Регулаторната комисија одлучи - платите се покачуваат

07.03.2011 18:04
Регулаторната комисија одлучи - платите се покачуваат

Скопје, Македонија - Регулаторната комисија за одредување на висина на платите на Република Македонија, на вчерашната прва седница од своето основање донесе одлука - платите се покачуваат за 10 пати. Одлуката стапува во сила од први април и е задолжителна за сите работодавци, и од државниот, и од приватниот сектор. Со оваа одлука се очекува да порасне и просечната плата, која во месец декември беше 21.454 денари, па според одлуката на комисијата, треба да се искачи на над 200.000 денари.

- Со оглед на тоа што во Македонија никогаш и немало ваква комисија, ние уште на нашата прва седница темелно ја разгледавме ситуацијата и се решивме да ја донесеме оваа одлука, која го носи и ова значително покачување на платите. Нашата одлука се заснова на моменталните светски трендови поврзани со висината на платите, а така ќе функционираме и во наредниот период, односно ќе се трудиме колку што е можно повеќе да ги усогласиме нашите со платите на земјите од ЕУ или од САД. Сметаме дека со оваа одлука ќе предизвикаме големо задоволство кај граѓаните, кои обично мразат регулаторни комисии - вели претседателот на Комисијата, Горан Николовски.

Дека е во право се покажа на само два часа по соопштувањето на одлуката, кога неколку илјади граѓани спонтано се собраа пред седиштето на комисијата и со зурли и тапани ја славеа нејзината одлука. Веднаш потоа со став за ситуацијата се огласија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

- Не е точно тоа дека граѓаните се собрале спонтано. Нема врска! Ние ги организиравме и ние стоиме зад собирот организиран пред комисијата. Ние ги плативме и свирачите кои ја загреваат атмосферата. Ние сме секогаш тука кога треба да се организираат граѓаните за да прослават некој значаен напредок на патот кон евроатлантските интеграции - рече Александар Бичиклиски, портпаролот на оваа партија.

Со свој став за собирот излезе и опозицискиот СДСМ. Од таму ги отфрлаат тврдењата на Бичиклиски како тотални лаги и конструкции.

- ВМРО-ДПМНЕ и господинот Бичиклиски уште еднаш покажуваат дека немаат срам и дека на нивното лицемерие му нема крај. Каде беа да објават дека граѓаните не се собрале спонтано, туку дека тие ги организирале кога правеа контрапротести пред нашето седиште? Каде беа да истрчаат со прес-конференција, на која ќе признаат дека жртвите на транзицијата се нивно дело? Излегуваат сега кога едно независно тело донесе ваква позитивна одлука. Во интерес на граѓаните и на вистината би сакал да истакнам дека ова се тотални лаги кои немаат никаква врска со реалноста. Вистината е една и само една, а таа е дека граѓаните што се собрани се организирани од големата мрежа на СДСМ, а зурлите и тапаните се купени уште во времето кога Бранко беше премиер. Вие можете да конструирате какви и да сакате лаги, но народот веќе не ви верува и тоа ќе го докаже на следните избори, кога целата своја доверба ќе ни ја даде на нас. Би сакал да истакнам уште и дека претседателот на Комисијата, господинот Николовски, како и поголемиот дел од нејзините членови се луѓе кои во минатото му биле блиски соработници на Црвенковски, па многу е јасно чија е заслугата за одлуката за зголемување на платите - категоричен беше Емилијан Станковиќ.

И покрај тоа што граѓаните кои беа собрани пред седиштето на комисијата отфрлија секаква политичка заднина на собирот, партиите продолжија со преписките во текот на денот.

Следуваше соопштение на ВМРО-ДПМНЕ каде што меѓу другото стои: „Не би сакале да зборуваме за минатото на господинот Николовски, но едно е јасно - врз него и врз останатите членови на комисијата беше извршен невиден притисок од страна на владата и лично од премиерот за да донесат ваква одлука, што значи дека целата заслуга за зголемувањето на платите оди кај владата и кај ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија, која најмногу се грижи за граѓаните“.

Комисијата е прилично нова, но веќе предизвикува контроверзии, слично како и Регулаторната комисија за енергетика, со таа разлика што од едната сите се оградуваат, а со другата сите сакаат да се фалат. Сепак, и двете ги следат светските трендови, па на тој начин ја одредуваат и висината на платите, односно цените на одделни видови енергија.

Извор: Шпиц, 5/6. 03. 2011