Кои македонски филмови се снимени според домашни литературни дела?

15.09.2023 16:33
Кои македонски филмови се снимени според домашни литературни дела?

По втората светска војна и раѓањето на македонската кинематографија во рамките на Југославија, позначајни филмови снимени според домашни литературни дела се:

Во рамките на Југославија

• Солунските атентатори (1961) снимен според истоимениот роман на Јован Бошковски
• Денови на искушение (1965) според драмското дело „Црнила“ на Коле Чашуле.
• Македонска крвава свадба (1967) според истоимената драма на Војдан Чернодрински.
• Црно семе (1971) засновано врз истоимениот роман на Ташко Георгиевски.
• Македонскиот дел од пеколот (1971), филмска адаптација на епскиот воен роман „Доследни на заветот“ од Панде Ташкоски.
• Истрел (1972) според романот „Под усвитеност“ на Димитар Солев.
• Колнати сме Ирина (1973) по сценарио на Коле Ангеловски, според новелата “Татко“ на Живко Чинго.
• Најдолгиот пат (1976) заснован врз вистински настани објавени во зборникот на Петре М. Андреевски „Темни кажувања“.
• Време, води (1980), според романот „Вода“ од 1972 на Јован Стрезовски.
• Црвениот коњ (1981) по истоимениот роман од Ташко Георгиевски од 1975 година.
• Јазол (1985) според новелата „Две Марии“ на Славко Јаневски.
• Хај-фај (1987) снимен врз истоимената театарска пиеса на Горан Стефановски.
• Викенд на мртовци (1988) како екранизација на театарска пиеса од Миле Попоски.

Во Самостојна Македонија

• Заминување од Пасквелија (1992) според збирката раскази Пасквелија од Живко Чинго
• Како лош сон (2003), заснован на драмата „ММЕ кој прв почна“ на Дејан Дуковски
• Големата вода (2004) според мотиви од истоимениот роман на Живко Чинго.
• Превртено (2007), според вториот дел од романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски.
• Балканот не е мртов (2012) екранизација на истоимената драма на Дејан Дуковски.
• Соба со пијано (2013) по драма од Жанина Мирчевска.
• Ослободување на Скопје (2016) според истоимената драма од Душан Јовановиќ

Од списокот се гледа дека повеќето вакви дела се снимени во периодот од 1960-тите до 1980-тите. По осамостојувањето на Македонија многу често авторот на сценариото е самиот режисер. Такви примери се навистина многу, како Бранко Гапо, Милчо Манчевски, Младен Крстевски, Столе Попов, Антонио Митриќески, Дарко Митревски, Светозар Ристовски, Теона Стругар Митевска, Коле Манев, Коле Ангеловски, Игор Иванов Изи, Владимир Блажевски, Александар Поповски, Јани Бојаџи, Вардан Тозија, Ѓорче Ставрески, Кузман Кузмановски, Илија Пиперкоски, Дина Дума и други, а честопати тие самите се и продуценти на нивните филмови.

Интересно е да се споменат и телевизиските филмови како „Заминување од Пасквелија“ (1992, според збирката раскази на Живко Чинго), „Татковите книги“ (според роман на Луан Старова, воедно и прв македонски ТВ филм на албански јазик), „Ноќ спроти свети Василиј“ (2001, според драмскиот текст на Русомир Богдановски) и други, но тоа би било интересно за една друга, поисцрпна листа.

Останува да видиме дали домашните режисери во иднина ќе филмуваат некој модерен македонски роман.

Извор: https://arno.mk/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото