Тилда Свинтон – андрогината филмска муза

20.02.2018 01:29
Тилда Свинтон – андрогината филмска муза

Можеби токму искуството на андрогиниот изглед и фактот дека во текот на целиот живот ја заменувале со маж, го обликувале интересот на Свинтон за полот, родот, начинот на кој се идентификуваме себеси и начинот на кој се прилагодуваме на туѓите очекувања за сопствениот интерес.

Тилда Свинтон е родена 1960 година во Лондон, но за себе истакнува дека е Шкотка бидејќи потекнува од благородно шкотско семејство чија лоза се протега до средниот век. Нејзин татко е Сер Џон Свинтон, генерал во британската војска, а мајка ѝ Џудит Балфур е од Австралија и освен Тилда одгледала и три сина.

Тилда во филмот „Wittgenstein'“ на Дерек Џарман

Тилда посетувала дури три приватни училишта, а 1983 година дипломирала општествени и политички науки на Кембриџ. Интересно е да се спомене дека за време на студиите била член на комунистичката партија на Велика Британија, а подоцна ѝ се придружила на шкотската социјалистичка партија.

За време на студиите Свинтон станала членка на театарот Траверс во Единбург, и Ројал Шекспир Компани и, како што вели, имала мошне амбивалентен однос спрема театарот и во тој период сфатила дека не сака да биде актерка, а и сега тврди дека секој нејзин филмски проект воедно е и последен:

„Кога ќе слушнам како зборуваат другите актери за својот живот и својот пристап кон работата, чувствувам дека тоа не се однесува на мене“.

Но, во средината на осумдесеттите го запознала филмскиот режисер Дерек Џарман со кого започнала разговор кој не престанал сè до неговата смрт во 1994 година. Станале многу добри пријатели и за осум години заедно соработувале на седум филмски проекти меѓу кои е и War Requiem (1989), филм без дијалози во кој глумела со Лоренс Оливие.

Тилда во филмот „The Last of Englan'“ на Дерек Џарман

Иронично, од периодот обележан со нивната соработка, филмот кој актерката ја направил мошне позната е Орландо на режисерката Сали Потер, екранизација на романот на Вирџинија Вулф која ја истражува можноста за спознавање преку искуството на младиот благородник кому е подарен вечен живот.

Минувајќи низ вековите како маж, Орландо станува заситен и згрозен од начинот на кој размислуваат и битисуваат мажите во светот и го продолжува своето патување како жена и така неговата потрага станува целосна.

Со пронаоѓањето на заборавените потреби на човештвото за андрогиноста како клуч за среќа, филмот ја надоградува книгата на истиот начин на кој тоа би го направила и Вулф доколку живеела во друго време.

За Свинтон оваа улога била можност да ги истражи прашањата за родовата репрезентација на големото платно кои ја преокупирале и во приватниот живот. Кога излегувал филмот реферирала на француската уметница од дваесеттите Клод Каон:

„Таа се поигруваше со неограниченоста на андрогините гестови за кои отсекогаш бев заинтересирана.“

Тилда во филмот „Orlando“ на Сали Потер

За други станала муза, актерка која никогаш не била на аудиција за улога, освен на лежерен состанок со браќата Коен за филмот Burn After Reading. Филмаџиите како Вес Андерсон ја барале токму неа и користеле секакви изговори за да ја заинтересираат за својот проект. Така, најпосле ја прифатила улогата на старица во The Grand Budapest Hotel (2014). Соработувала и со Џим Џармуш во вампирскиот филм Only Lovers Left Alive (2012) за кој самата напишала неколку дијалози, а режисерот не го криел својот восхит за глумицата во јавноста.

Во 2007 година Свинтон доби Оскар за најдобра споредна улога во филмот Мајкл Клејтон, а последниве години сè повеќе се приближува кон мејнстрим проектите како Нарниските Хроники во кои ја глуми легендарната Бела Вештерка Џејдис.

Тилда во филмот „Only Lovers Left Alive“ на Џим Џармуш

Освен во филм, непосредно по смртта на пријателот и партнер Џарман, учествувала и во создавањето и изведувањето на перформансот The Maybe (1995) со продуцентката Џоана Сканлан, соработувала со модните дизајнери Виктор и Ролф на модната ревија на која моделите изгледале како нејзини копии и се појавила во музичкиот спот на групата Орбитал за песната The Box.

Во 2008 година го основала филмскиот фестивал Ballerina Ballroom Cinema of Dreams во Шкотска, а следната година учествувала во проектот подвижно кино во зафрлените шкотски предели во склоп на независниот патувачки филмски фестивал натоварен на камион.

Тилда во филмот „We Need To Talk About Kevin“ на Антонио Кампос

Во 2013 година глумела сопруга на Дејвид Боуви во промотивното видео за песната The Stars (Are Out Tonight) што за Свинтон значело остварување на детскиот сон. Токму таа го споменувала Боуви како заслужен за надминување на нејзините тинејџерски несигурности во врска со изгледот. Неговиот прв албум го купила на 13 години кога немала на што да го слуша:

„Не го купив заради музиката, туку заради омотот. Ме привлече сликата. Толку наликуваше на мене што можеше да ми биде роднина. Изгледаше како да доаѓа од истата планета како и јас и тоа за мене беше голема утеха... секогаш ми се чинеше дека сме роднини иако никогаш не го запознав.“

Во приватниот живот Свинтон се држи подалеку од холивудскиот гламур, нема телевизор и ужива во природата на Шкотска со своите близнаци и партнерот Сандро Коп.

Таткото на нејзините деца, Џон Бирн, одредено време живеел со нив, а на разните претпоставки на медиумите за неконвенционалната природа на нивната врска актерката никогаш не посветувала премногу внимание изјавувајќи дека се среќно семејство кое најмногу од сè сака заедно да скока и танцува во кујната: единствената активност која не е за очите на јавноста.

Тилда во филмот „Grand Budapest Hotel“ на Вес Андерсон

Извор: http://www.voxfeminae.net/

ОкоБоли главаВицФото