Итни случаи

11.02.2011 13:04
Pavel-Morozov.jpg

Таа сече големо парче лубеница на кујнската маса со еден од оние ножови за леб од челик што не ’рѓосува, со израбена и крива острица. Влезе пред малку, оставајќи ја работата во градината; надвор мора да беше околу 38 степени. Веќе со денови е над 30.

И’ пријдов од зад грб и ја прегрнав со рацете околу појасот, лижејќи ја потта од нејзиниот врат. Ја наведна главата наназад допирајќи ја мојата и продолжи да сече со ножот низ црвеното месо на лубеницата, и кога дојде до кората ја притисна малку посилно дршката со едната рака, а со другата врвот на ножот. На почетокот не бев свесен за ништо. Како да почувствував тап електричен шок, каков што добивате кога ќе се лизнете од волнениот кауч и ќе се удрите од кваката. Крвта течеше насекаде наоколу, а никој од нас не знаеше од каде доаѓа. Се сврте кон мене.

Како некој со влажна четка да и’ го испрскал лицето, така беше покриена со капки крв. „Што не е во ред?“, рече, мене кому ништо не му беше јасно, додека не го видов врвот на мојот мал прст кој лежеше покрај лубеницата, одвоен. Ме возеше кон болницата, додека левата рака ја држев исправено, завиткана во кујнска крпа наполнета со коцки мраз. Врвот на мојот мал прст беше завиткан во хартиено шамиче, ставено во мојот десен џеб. Топлиот ветар дуваше низ прозорците, а неколку врани ги развлекуваа цревата на мртвиот зајак чекајќи го последниот миг за да одлетаат пред нашата кола.

Поминавме низ електронската врата на болницата, од оние кои веднаш се повлекуваат отворајќи го просторот за носилката и ројот болничари околу неа. Тој ден веќе имаше неколку итни случаи: смачкан моторџија, несреќен случај со сачмарка, убод со нож. Група млади Чиканоси седеа собрани во аголот, плачејќи и држејќи се едни до други во тивка болка.

Ги пополнивме сите неопходни обрасци на тој начин што таа ги пополни поголемиот дел од празните меса зашто јас успеав само да ги извалкам со крв документите. Една сестра со суперпрофесионален став го погледна мојот прст и го исчисти со средство за чистење обојувајќи ми ја целата рака со некоја боја што наликуваше на портокалова кожа. Тоа ме потсети на дамките што обично ги добивав од моите први ракавици за бејзбол, на Џ. К. Хигинс. Со здравата рака го извадив врзопчето со отсечениот врв на мојот прст и со забите го одвиткав шамичето.

Сериозната сестра го зеде парчето прст, го спушти во чиста пластична патент кеса и го стави врз мраз. Го направи тоа на начинот на кој цајкан собира доказен материјал на местото на злосторството.

Чекавме во чекалницата набљудувајќи ги луѓето кои разгледуваа шарени списанија за голф, за недвижности и за одгледување стока. Две жени на околу седумдесеттина години се тешеа една со друга заради човекот со кој сигурно и двете беа во сродство.

„Знаев дека тоа некогаш мора да се случи, но едноставно не мислев дека тоа ќе се случи толку брзо.“

„Знам Хелен, но сега мораш да бидеш цврста. Заради него. Мораш да бидеш храбра.“

„Не сум подготвена Дорин. Мислев дека ќе бидам, но едноставно не сум подготвена за ова. Изгледаше толку здрав.“ Хелен почна да плаче на рамото на Дорин, а Дорин ја смируваше допирајќи ја по челото со мало сино шамиче.

Сестрата влезе во чекалната повикувајќи го шпанскиот пар, парот подготвено скокна на нозе, мажот брзо го симна својот бејзбол качкет, држејќи го штитникот со двете раце врз копчето на својот ремен. Жената ја држеше чантичката на истиот начин како што тој ја држеше капата, па заедно влегоа зад сестрата. Според нивните стоички индијански лица, беше јасно дека станува збор за животот на нивното дете.

И понатаму чекајќи во чекалната, јас ја ставив својата здрава рака врз нејзиното лево колено и ја држев додека другата рака ми пулсираше од крвта. Нејзиното колено изгледаше мирно и свилено. Ми рече дека и’ е жал и ми го бакна увото. И’ реков дека тоа е само несреќен случај и дека е супер само да се седи тука покрај неа, држејќи ја раката на нејзиното совршено колено.

Додека ми ја шиеше раната докторот ни раскажа мала анегдота. Додека шиеше зборуваше во манир на трезвен известувач без и најмало навестување дека се обидува да ми го оттргне вниманието од болката. Вели: „Индијанците од племето Плеинс имале многу интересен ритуал кој се однесувал на прстите. Тие отсекувале прст како знак на жал по загубата на саканата личност. Малиот прст бил за детето. Средниот за жената. Показалецот за родителите и така натаму. Затоа ако погледнете некои стари фотографии од тој трагичен период кога тие биле интернирани во владините резервати, ако ги истражите рацете на најстарите членови на племето, ќе забележите дека некои од нив немаат прсти на ниедна рака. Само дланки.“

Се вративме назад во куќата и ја избришавме целата крв во кујната. Сите хромирани домашни апарати, шкафови, плочки на подот. Додека го правевме тоа еден на друг си ги раскажавме своите впечатоци за незгодата. Во основа беа исти. Ниеден од нас двајцата не можеше да разбере од каде доаѓаше крвта кога само се бакнувавме.

06.04.1989, Лос Анџелес

Илустрација: Детаљ од фотографија на Павел Морозов

ОкоБоли главаВицФото