Што се случи во Холандија?

24.11.2023 01:25
Што се случи во Холандија?

Герт Вилдерс

По речиси 98 отсто пребројани гласови до четвртокот наутро со сигурност може да се каже дека екстремно десничарската Партија на слободата (ПВВ), еден од зачинувачите на политичката исламофобија во Европа на Герт Вилдерс, освои најмногу гласови на парламентарните избори во Холандија.

ПВВ освои 23,5 проценти од гласовите или 37 од 150 места во парламентот, двојно повеќе отколку на изборите во 2021 година. Иако втора според гласовите, лабуристичката-зелена коалиција (GroenLinks-PvdA) на поранешниот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс (15,5 проценти од гласовите, односно 15 места во парламентот) остана далеку зад ПВВ, додека поддршката за донеодамна владејачката партија на поранешниот премиер Марк Руте, Народната партија за слобода и демократија (ВВД) се искачи на третото место со 15 проценти, или 24 места во парламентот, 10 помалку од претходните избори.

Десничарскиот либерал Руте поднесе оставка во јули годинава откако неговите коалициски партнери одбија да го поддржат изразено рестриктивниот предлог-закон за имиграција на ВВД. Потоа Руте влезе во историјата како премиер со најдолг стаж во историјата на земјата; Руте ја извршуваше таа функција 13 години и беше еден од најдолговечните премиери во Европската унија.

Неговата склоност кон компромиси и талентот за избегнување политичка штета му го донесоа прекарот „тефлонски“, а овие компромиси често вклучуваа флерт со екстремната десница, со што го поплочи походот на Вилдерс во политичкиот мејнстрим.

По неговата оставка како претседател на партијата, го наследи Дилан Јешилгоз-Зегериус, кој имаше неколку функции во владите на Руте. И покрај нејзиното турско-курдско потекло, Јешилгоз-Зегериус има цврсти ставови кога станува збор за внатрешната и надворешната безбедносна политика и имиграцијата, а за време на кампањата рече дека, за разлика од Руте, не ја исклучува можноста за коалиција со ПВВ на Вилдерс.

Дали ВВД, како и другите партии, навистина ќе коалицира со Вилдерс не е сигурно бидејќи неговите антиисламски предлози се спротивни на уставот. Коалицијата на Тимерманс и четвртопласираниот Нов општествен договор веќе ја отфрлија таа можност, па се проценува дека формирањето на новата влада би можело да се одолговлекува до пролет, при што не е ни сигурно дека Вилдерс ќе биде премиер доколку и добие поддршка од другите партии за формирање влада.

За да им се додвори на потенцијалните коалициски партнери Вилдерс изјави дека е подготвен веќе да не ги споменува „џамиите, Куранот и исламските училишта“, што не значи дека една од главните точки на програмата не му останува запирањето на „азилантското цунами“. Згора на тоа, исламофобијата е основата на неговата реторика во оваа кампања како и во сите претходни 20 години во политиката. Вилдерс исто така е убеден евроскептик, додека Холандија е една од основачките на ЕУ и затоа има големо влијание врз нејзините одлуки. Во кампањата вети и дека ќе стави вето на понатамошното проширување на ЕУ и ќе престане да испраќа оружје во Украина.

Колку овој изборен резултат беше неочекуван можеби најдобро говори фактот што Вилдерс ја организираше прославата на изборите во мало кафуле во Хаг, додека лаубиристичко-зелената коалиција на Тимерманс се забавуваше во голема сала во Амстердам. Претставниците на коалицијата, пренесува Политико, беа толку шокирани од резултатите што во еден момент Тимерманс ја повика толпата да се прегрне за да ја демонстрира својата посветеност на борбата против исклученоста, алудирајќи на исламофобијата на Вилдерс.

Марк Руте 

Дилан Јешилгоз-Зегериус од ВВД во нејзиниот штаб изјави дека овие избори се „голема лекција за политичарите“ кои „не го слушаа народот доволно добро и не му понудија ефикасни решенија“.

Изборниот успех на Вилдерс беше ентузијастички поздравен од екстремно десничарските партии ширум Европа, од унгарскиот Виктор Орбан, преку Марин Ле Пен во Франција и Матео Салвини во Италија, до Алтернатива за Германија (AfD). Ле Пен изрази надеж дека успехот на Вилдерс најавува промени кои ќе го зафатат целиот континент, додека АфД рече дека „секаде во Европа луѓето сакаат политички промени“.

Герт Вилдерс ја основаше ПВВ во 2004 година, по убиството на исто така антиисламски настроениот режисер Тео ван Гог од страна на 26-годишен марокански Холанѓанец. Оттогаш тој е под полициска заштита заради исламофобичните изјави, како онаа во 2016 година кога во кампања ги нарече Мароканците „ѓубриња“, за што беше осуден.

Во двете децении учество во политиката, поддршката за неговата партија доживеа подеми и падови, а тој ја прилагодуваше својата реторика на сето тоа, фокусирајќи се последниве две години на економските прашања како што се станбената криза и инфлацијата, како и против политиките насочени кон запирање на климатската криза. По почетокот на војната во Украина ја критикуваше „хистеричната русофобија“ на европските политички елити, но и покрај актуелното политикантско тактизирање, антиимигрантските мерки, како повторното воспоставување гранични контроли, се темелни политики на неговата партија.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото