Боли глава

Ѓорѓи Марјановиќ

(...) Го сакав зашто и во знаењето и во ангажманот, дури и во позата, да и во јазикот на кој пееше, имаше нешто што ми импонираше, ме извлекуваше од провинцијата на духот и ми помагаше да ги истресам комплексите со кои ме беше дарувала Македонија како куче вишиците вода.

Македонија успеа да го маргинализира како политичар зашто тој имаше амбиции од Македонија да направи пристојно место за живеење а таа имаше амбиции да се претвори во проститутка за простаци и глупаци.
Каква перверзија.

Гледам во реакциите не се споменува неговото грандиозно дело: преводот на Пруст.

Јас имам многу сериозни забелешки за ниските плафони кои ни ги поставува македонскиот јазик, но во преводот на професорот Марјановиќ се соочив со неверојатните потенцијали на јазикот, тука македонскиот е на едно друго ниво, тоа дело не е само добар превод на Пруст, туку е превод на македонскиот јазик во Пруст.

Нека се одмори малку човекот од Македонија и од нас. (...)

Бранко Тричковски, Фејсбук, 02.04.22.

нема
07.04 2022
Гнило е судството. Зашто е гнила државата.

Нова епизода од кафкијанскиот судски процес против нас.
Откако судскиот совет, очигледно по политичка наредба, парампарче направи од сите правни процедури што му застанаа на патот, брзајќи да ни пресуди по секоја цена и во страв да не им застари процесот, сега се однесува како да го има целото време на светот и уште не ни ја врачува пресудата. А без врачена пресуда, не можеме да се жалиме на Врховен суд. Процесот застарува на 12 април, сега е 5 април. Кога ќе поднесеме жалба!?

И така. Откако ни го негираа правото да се браниме, сега ни го негираат и правото да се жалиме. Па испаѓа дека целиот овој циркуз бил процесот да застари со осудителна, а не со ослободителна пресуда. А ние, на тој начин да го изгубиме правото да се жалиме во Стразбур.

Гнило е судството. Зашто е гнила државата. Владеењето на правото е само идеолошка пропаганда на либералите за лажење на малоумните. Оваа држава и општество не ги спасува ништо освен коренита трансформација!

Здравко Савески, Фејсбук, 05.04.22.

нема
05.04 2022
Ваделе ЕУ пасош за подобар живот

На Македонците што зеле бугарски пасош не им е страв. Ним им е срам. Оти морале да кажат дека се Бугари за да земат пасош од ЕУ. Ваделе ЕУ пасош за подобар живот. Исто како што Бугарите од Бугарија уште првата година кога нивната земја стана членка на ЕУ побрзаа да бараат работа во Велика Британија, Германија, Шведска, Италија… За подобар живот. Откако Бугарија влезе во ЕУ, бројот на жителите се намали за еден милион. Би се пишале Македонците и Клингонци ако клингонскиот пасош би им отварал врата за подобар живот. Ама се пишале Бугари, оти бугарскиот систем за издавање ЕУ пасош им бил најлесен и најкорумпиран. Дај му пари на Каракачанов и ќе ти најде адреса на некоја бандера во Ќустендил, Благоевград или Петрич да ти ја стават како адреса на живеење и – бркај работа низ ЕУ.

Горан Михајловски, СДК, 02.04.22.

нема
05.04 2022
Уште еден куриозитет од пописов

Кај сите народи (етнички групи) попишани според изјаснувањето за етничка припадност, бројот на мажи и жени е приближно изедначен. Само кај Бугарите мажи има 50% повеќе од жени: мажи 2121, жени 1383 (Табела 6; Алинеа 18). Јас немам логично објаснување.

Предраг Терзиоски, Фејсбук, 01.04.22.

нема
01.04 2022
Поддршка за Мирјана Карановиќ

Вчера бев излезена со постара пријателка, Германка од Нирнберг. Нејзината мајка изгубила двајца браќа на источниот фронт - еден од нив имал само 18 години, бил убиен при опсадата на Сталинград. Нејзиниот татко исто така изгубил двајца браќа, не се знае каде. Таткото спасил глава само зашто двајцата постари браќа биле загинати па не го мобилизирале. При таа музејска прошетка, наоѓаме еден стар човек во количка што ја буткаше друг, средовечен маж. Стариот имаше капче со знак дека е ветеран од Втората светска војна. Не ми се веруваше па застанав и го прашав, како е тоа можно? Во 1944 имал 19 години и бил припадник на воздушна десантна единица. Ни се пофали дека учествувал во последните бомбашки напади на Берлин и дека пред само една недела се вратил од Германија каде што бил поради положување на споменик на местото на една од последните битки. Германската пријателка искоментира: значи, овој фрлал бомби НА НАС - СОСЕМА ЗАСЛУЖЕНО. ТАКА НИ ТРЕБАШЕ.

