја, наша, но и меѓународна. Овој паноптикум за просторна рамка го зема географскиот простор на Македонија и на нејзините луѓе, населби и пејзажи како богата инспирација, како разнороден мотив, тема, како слика, пејзаж, композиција и фотографски документ на близу 200 уметници од најширокиот меѓународен, главно европски ликовен и културен простор. Дел од тие уметници, на македонските географски, етнографски и геополитички простори престојувале индивидуално, со мирнодопски поводи, но повеќето во рамките на воените деташмани и присуства на немирниот Балкан, каде што своите видувања и инспирации ги овековечувале во изненадувачки бројни и сјајни, разнородни уметнички творби.

Тие ликовни богатства што се претставени во оваа книга се резултат на деценија и пол долгата, ентузијастичка и ангажирана тематска потрага на еден благороден електроинженер и компјутерски стручњак кој, роден во Скопје, со години живее и работи во Холандија, а очигледно не престанува да ја мечтае својата земја, луѓето и духот на овие простори и тоа на најпродуктивниот можен начин: изразувајќи ги своите мечти низ доживувањата на бројните ликовни уметници што се застапени во неговиот естетски проект. Така тој го гради ликовниот мозаик за Македонија низ артефактите што ги наоѓа во својата петнаесетгодишна потрага по уметниците и особено по нивните творби што во слика ги овековечувале духот и историскиот изглед на овие особени, волшебни простори. Накусо, оваа книга е дело иницирано од еден систематичен автор кој е вљубен во уметноста врзана за мотивите на неговиот (најшироко сфатен) домицилен предел и поттикнат од ликовните и етнографските рефлексии остварени во ликовните дела на странците коишто ги сликаат и сјајно, разнородно и богато природните простори, пејзажите, но неизоставно и живописните ликови, носии, амбиенти на Македонија од двете столетија што се определени во насловот на „Лексиконот...“. Овие уметници ги изразуваат своите особени творби, медиумските и стилски разнородни уметнички видувања на македонските амбиенти и човечки простори. Во потрагата по тие богати видувања, авторите на „Лексиконот... “ дискретно ги означуваат и своите сопствени, како впрочем и останатите македонски етнички како и мултиетнички домицили.

Ричард Аих (1886-1975), "Скопје (Ушкуб) сцена од пазарот," 1918, масло на платно

Влатко Милошевски и Зоран Андонов, со слика и со вешто напишан збор, преку овој проект ни покажуваат како се сака својот народ, неговото минато, кои убавини ги носи роднокрајниот, но и најширокиот предел на географска Македонија, заедно со другите народи и култури што го населуваат тој предел. Токму затоа „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот 1850 ‒ 1950“ го доживувам како израз на еден универзалистички и воедно многу личен естетски патриотизам во чии мотивации е населена, и етничка, и мултиетничка Македонија на авторскиот двоец Милошевски и Андонов; а со тоа и Македонија која ми припаѓа „и мене“, а воедно и на сите нам.

Систематично според потеклото на уметниците, енциклопедиски педантно, но далеку пообилно во соопштувањето на биографските податоци, често и на возбудливите животописи на застапените странски уметници, Влатко Милошевски и Зоран Андонов ги претставуваат креативните личности, уметничките, често и приватните биографии на голем број ‒ над двесте на број – на често не/доволно/познати, автори и на уште побројни ликовни дела создавани низ декадите, во текот на едно возбудливо, драматично столетие во кое тие ја фокусираат втората половина на 19. и првата половина на 20. век. Тој нивен едновековен македонски историски фокус е исполент со неспокои, војни, меѓуетнички судири, со драматични и трагични настани, но и со соживот, мултиколоритност, спокојно иако макотрпно секојдневие на луѓето и на народите од овој комплексен простор, како што тоа убаво се отчитува од мозаикот формиран од бројните уметнички творби што се претставени во ликовниот „Лексикон...“ на Милошевски и Андонов. Голем број од нив се вистински ликовни ремек-дела (масла, акварели, гвашеви, графики, цртежи со молив и со туш, дрворези, документарни и уметнички фотографии... ) – во едната димензија прецизни сведоштва, а во другата, подеднакво значајна, разнородни доживувања на различните теми и мотиви кои на рафинираните уметнички погледи и инспирации, остварени низ примената на европски најактуелните своевремени ликовни стилови, во распон од реализмот, импресионизмот, геометризмот до кубизмот низ кои македонските амбиенти ги согледуваат и ги изразуваат ликовните уметници од различните европски и балкански средини: од Англија, Италија, Германија и Франција, до Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, но и Австроунгарија и Југославија... и кои им ги нуди широката и живописна територија на географскиот предел на Македонија денес распореден во четири балкански држави кои денес го владеат живописниот мултиетнички и мултикултурален пејзаж.

Вилиам Томас Вуд ( 1877- 1958), "Дојранскиот фронт погледан од Сал Грек де Попово" 1917, масло на платно

Со оваа книга чиишто богато опремени страници, сјајно дизајнирани (Небојша Гелевски), и со солидни двојазични текстуални претставувања на авторите и со бројни колор-илустрации на ликовните и на еден број дела од применетата уметност, авторите лесно успеваат во нешто што тешко им оди од рака на политичарите: раскошно да ја отворат Македонија ‒ како мултиетнички и мултикултурен, жив, колоритен, разнообразен простор, но воедно и простор на духовни, обичајни и менталитетни прелевања ‒ кон Европа, имено како нејзин неразделен, едни пати особен и ориентално егзотичен, други пати сосем соодветен западен културен европски простор и амбиент; соочувајќи нѐ и нас, но и европските љубители на уметноста со погледите врз богата мултикултурална етнографика, пејзаж, секојдневие, амбиенти и специфични градби од различни периоди на ова тло што памети и содржи, покрај современите и древни сеќавања, обичаи, типологија, костимографија и историска сценографии на стари сосем зачувани, но и на со векови разурнати објекти...

Така, со оваа капитална објава, „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот 1850 ‒ 1950“ Македонија се пројавува како простор на европски поврзувања, наместо старото јаболко на балканските раздори.

Уште еднаш се потврдува дека само уметноста, особено во вознемирени времиња, токму низ убавината на еден европски преоткриен простор може да го спаси духот на светот, но и самиот свет од неговите стереотипи и предубедувања спрема вештачки дистанцираните простори.

Алмери Лобел Риш (1880 -1950), "Македонска селанка," 1916, литографија.

ОкоБоли главаВицФото