Како лезбејските семејства го менуваат концептот на татковството?

03.02.2023 01:01
Како лезбејските семејства го менуваат концептот на татковството?

Стручната литература за развојот и одгледувањето деца сè до осумдесеттите беше фокусирана на улогата на мајката, додека фигурата на таткото беше запоставена, односно не се сметаше дека вклученоста на таткото во одгледувањето има пресудни последици на развојот и социјализацијата на детето. Татковството низ историјата, пишува Ана Маскалан, имало различни значења - од римските патриции и црковните татковци до модерните згрижувачки семејства - и овие значења го обликувале нашето сфаќање на маскулинитетот, машките улоги и машкиот идентитет. Сепак, во поголемиот дел од минатото улогата на мажите не подразбирала одгледување на детето (освен во вид на симболичка фигура на авторитет), а камо ли чувство на љубов и нежност. Токму тоа, пишува Маскалан, е трагедијата на традиционалното татковство: положбата на моќ и позицијата на водач ги „лишила“ татковците од можноста за емоционално поврзување со оние кои им се подредени - жените и децата.“

Меѓутоа, последниве неколку децении татковството стана предмет на научен и популарен интерес, но и предмет на јавните политики, затоа можеме да зборуваме за феноменот „ново татковство“ и тоа првенствено во контекст на активно татковство - поголема вклученост на таткото во грижата за детето и генерално во семејните и домашните обврски. Модерното татковство ја препознава важноста на искажувањето емоции, грижа и интерес за детето; секако, денес сметаме дека поголемата вклученост на татковците во одгледувањето е корисна не само за детето и таткото, туку и за жената (зашто таткото презема дел од грижата) и општеството генерално, а таквиот став, пишува Маскалан, „претставува трансгресија на вообичаените и традиционални форми на маскулинитетот.“

Новото татковство има минимално три компоненти: вклученост (татковците остваруваат директен контакт и непосредна интеракција со детето во контекст на грижа, игра или слободно време); достапност и присутност; и одговорност (таткото обезбедува ресурси и учествува во организирањето и планирањето на животот на детето). Токму овие компоненти се покажаа како релевантни за позитивните исходи во областите на социјалниот, емоционалниот, когнитивниот и академскиот развој. Истражувањата покажуваат дека и самите татковци сметаат дека децата имаат корист од промената на татковските ставови и однесувања, како и од поголемата вклученост на татковците во одгледувањето и секојдневната интеракција со детето.

Сепак, социолошките, психолошките и другите анализи на новото татковство главно се фокусираат на улогата на таткото во рамки на хетеросексуалното семејство. Затоа, на пример, словенечкиот социолог Аленка Шваб на темата на новото татковство му приоѓа од поинаква, поширока перспектива. „Клучните иновации во татковските идентитети, улоги и практики се случуваат надвор од 'класичните' татковски улоги“, пишува Шваб, тврдејќи дека токму семејствата кои не се засновани на хетеросексуална матрица најмногу го редефинираат модерното татковство, но и мајчинството. Притоа важна улога имаат истополовите парови кои ќе се одлучат да засноваат семејство и притоа создаваат нови практики и односи. Шваб објаснува дека треба да ги земеме предвид и факторите како што се влијанието на општествените норми на приватниот живот и интимноста, развојот и поголемата достапност на репродуктивните технологии (на пример, медицински помогнато оплодување), генерално реструктурирање на концептот на приватноста, критичко промислување на родовите улоги и, најпосле, растечкото општествено прифаќање на ЛГБТ лицата и нивните семејства.

Во својата статија „Нови облици на родителство: Татковството и родителството во лезбејските семејства“, Шваб анализира како лезбејските семејства ги поткопуваат и трансформираат постоечките семејни односи и родителските улоги. Во општествените науки се појавува терминот „избрано семејство“ кој ги опфаќа алтернативите на нуклеарното хетеросексуално семејство, но и ја трансформира институцијата на модерното семејство, и тоа на два начини: го укинува изедначувањето на родителските и сексуалните улоги (бинарното сфаќање на родителството), како и хетеросексуалната основа на родителството. Во тој контекст се појавуваат и новости како што се повеќекратното родителство (на пример, детето може да има две мајки и еден татко) или идејата дека во семејниот круг влегуваат и пријателите. „Акцентот е на изборот, посветеноста и пријателството“, објаснува Шваб, но и на родителството како пракса, а не на однапред зададените улоги на мајката или таткото.

Значи, како лезбејските семејства ја трансформираат улогата на таткото? Шваб сугерира дека постојат три аспекти: разликување биолошко и општествено родителство; одвојување на родителството од доминантните општествени значења и родови услуги; и укинување на врската помеѓу мајчинството/татковството и идејата за заедничко домување. Лезбејските парови креираат категории на биолошко и општествено родителство уште со самата одлука кој ќе биде биолошкиот татко на детето, односно дали тоа ќе биде непозната личност (анонимен донор на сперма) - татко кој има исклучиво биолошка функција - или позната, па дури и блиска личност на лезбејскиот пар, која освен биолошката може да ја преземе и општествената татковска улога и да учествува во одгледувањето на детето. Истражувањата покажаа дека лезбејските парови често се одлучуваат за геј донор на сперма, и тоа личност која ја познаваат, бидејќи „ко-родителството со друг геј или лезбејски пар се вообичаена и распространета форма на родителство“ меѓу ЛГБТ семејствата, како што наведува Шваб. Одлуката таткото да биде геј маж исто така е втемелена на уверувањето дека геј татковците се попосветени на децата, подоверливи и подобри примери зашто ја поткопуваат хегемониската улога на маскулинитетот.

Меѓутоа, активната улога на таткото во секојдневниот живот на лезбејското семејство не е секогаш перцепирана како исклучиво позитивна. Како што наведува Шваб, присуството на таткото како „трет родител“ внесува дополнително ниво на комплексност во семејната динамика и односите, и балансирање на различните интереси и одлуки може да бара многу за сите вклучени, првенствено во смисла на емоционалната и менталната работа. Таквите ситуации претставуваат општествено неистражена територија во која создавањето нови правила на родителството овозможува ослободување од постоечките правила (дефинирани од страна на хетеросексуалното родителство), додека, истовремено, вложувањето време и енергија во воспоставување и преговарање на новите родителски односи може да биде многу оптоварувачко.

Последиците од редефинирањето на улогата на таткото и татковството ги надминуваат рамките на семејството и имаат длабоко политичко значење. Како што објаснува Ана Маскалан, „деконтаминацијата на оваа фигура, испразнување на симболот татко од прастарите политички конотации на авторитетот, дисциплината и казната е предуслов за создавање поправедно и мирно општество.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Richard Colman

Извор: https://voxfeminae.net/

ОкоБоли главаВицФото