1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
Кога запирам пред тие суштества
и се обидувам да им се воврам в кожа
на брегот пред пената во која се капат,
да станам нивна, да ми се издолжи вратот,
рацете да ми се преобразат во крилја,
нивната грациозност во себе да ја сетам,
лесното првнување, силата за надземен вдиг,
кога ми се причинува дека и јас сум со нив,
една од нив, со истиот заслепителен сјај,
токму тогаш...
...токму тогаш моите раширени крилја
се преобразуваат во сува папрат,
гласот удира во црните облаци,
загргорува стежнатото небо,
планината ја стресува пената,
суштествата тихо се вовираат
во своите кожи и в час се подигаат
отаде катадневието, надвиснато
над вирот јазична вода
во која се шлапкаат грди пајчиња
што уште не станале лебеди.