„Јасен е интересот на партиските инструменти да шират лажни вести“

11.11.2022 11:06
„Јасен е интересот на партиските инструменти да шират лажни вести“

 

До потписниците на текстот-реакција на „Зелен хуман град“ на текст објавен на Окно.

 

Драго ми е што придвижувате полемика околу исклучително важни теми, важни и на животен начин: енергија, снабдување, загадување, град, јавен простор, па еве и, во дописот до Окно, ја зафаќате и темата медиуми и етичко известување. Сето тоа се теми со кои Окно континуирано се занимава речиси 14 години. Добредојдени се и вашите аргументирани критики спрема централната власт, која навистина ја има најголемата моќ во сите енергетски политики.

Зошто понекогаш од Фејсбук ги пренесуваме критичките опсервации на Никола Наумоски? Заради темите, заради неговата упатеност (четири години работа во врвот на градската власт) и заради општествената потреба (а тоа е смислата на медиумите) за веродостојна критика, особено спрема власта, која и да е. А богами го пренесуваме и заради острината на неговите опсервации, соодветна токму на нашата рубрика „Боли глава“, каде што најчесто (ама, во суштина, ретко) го објавуваме.

Иако неговите ставови често се пристрасни, не се согласувам со вас дека Наумоски е „докажан пропаганден инструмент“. Со таквото резонирање секоја критика може да се претвори во заговор и да се дисквалификува. Произволните етикети кои имаат намера да ги понижат и поништат критичарите значајно ги намалуваат медиумските и човечките слободи во секое општество, особено кога се користат од авторитарни режими и во недемократско опкружување. А вие, „активисти“, демагошки лелекајќи и арбитрирајќи над медиумите, токму користите таков тип етикетирање: „лицето докажано шири лажни вести (...), највулгарно комуницираше со општата јавност (...), освен што содржи лажни вести, содржи и неосновани најдолни навреди“ итн.

Наместо да се сосредоточите на материјалната расправа и на навистина важните теми за кои како граѓани баш и немаме доволно веродостојни информации, вие, „активисти“, во голем дел од вашите реакции се занимавате, суетно и некомпетентно, со медиумите!

Еве уште еден мал доказ за тоа колку сте несериозни во критиката на Окно (а тоа, за жал, ме наведува да заклучам дека можеби не сте доволно прецизни и одговорни и за другите посуштински работи во вашата реакција): тврдите дека геслото на окно.мк вели „портал за оние кои не ги прифаќаат готовите вистини“. Не дека е многу важно, но - такво гесло Окно никогаш немало. Вие конструирате гесло на Окно и потоа полемизирате и ја обвинувате вашата измислица за недоследност!

Дотолку е поапсурдно што еден параграф подолу попувате, површно и демагошки, како стандардни експерти за сè: „Јасен е интересот на партиските инструменти да шират лажни вести. Она што не е јасно е која е улогата на медиумите (кои уживаат извесен углед) во отстапување простор за тоа ширење на невистинити, а толку лесно проверливи, информации до пошироката јавност?“

Мојата реакција овде е исклучиво уредничка и во заштита на интегритетот на медиумот што го водам. Не полемизирам околу меритумот на расправата, меѓу другото и зашто не сум доволно упатен во политичките и бизнис игри и сплетки околу енергетското снабдување на Скопје (кои ни од далеку не се „лесно проверливи“, како што тврдите, со неразумна леснотија). Една работа, „активисти“, сепак ми е доволно јасна од вашата реакција, и во оваа точка се согласувам со вас: „Јасен е интересот на партиските инструменти да шират лажни вести“, вклучувајќи ги тука и манипулациите, демагогијата, површноста и ниската демократска култура.

Со почит,
Никола Гелевски, главен уредник на Окно


Цртежи: Ѓорѓе Јовановиќ, Слики од Скопје

ОкоБоли главаВицФото