Промоција на краток анимиран филм „Лисичката плетачка”

05.12.2023 11:26
Промоција на краток анимиран филм „Лисичката плетачка”

На 6-ти декември, во Музеј на град Скопје, од 18:30 часот, ќе се одржи промоција на анимиран филм „Лисичката плетачка” и воедно промоција на двете дела на авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторката Иванка НиБа, „Лисичката плетачка” и „Лепчето што расте”.

На 6-ти декември (среда), во Музеј на град Скопје со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи промоција на краток анимиран филм „Лисичката плетачка” и воедно промоција на двете дела на авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторката Иванка НиБа, „Лисичката плетачка” и „Лепчето што расте”. Промоторка на книгите и филмот ќе биде Ана Јовковска.

„Добрина, љубов, пријателство, емпатија, солидарност – карактеристики кон кои се стремиме како луѓе, на кои ги учиме нашите деца, ни беа најважни во периодот на корона изолацијата. Во овој период се родија многу ремек дела. Инспирирани и потсетени за вредностите во животот, се втурнавме кон создавање и љубење преку создавање уметност. Токму во тој период се родија овие две прекрасни песнички, токму во тој период се реализираа во сликовници, а шансата да го прославиме нивното раѓање, ја добивме сега.

Чест ни е да ве поканиме на промоција на анимираниот филм за деца „Лисичката плетачка” и промоција на двете ремек дела на авторката Ана Голејшка Џикова – „Лисичката плетачка” и „Лепчето што расте”. Заедно со илустраторката Иванка НиБа создадоа безвременски дела со кои ќе растат многу идни генерации” – велат организаторите од едиција „Светулка”.

„Сликовниците што ги имам напишано, „Лисичката плетачка” и „Лепчето што расте” се всушност омаж и гушкање на карактерите на мајка ми и татко ми. Преплетената грижа преку храна и топлина, се нивниот животен декор. „Лисичката” е Лејди Зага неприкосновено, затоа што плете приказни, џемперчиња и капи за Надја, а богами и за мене и сестра ми, додека растевме. Нејзините игли се мека радост за создавање на најшарените шалови на светот.

„Лепчето што расте” му припаѓа примарно на татко ми, човекот кој прв ме запозна и воведе со радоста и уметноста на месењето, иако никогаш нема да го надминам. Утрата полни со брашно, тегнењето кори на дрвената маса и мирисот на масло, праз, месо или сирење, топла крпа, за трите пити што испаруваат чекајќи, се како парче од неговата душа што е закрила за никој да не е гладен. Моите детски приказни се нивните несовршени, топли срца. А сега кога се баба и дедо, тоа доаѓа до израз, како добро обликувана кифличка, како совршено исплетена шара на шал” – вели Голејшка Џикова за своите приказни.

Иванка НиБа многу сака да црта животни. Заедно со нејзината ќеркичка Кристина секој ден цртаат по едно различно животно. Се дружат со мачорите Иво и Оги и кучето Бато, а омилен пејач им е славејот што живее во комшиското дрво. Сака да шлапка во вода, да крши и реди камчиња и да прави мозаици. Го обожава снегот, а во лето морето. Нејзина најголема инспирација се сите детски цртежи на светот.

Анимираниот филм, размрданата и распеана Лисичка, најмилната лисичка што некогаш била опишана во светот на книгите, ќе ја видиме екранизирана во Музеј на град Скопје, а за оние што нема да можат да дојдат, видеото промотивно ќе биде пуштено на јутуб-каналот на едиција „Светулка“. Анимираниот филм е во режија на Сандра Георгиева, анимацијата е дело на Горан Менков, музиката на Никола Бочваров, а илустрацијата на Иванка НиБа.

ОкоБоли главаВицФото