Дневник од Нишка бања (2)

03.10.2022 08:59
Дневник од Нишка бања (2)

АВАНТУРA

Вчера претпладне решив да ги најдам „стазите“. Низ убавиот парк успеав лесно да излезам на првата и најкусата. Почувствував чудесна мирнотија меѓу дрвјата и појасно ce слушаше во неа пеењето на птиците. Kогa патеката ce заврши, решив да не ce враќам назад, ами да продолжам во истата насока. И тука почна мојата „авантура“. Правилно размислував дека пред мене негде наблизу ќе ce покаже асфалтниот пат што ќе ме доведе до хотелот. Но како пречка ce јавија прво нерамнините, a потоа уште повеќе стрмното спуштање кон асфалтот. Мојот бастун работеше усилено. Ce случи и да ce враќам, избирајќи позгоден пристап. Почнав да ce заморувам. Во еден момент ми ce јави желбата да ce пласнам на земи, да останам така. Можеби и ќе пропаднам в земи. Тогаш ce сетив за стиховите: „Земјо, радост ѝ треба/ на една младешка снага./ Лекуј ме, лекуј земјо,/ од немир темен и тага!“ Кога со крајно трпение сепак слегов на патот, видов дека можеби половина час сум употребил да изодам не повеќе од двесте метра. Co големо олеснување се спуштив на првата клупа да земам малку душа. Тогаш решив при идните прошетки да не влегувам во несигурни ситуации.

22. IV. 1988.

ПОМОШНИОТ ПЕРСОНАЛ

Вчера ја прикажуваа новата воена болница во Загреб како објект што му припаѓа не само на овој, ами и на идниот век. Нормално даваа податоци за текот на изградбата, за погодностите на самата зграда и особено за најсовремената апаратура. A мене мислата постојано ми ce задржуваше на помошниот персонал што ќе работи тука. И по мојот најнов опит, тие луѓе, a пред cè сестрите, ce особено важни за болните. Тие ce во најблизок контакт со нив, водат сметка за нивната потреба од внимание и со повеќе нишки ги поврзуваат со самиот живот.

Во Воената болница во Скопје сестра Соња ми ce обраќаше со „душо“. Да речеме: „Дај ја, душо, раката да те боцнам“. Душко, долгогодишен медицински техничар, ме возеше со количка низ коридорите за некои прегледи. Едно попладне дојде да ми даде лекови. Кутијата со лековите ја носеше опрена на мешето неговиот мал внук Владо. Другиот ден го пофалив Влада. Душко издивна: „Добро е детето, само без татко. Јас треба да му го заменувам и таткото“.

Во Загреб бев сместен во Заводот за дијабетес „Вук Врховац“. Тихата и деликатна сестра Вера ме водеше, кога беше потребно, на преглед во некои други болници. Ce случуваше, дури чекавме, да ја снема за малку и да ce врати со кафе за мене во пластична чаша. Сестра Бранка беше задолжена со „едукација на болните“. Била пред да ce омажи на екскурзија со својот свршеник до Охрид и останала одушевена од нашите краишта. Читала и некои мои песни. Ја донесе дури и книгата. Беше тоа антологија на југословенската поезија издадена во Падова двојазично на јазикот на оригиналот и во италијански превод. Книгата ѝ била препорачана како лектира од нејзината професорка по италијански јазик. Кога ce вратив дома, ѝ испратив на сестра Бранка едно свое двојазично издание. За жал, тоа беше кириличко, a таа самата ми кажа дека тешко ја чита кирилицата.

Сега овде, во Нишка Бања, најмногу информации добивам од собарицата Нена. Беше загрижена од тоа што нагло застуде, ce плашеше да не ѝ настрадаат овошките. Пред три години во своето село насадила триесет корена, и токму оваа година чека да прородат. Минатата недела добила три слободни дена. Кога ce врати, ми ги покажа задоволно поцрвенетите раце. За сето време работела. За среќа, овошките не ги фатил мразот. И сестра Верица не ce одделила сосем од селото и земјата. Таа има дури лозје во своето село, на девет километри од Нишка Бања. Кога ѝ пожелав убав викенд, таа забележа дека можеби ќе ѝ биде напорен, зашто лозјето сака мотика. Секогаш сум мислел дека ce во предност оние луѓе што барем со една нога стојат на својата земја. Најпосле младиот медицински техничар Неша. Кога првпат ме водеше на терапија, ја чув од него забелешката дека човекот си мисли оти има право да ја менува природата. A кој му го дал тоа право? При друг случај му ја раскажав оваа болничка анегдота. Лекарот прави визита и ја праша сестрата како ce чувствува болниот. Таа одговара: „Лошо“. Toj ѝ прави замерка: „Не ce вели така. Другпат ќе кажете: болниот вели дека му е подобро“. По два-три дена, повторно на визита, тој го поставува пак прашањето како ce чувствува болниот. Сестрата одговара: „Болниот вели дека е мртов“. Неша ce насмевна и забележа кратко: „Црн хумор!“ Неша ме придаде на грижата на сестра Радица. Кога го прашав за нејзиното име, тој рече „Рада“. Самата таа ce претстави како Радица и затоа јас така ја викам.

24. IV. 1988.

НИШКА БАЊА

Овде сум во „Радон“ на терапија од 8 април. Дома ce враќам утре претпладне. Време е да ги заклучам овие белешки.

He паметам кога сум бил првпат во бањава. Еднаш го посетив Митрев, во вилата на Драгиша Цветковиќ. Во „Зеленгора“ беше стационирана сестра ми Нада. Дојдов да ја земам, кога требаше да ce враќа дома. И инаку сум доаѓал кога сум ce нашол во Ниш. Два-три пати и сум преспал овде. Еднаш во „Озрен“, на извонредното патување за Софија во 1972. Еднаш во стариот хотел „Србија“. И сега поседов една вечер во огромниот ресторан на тој хотел. Свиреше бучна музика. Групи млади луѓе влегуваа однадвор и салата брзо ce полнеше.

При сегашниот подолг престој, ме интересираше да ги обновам поранешните впечатоци и да ги препознаам повторно објектите – хотелите, рестораните, самопослугите, бифињата. Ги најдов пак патеките за шетање, дојдов до шумниот поток што ce спушта стрмно од планината и како да ја одбележува границата на бањата од таа страна. Сега открив и една група магнолии токму во цутењето, со големи виолетови цветови што топло те пречекуваат и сакаат да ce населат во твојот спомен.

Но време е веќе да ставам точка. Бележев вакви ситни работи, a некои важни настани и тешки размисли не ги поверив на хартијата. Но можеби дневник и ce пишува за да ce премолчат имено таквите случки и најдлабоките дилеми. Сепак, ситниците ќе помогнат, за да ce лоцираат и тие во времето и некогаш полесно и појасно да ce разбудат во сеќавањето.

26. IV. 1988.

Слики: Francis Bacon

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото