1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Иако одби да го режира филмот „Планината Брокбек” во 2005 година, 18 години подоцна Педро Алмодовар ја збогати својата филмографија со квир вестерн, како што жанровски е категоризиран филмот „Чуден начин на живот” (A Strange Way of Life). Овој филм е направен во соработка со модната куќа „Ив Сен Лорен” (всушност станува збор за триесет минутна реклама). Бидејќи Алмодовар посветува многу внимание на визуелниот аспект на своите филмови, соработката со „Ив Сен Лорен” очекувано резултираше со половина час естетско задоволство за гледачите, што е присутно уште во првиот кадар со пустинскиот пејзаж со кој режисерот почнува да ја скокотка имагинацијата на гледачите.
И покрај сеприсутните иконографски елементи карактеристични за Дивиот Запад, во жанровска смисла, првенствено станува збор за мелодрама во чиј фокус е фаталната врска помеѓу поранешните бандити Силва (Педро Паскал) и Џејк (Итан Хок). Двајцата поранешни љубовници се среќаваат по 25 години и ја поминуваат ноќта заедно. Едниот е ранчер, другиот шериф, а брзо дознаваме дека враќањето на Силва по толку години всушност е мотивирано од желбата да го спаси својот син, виновникот за убиството што Џејк се обидува да го реши.
Разликата меѓу нивните емоционални состојби и општествени позиции е сублиминално соопштена со ненаметливите костими потпишани од „Ив Сен Лорен”. Соработката на Алмодовар со модната куќа е вткаена во драматургијата толку суптилно што, без претходна најава, веројатно нејзиниот комерцијален карактер би останал незабележан. Имено, формалниот стил на облекување на Џејк укажува на стремежот на ликот да се прилагоди на авторитарното општество, а со тоа и да ја прикрие сопствената сексуалност, додека општествената позиција на Силва како одметник и подготвеноста да воспостави подлабок инримен однос со Џејк се манифестира преку изборот на костими во лесен и неоптеретувачки стил.
По ненадејната промена во односот меѓу поранешните љубовници, сѐ упатува на бурна кулминација. Сепак, тоа не се случува. Иако глумата на Паскал и Хок успешно ги пренесува длабоките емоции кои мажите ги имаат еден за друг, тој однос во ниту еден момент не се разгорува. Нема физичка блискост, освен во стилизиран флешбек, кога се сеќаваат на претходната ноќ.
Изборот на режисерот да го остави нивниот физички однос надвор од очите на јавноста би можел да се оправда, особено ако го земеме предвид товарот на Џејк да се прилагоди на токсичната мачоистичка култура. Но, Алмодовар, наместо да оди до крај со веќе напукнатиот етос или да се фокусира на некој друг елемент од тој однос, понуди сосема поинакво решение - флешбекови. Во едниот од нив, Џејк и Силва се потсетуваат на романтичната измината ноќ која започнува со уживање во добар пијалок, а завршува со прегратка (која претходно е прескокната), а во другиот флешбек се прикажани во нивните помлади денови.
Двајцата набилдани мажи кои се опсипуваат со страсни бакнежи поубедливо ги отелотворуваат двајцата Кен каубои отколку Силва и Џејк од филмската сегашност. Покрај тоа, целиот тој инсерт делува како реклама за реално шоу во продукција на Нетфликс, кое воопшто не наликува на вестернот што го гледавме пред малку.
Но, после тоа, работите се вжештуваат - Силва, неговиот син и Џејк ќе се најдат во престрелка, и навистина е убаво да се види еден таков каубојски конфликт во интерпретација на Педро Алмодовар. Џејк од таа борба ќе излезе повреден и принуден да се соочи со емоциите кои се обидува да ги негира последните 25 години, а токму кога ќе се отвори просторот за спојување на ликовите, филмот ќе заврши.
Алмодовар за само половина час успеа да ја претстави комплексноста на љубовниот однос, но интимноста ја остави во светот на можностите. Тоа го направи токму во моментот кога филмот стана најинтересен и на тој начин ги натера гледачите да сакаат да видат повеќе. Земајќи го тоа предвид, отсуството на интимни сцени или само имплицитното прикажување на нивната емотивна и романтична врска, би било сосема оправдано.
Освен инсертите кои се користени за прикажување на ликовите во „жештината на борбата”, A Strange Way of Life е забавен, естетски импресивен филм со инспиративни актерски изведби и нагласен патос, со кој Алмодовар одамна научил маестрално да оркестрира. Со други зборови, во продолжение може да се види реклама во времетраење од половина час која вреди да се погледне.
Извор: https://voxfeminae.net