Златна мечка за иранскиот режисер Фархади

21.02.2011 10:23
Асгар Фархади

Наградата „Златна мечка“ за најдобар филм на овогодинешниот берлински филмски фестивал ја доби „Надер и Симин – Одвоеност“ (Nader and Simin, a Separation), на иранскиот режисер Асгар Фархади, соопшти жирито на чело со глумицата Изабела Роселини.

Во својот говор, во кој и’ за заблагодари на жири-комисијата и на претседателот на фестивалот Дитер Кослик, Фархади го спомена и својот колега, иранскиот режисер Џафар Панахи, кој официјално е член на овогодинешното жири на Берлиналето, но пред заминувањето во Берлин беше осуден на долгогодишна затворска казна. Фархади изрази надеж дека ситуацијата со Панахи „ќе се реши набрзо“.

„Иранците се еден многу трпелив народ“, рече Фархади чиј филм зборува за еден проблематичен брак и судирот меѓу строгите верски норми и модерниот живот во Иран.

Обете Сребрени мечки за најдобрите актерски остварувања, како женското така и машкото, и’ припаднаа на целокупната актерска екипа на победничкиот ирански филм.

Сребрена мечка за Grand Prix на жирито ја доби „A torinoi loi“ на унгарскиот режисер Бела Тара, додека Сребрена мечка за најдобра режија доби Германецот Улрих Келер за филмот „Sleeping Sickness“. Сребрена мечка за најдобро сценарио им припадна на Џошуа Марстон и Андамион Муратај за филмот „Forgiviness of Blood“ кој ја обработува тематиката за крвната одмазда во Албанија. Сребрена мечка за уметнички дострел доби екипата на аргентинскиот филм „El Premio“.

На овогодинешното Берлинале во деветте програми беа прикажани околу 400 филмови од 58 земји. Македонија на фестивалот се претстави единствено со филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски.