Репризи од собраниски седници на Собранискиот канал

18.04.2011 12:22
Репризи од собраниски седници на Собранискиот канал

Скопје, Македонија - Доколку и вие сте дел од илјадниците кои со тешко срце ја примија информацијата дека Собранието се распушта и повеќе од два месеца ќе мора да бидете без вашите омилени пратеници и нивните значајни дискусии, не очајувајте. Македонската телевизија и нејзиниот Собраниски канал мислат на вас, па токму затоа донесоа одлука со која во периодот додека се избере нов парламентарен состав ќе се емитуваат репризи на најинтересните собраниски седници одржани за време на последниот парламентарен состав, од јуни 2008 до сега. Според првиот човек на Македонската радио телевизија, Ефтим Гаштев, тие се одлучиле за овој потег водени од идејата гледачот и неговите желби секогаш да се ставаат на прво место.

- Па, знаете ли вие колкав е бројот на луѓе што редовно го гледаат Собранискиот канал и не би можеле да си го замислат својот живот без омилените им пратенички фаци? Не можевме да дозволиме да останат без нив, па токму затоа решивме да им ги репризираме по цели денови, сè додека не се избере нов состав. Потоа сè ќе биде полесно и најстрасните гледачи ќе можат да се вратат на своите нормални животи - објаснува Гаштев.

Според одлуката, предвидено е во текот на денот да се емитуваат собраниски седници во целост, така како што се случувале, вклучувајќи ги и нивните паузи, додека вистинската забава следува во вечерните термини, односно во популарно наречениот прајм-тајм. За тогаш се најавуваат специјални компилации во кои ќе бидат вклучени најинтересните моменти од седниците, најжестоките кавги и најсочните изјави.

- Еве, сега почнавме да чепкаме по архивата и да ги ваѓаме најдобрите моменти, но верувајте, има толку многу интересни работи што едноставно не знаеме дали овој период од два месеца ќе биде доволен за да ги пуштиме сите. Почнуваме и да размислуваме за одвојување термин за репризирање стари седници и изјави дури и откако ќе се избере новиот парламентарен состав. Ова ќе биде дури и неопходно доколку новиот состав е здодевен - вели уредникот на Собранискиот канал, Гордица Величковска.

Дека овој потег е оправдан покажуваат и реакциите на гледачите, кои со големо задоволство ја дочекаа одлуката.

- Во нашето семејство имаме традиција редовно да ги следиме собраниските седници, а нашето помало синче има и тетратка во која ги запишува најголемите мудрости кажани од говорницата. Па, така, помислата дека два месеца ќе бидеме без нашите миленици ни изгледаше прилично депресивно. Цела среќа што добрите луѓе од Собранискиот канал мислат на нас и се решиле да го направат ова - вели Гордана Петковска, собраниски зависник.

- Посебно ми се допаѓа оној младиот дечко. Бајрам нешто така беше. Тој секогаш кажува интересни работи, и сега со ВМРО, и порано со другите. Цело време им велам на внучињата да ми направат лента само со неговите изјави, ама не слушаат, па се надевам дека во репризите ќе има и посебен термин само со него - вели Борка Ставревска, пензионерка од Велес.

За потегот на МТВ, како и за распуштањето зборуваат и пратениците. Претседателот на собранието, се чини, е посебно погоден од распуштањето.

- Толку долго време си главен фраер, даваш и одземаш збор, делиш лекции и караш немирни пратеници, и наеднаш на Бранко му текнува на избори, а Никола за да не остане покусо решава да му ги прифати. И што можевме ние да направиме? Навистина јас сум најјак фраер во Собраниево, ама, сепак, не сум појак фраер од шефот на партијата. И што мислите, како ми е мене сега? Мислите ми е лесно?!? Замислете да изгубиме на избориве и скраја да е, Бранко да победи. Зарем мислите дека тој мене ќе ме стави за претседател? Сепак, браво за МТВ, што и да се случи, сепак ќе можам да си се гледам како претседател барем овие два месеца - вели досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Амди Бајрам, се чини, не е толку многу погоден од распуштањето на парламентот и полесно ги поднесува овие денови.

- А бе јас сум ти кока-кола и нема шо многу да се секирам. Кој и да победи, јас со него ќе сум во коалиција и ќе зборувам сè најлошо за тој другиот и тоа е тоа. Многу лесно и едноставно. Тоа луѓето го сакаат и баш затоа се согласувам со пензионерката што сте ја анкетирале, таа што вели дека треба да стават посебен термин само со мои изјави, па заслужувам бе луѓе - вели Бајрам.

Покрај репризите од собраниските седници, страсните вљубеници во политиката во текот на овој период ќе можат да уживаат и во предизборната кампања и во редовните обвинувања, дискредитации и дисквалификации на политичкиот противник.

Е што бе, баш велешанка

Е што бе, баш велешанка најдовте Амди да го поддржуе. Шо сме ние у Велес бе?