Сè додека на Балканов не сме во состојба да кажеме нешто слично во врска со тоа што сме си го правеле едни на други, нема да биде ништо од нас како луѓе.

П.С. Го пишав ова поттикната од нападите на Мирјана Карановиќ која рекла дека НАТО бомбардирањето на Србија било оправдано, ако не и задоцнето.

Анета Георгиевска Шајн, Фејсбук, 28.03.22.

нема
30.03 2022
Ако не сте одржливи, а очигледно не сте, тогаш укинете се

Мизерно е да се гледа ова кукање за пари од општините.

Ако не сте одржливи, а очигледно не сте, тогаш укинете се.
Многу просто.

Факт е дека олку општини немаат никаква логика освен што се, се разбира, простор за корупција и вработување на лепачи на плакати, а богами и алатка за партиско-политички пресметки.

Анализата на буџетите што ја правев пред избори покажува дека секако и тие пари што ги имаат најмногу се трошат на плати и надоместоци.

Потребна ни е сериозна реформа на структурата и на суштината на локалната самоуправа.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 24.03.22.

нема
28.03 2022
Зошто победата синоќа ни е најголем спортски успех во 30 години независност?

Не е зашто сме на еден меч од Светско. Не е ни зашто победивме европски прваци, со тим од 770 милиони фунти спрема нашите 58, на нивен терен. И тоа без најдобриот ни фудбалер поради суспензија. Неколку месеци откако ни се пензионираше најдобриот што некогаш сме го имале.

Најголема е зашто победивме „досадно“. Прибрано, интелигентно, пресметано, дисциплинирано. Со само еден жолт картон во саат и пол опсада пред нашиот гол.
Да, се браневме и кога ја победивме Германија лани, ама двете најубави акции на мечот беа нашите два гола. Изградени, атрактивни, мераклиски. Моменти на дива инспирација. Балкански*.

Синоќа победивме „европски". Секоја чест за Трајковски, ама победивме пред се' во одбрана. Во секој блок, секој клизач, секое лактање, секое задржување време. Крвава, испотена победа. Прекрасна победа.

*Не постојат европски и балкански победи. Ама постојат стереотипи за европски и балкански победи. Ние синоќа ги срушивме.

Кристијан Фидановски, Фејсбук, 25.03.22.

нема
25.03 2022
Наше ќе биде

Наше ќе биде ________ по ваш избор поле.

Иван Шопов, Фејсбук, 25.03.22.

нема
25.03 2022
Реформа што ќе го влоши политичкиот систем

Oд сите можни реформи за подобар политички систем, ние изгледа ќе правиме реформа што ќе го влоши.

Да беше една изборна единица добра идеја, ќе се применуваше насекаде. Државите со една изборна единица се бројат на прсти и не се некои архетипи на демократија (пр. Србија). Држави со една изборна единица, а без изборен праг (како што е предлогот), речиси и да не постојат.

Добар изборен модел подразбира баланс меѓу парламентарна разновидност, стабилно владеење и географска застапеност (меѓудругото). Една изборна единица е (малку) подобра за првото, ама може да биде драстично полоша за другите две.

Во парламент, наместо овој разговор, засега гледам партиско и етничко пазарење.

Кристијан Фидановски, Фејсбук, 22.03.22.

нема
22.03 2022
Војната во 2001 беше предизвикана од удбашките структури на нашите омилени северни соседи

Што се однесува до улогата на САД во воената 2001 година, огромен дел од населението смета дека „војната беше предизвикана од Американците“, што е ноторна глупост и лага. Војната беше предизвикана од удбашките структури на нашите омилени северни соседи, кои по губењето на сите војни во 90-тите години како кукавичко јајце ни ја сместија и снесоа воената 2001-ва, се разбира, во директна координација и корелација со длабоко вгнездените и инкорпорираните безбедносно-разузнавачки елементи и структури во нашите безбедносни служби, кои сè уште служат на еден друг, многу помоќен центар на моќ, наречен Белград. Американската дипломатија и САД беа тука да ја „изменаџираат“ состојбата за да не завршиме тотално во крв до колена и да се случи „втора Босна“ на Балканот. Вадењето на УЧК-терористите од Арачиново со нивни автобуси беше цената што требаше да се плати за да се спречи таков иден развој на настаните и нов ужасен Дејтон, наместо „ужасниот“ Охридски рамковен договор.

Благојче Атанасоски, Окно / Слободен печат, 15.03.22.

