Во магла и тага и моето име е лага (пет песни)

12.12.2022 14:34
Во магла и тага и моето име е лага (пет песни)

 

Месечината ме следи

Таксистот ниже без престан
енигматични навреди
кои веројатно му прават смисла
додека стоиме на црвено
немам желба да учествувам во разговорот
и онака човек е сето она
кое му останува премолчено

сакав само да стигнам дома поскоро
и да запишам понешто
знаејќи дека и онака зборовите
со кои некој чека да поентирам
секогаш ќе останат непишани
и само во непишаното
ќе може да ме најде

ми доаѓа по којзнае кој пат
да си помислам
колку ми е потребен молк
додека некој ме испраќа дома

сакам само тивок отворен пат
и месечина
за која еднаш толку наивно
замислував дека ме следи

додека патувавме некаде
со малиот автомобил
ја гледав низ отворениот прозорец
додека собирав во устата воздух
и броев колку секунди можам да го задржам
додека сосема не заборавав
на дишењето
зашеметена од немата и скромна убавина
пред моите очи

ме одминуваат силни сирени
и ротирачки светла
Добро е што не се за мене
Добро е што не сум јас
онаму каде што боли

зар не е така?
Секоја утеха за другиот
е утеха за себе
и неизговорена благодарност
за случајноста што си оној
кого болката го одминала
куршумот го одминал
невремето го одминало

животот е веројатно
среќно разминување со несреќата,
среќен е веројатно оној што пишува
истрошени фрази за несреќата
зашто не ѝ го знае вистинскиот вкус

не сакам да го вкусам
она што не можам да го проголтам
и сакам да останам недопрена
во моите истрошени фрази
кои ќе ги запишам
во моментот кога ќе стасам дома

и во оние што нема да ги напишам
зашто во нив ќе бидам најискрена

и можеби воздухот околу мене
ќе се претвори во воздух
кој ќе заборавам да го земам
зашеметена од некоја
нема и скромна убавина

 

Amor fati

Смртта е заборавање на мирисите
или на почетоците од песните

Жежок куршум мачно проаѓа низ мојот стомак
кога не можам да се сетам на гладот
што го длабеа сè повеќе
малите експлозии
без кои не знам која точно сум

Навистина заборавам која сум
кога не сум многу тажна
и гладна

Гледај,
Оние деца им фрлаат трошки на гулабите пред истата клупа
каде што последен пат зборував за гладот
на некој што се тргаше од
моите длабоки загризи

Понекогаш заборавам дека дупката во стомакот
веќе ја нема
и во обид да заличам на себе
ја раскопувам со двете раце
колку што можам
подлабоко
како што некогаш на сила сакам да досонувам сон
од кој сум се разбудила
па аматерски му напластувам
немирни искри од потсвеста

„Ниедно од утрата во кои се будевме заедно
не ми беше непознато“
или
„не ми беше чудно“
или
„не ми беше туѓо“.
Така некако почнуваше
една моја песна
што ја барам во насилно
разјадениот простор
но наместо тоа
наоѓам само празна чаша
во која истурам нектар
што не мириса игриво како
летните ноќи што ја расоблекуваа кожата
без многу двоумења,
туку мириса
на нешто што не ми е познато

новите мириси ме вознемируваат
зашто значат нови разминувања
со јасно всадените слики
во жариштето на моите носталгии

(кусите изблици на среќа
кога ќе видеше смешно куче,
на пример,
или водата во очите
кога ќе се сетеше дека е сепак
пофино кога сум негде
отколку кога не сум)

раскопувам
низ мене,
допирам, тука и таму,
за да ја осетам текстурата
на нечии кадрици
или нечии широки рамена
или да се потсетам
на гримасата
на некој што не сакаше коријандер
или на некој што
ми вети дека
секогаш ќе свратува на душекот
што остана само уште еден антиквитет
од таа весела декада

раскопувам низ мене, како луда
се ронам на сила како бајат леб
потопен во нектар
што има мирис
што на ништо не ме потсетува

бдеам над себе и мојата песна
чиј почеток некогаш ќе го заборавам

 

Уморени срца

Ако се плашиш дека ќе ме загубиш
додека сум сè уште тука,
тоа е неправедност
кон моето присуство, ми кажа
додека којзнае по кој пат не го уживав моментот
зашто бил неподносливо убав
а јас се плашам од неподнослива убавина
токму затоа што постојано ја трагам
и кога ја имам
не знам како да се справам
со нејзината привременост,
не знам како да бидам тука и сега

кога има толку многу иднина
кога има толку малку иднина

истовремено

Заедничкото на сите нешта
е нивната способност да заминат
никој не е посебен,
посебно е неговото збогување
што го чува во џебот
од своето срце,
за да го отплетка кога истото тоа срце
ќе биде уморено,

а има ли нешто потажно
од уморено срце

размислувам додека мрморам некоја лага
дека нема да се плашам повеќе
и ја ставам главата на топлото тело
броејќи колку отчукувања
пулсираат во минута

 

Исповед

Моето име е различно во сечија уста,
зависи најчесто
од вкусот на времето на разделба

Во моите сеќавања
последниот разговор останува секогаш потопол
од што навистина бил,
ако задувал ладен ветер
на нашиот југ

минатото станува големо
колку што е голема тишината во просторијата
каде што најсилно се чувствува провевот

Најпразна сум кога лажно се полнам
со истрошени значења
како пластична кеса
со други пластични кеси во неа,
пикната и заборавена во аголот

Тогаш зборовите ме прават
уште поосамена
и избирам само да набљудувам
колку се луѓето луди и тажни
и да се прашувам
кој ли е нивниот северен ветер
и за што најмногу се плашат
да не им одлета
Дали се плашат дека она што
ги приземјува е всушност
полесно од трошка
останата во пластична кеса
наполнета со други пластични кеси во неа
пикната и заборавена во аголот

Далечината ја мерам
кога ништо не ми е блиско,
кога немирното лето
се облекува во тежок смог
и замирисува на изгорени предмети
кои некогаш пополнувале соба
што била скривница
од невреме

Ја пружам дланката напред
да се измеша со нејасноста,
секој залепен допир на неа
да се измеша со чад и магла
што подоцна ќе можам
романтично да ги испијам
и опеам
романтично да ги напумпам
и претерам
романтично да ги измислам
и преименувам

(Во магла и тага
и Скопје е Прага
во магла и тага
и моето име е лага)

 

Води

Под големата вода
сите исто тонеме
Јас се држам за тебе
како давеник за сламка
и на најкроток дождец
од пуст страв
во два млаза
да не се разделиме
Зашто тажно е и рано
и не те пуштам
ти си единствениот
што ги познава вистински
моите солени мориња

Слики: Laura Berger

Извор за песните: Моника Стојановска - Има и такви денови (Полица, 2022)

 

 

Моника Стојановска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, отсек Италијански јазик и книжевност. Работи како илустраторка и дизајнерка за својот бренд „Моки“ и како медиумска аналитичарка. Нејзината поезија е објавена во неколку списанија и антологии. Преведувана е на српски и хрватски јазик. „Има и такви денови“ е нејзината прва објавена збирка. Се состои од 19 песни пишувани низ период од 10 години.

ОкоБоли главаВицФото