Расте бројот на наши деца родени во странство

04.10.2023 11:18
Расте бројот на наши деца родени во странство

Во последните неколку години бројот на живородени деца во земјава постојано се намалува. Тука, согласно евиденцијата според меѓународните дефиниции и стандарди, децата што се родени во друга земја од родители кои се наши државјани, не се бројат како население во нашава земја. Затоа велам дека сè помалку се раѓаат деца во земјава, а повеќе надвор од нејзините граници.

Во 2022 година бројот на живородени деца изнесуваше 18.073, а надвор од нашата земја се родиле 5.825 деца и тој број постојано расте, како што иселувањето зема сè поголем замав, особено кај младите.

Со податоците, може да се направи анализа за бројот на децата родени во странство – земјата во која се родени и општината од која заминале родителите. Во Германија во 2022 година се родени најмногу – 1.987 наши деца, следуваат Швајцарија – 1.411, Италија 901, Австрија со 429, Белгија 90 итн.

Според општината од која заминале нашите државјани, најмногу се од Гостивар – 637, потоа е Тетово – 373, Струга – 363, Куманово – 321, Врапчиште – 275, Желино – 225, Липково – 224, Боговиње – 206, Кичево – 196, Чаир – 18, Сарај – 145, Струмица – 139, Брвеница – 118, Теарце – 115, Шуто Оризари – 95, Пласница – 94, Дебар – 91, Маврово и Ростуше – 86, Центар Жупа – 75, Ново Село – 66, Долнени – 48 итн.

Непријатно е, но вистината е дека секоја година расте бројот на деца родени во странство. Ако тие се повеќе отколку родените во поедини општини во земјава, тогаш каква иднина да очекуваме? Такви општини се Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Липково, Маврово Ростуша, Ново Село, Центар Жупа, а речиси ист е бројот на родени во Боговиње, Желино, Василево, Теарце, Пласница итн.
Проблемот е голем и треба да му се пристапи многу сериозно. Наталитетот во земјава постојано опаѓа, а оваа година дури уште повеќе отколку во 2022 година.

Само во првите шест месеци од годинава во седум од осумте региони има негативен природен прираст, што значи дека населението се намалува по природен пат. Во 63 од вкупно 80 општини има негативен природен природен прираст, а само во 17 е регистрирано зголемување на населението.

Автор: Дoнчо Герасимовски 

(Авторот е поранешен директор на Заводот за статистика)

Извор:https://www.slobodenpecat.mk/