нема
18.03 2022
Дејствата на Каракачанов и Апасиев се управувани од еден центар на моќ

На изборите во Украина неонацистичкиот Обединет фронт свои само 2,15 отсто од гласовите. За илустрација, тоа е помалку од процентот на гласови што неонацистичките движења и крајно десничарски партии ги имаат освоено во речиси сите држави членки на ЕУ. Па дури и нашиве нацисти од Левица на изборите во 2020 година освоија 4,1 отсто од гласовите.

Тоа значи дека Левица има поголемо влијание врз официјалните позиции на Северна Македонија, отколку што имаат украинските нацисти врз оние на Украина. Тоа значи дека инвазијата на Русија поради „нацизмот“ на Азов и на Обединет фронт е помалку оправдана и од ветото на Бугарија поради говорот на омраза од Левица.

Иако, гледано од денешна точка, сè повеќе се чини дека дејствата и на Каракачанов од една и на Апасиев од друга страна, иако спротивни, се управувани од еден и единствен центар на моќ, на кого ужасно не му одговара тоа што Македонија е членка на НАТО и сака да биде дел од ЕУ.

Павле Богоевски, Глобус, 13.03.22.

нема
16.03 2022
Јас сум русофил и путинофоб

Бидејќи различни формални и неформални структури почнаа да се размавнуваат со различни етикети, еве јас да се изјаснам за да нема забуни.

Јас сум русофил, а сум путинофоб.

Исто како што сум за мир и мирно решавање на конфликтите, а против насилство и оправдување на агресијата, односно војна.

Исто како што сум марксист и најголем можен противник на сталинизмот.

Како што сум горда затоа што сум завршила студии и сум станала професор на Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје и се срамам од актуелното раководство на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Има разлика.

Мирјана Најчевска, Фејсбук, 09.02.22.

нема
14.03 2022
Европската левица во ерата на надоаѓачкиот неомакартизам

Во моментов дискусијата за вината на западните левичари како Путинови корисни идиоти е мошне штетна за левицата. Дебатата за потценувањето на рускиот империјализам е важна, но не треба да ја водиме во моменти на интензивни емоции и користејќи морални уцени.

Како последица на инвазијата ќе настапи силен десничарски бран кој во источна и западна Европа ќе го стесни просторот за левицата. Не треба самите да се разоружуваме и да се отвораме за десните напади. Огромното мнозинство на европската левица го осудува рускиот империјализам и јасно им е дека инвазијата води во катастрофа, баш како и американската инвазија на Ирак. На левицата ѝ се потребни офанзивни аргументи. Не смееме да ја прифатиме забраната на дискусијата за соучесништвото на НАТО и постмајданскиот режим во Украина, за причините за неспроведување на договорот од Минск или за односите НАТО и Русија. Тоа ќе значи капитулација, особено на истокот на Европа каде што во ерата на надоаѓачкиот неомакартизам можеби веќе ни основните леви аргументи нема да можеме да ги изнесуваме без обвинението дека сме руски шпиони.

Володимир Ишченко, Новости портал, 10.02.22.

нема
10.03 2022
Во светот на Тукидид последниве децении живеат Ирачаните, Сиријците Авганистанците, Македонците...

Втората клучна грешка на Тимоти Гартон Еш е што тој во руската инвазија врз Украина гледа руптура, радикален рез. „Руската инвазија засекогаш ќе го промени лицето на Европа“, тврди тој. Слично вели и Иван Крастев кој, цитирајќи ја мислата на Тукидид дека „јаките прават што сакаат, а слабите тоа го трпат зашто мораат“, заклучува дека „денес живееме во тој свет, на Владимир Путин“. Но, слабите отсекогаш живеат во тој свет, само што главно ние, Европјани и западњаци, на другите им правевме што сакаме и не се замаравме со тоа во кој свет живеат тие. Во кој свет ако не во тој на Тукидид последниве децении живеат Ирачаните, Сиријците Авганистанците, Македонците...?

Александар Павловиќ, Пешчаник, 09.03.22.

нема
09.03 2022

Препорачуваме

Универзитетите како фабрики

Зошто праќаат полиција против сопствените студенти? Дали се тоа настрани луѓе кои мислат дека младите заслужуваат ќотек?!

Нема веќе предавници на чело на државата

Има нешто добро во смената на власта во Македонија.

Изборните резултати не се позитивни за развојот на една (надежно) либерална демократија

Нашите избори – и кампањата и исходот – само ја намалуваат веќе оскудната нијансираност на политичката понуда.

Во челустите на пандемијата на деснило

Бранот на фашисоидната милитаризација ја плави цела Европа.

ОкоБоли главаВицФото