„Скопје 2014“ ја спаси италијанската економија

28.06.2011 13:46
Скопје 2014

Фиренца, Италија – Најголемиот проект на македонската влада, „Скопје 2014“, се претвори во спас за италијанската економија. Според италијанскиот премиер, Силвио Берлускони, ова е најважната и најголема работа која и се случила на Италија во последниот период.

- Знаете, откако почна светската економска криза земјата почна сè подлабоко и подлабоко да тоне. Бизниси се затвораа, луѓе остануваа на улица без работа, сиромаштијата и невработеноста се зголемуваа, буџетските дупки стануваа сè поголеми и веќе не знаевме како да ги крпиме, со еден збор - катастрофа! Ама тогаш се појави македонската влада и нејзиниот визионерски предводник, премиерот Никола Груевски. Нивната идеја за проектот „Скопје 2014“ претставуваше еден вид светло на крајот од тунелот, спас за нашата економија, крај на сите проблеми во нашата Италија - воодушевено раскажува премиерот Берлускони.

Според него, милионите кои доаѓаат од македонскиот буџет, а се слеваат во леарницата „Фердинандо Маринели“ во Фиренца, биле клучни за спас на земјата.

- И затоа би сакал да ја искористам оваа прилика и да ѝ се заблагодарам на македонската влада и мојот колега, премиерот Груевски, за тоа што ни се најдоа и го направија вистинскиот чекор во вистинскиот момент. Без вас, драги пријатели, немаше да успееме! - истакна Берлускони.

Тој во продолжение на изјавата рече и дека е среќен што македонската влада знаела да го направи вистинскиот избор и во поглед на тоа која леарница да ја ангажира.

- Слушнав дека работата првично и била понудена на леарницата „Арте Бронзо“ од Верона, но тие побарале скоро четири пати помалку пари за да ја завршат истата работа. Замислете македонската влада да ја прифатеше нивната понуда. Што ќе правевме со само два-три милиони, зарем тоа ќе нè спасеше? Па, нормално дека не! Уште еднаш ќе кажам, цела среќа што во македонската влада има мудри луѓе кои знаат што прават - подвлече Берлускони.

Задоволни од целата зделка и исходот за целокупната економија се и од леарницата „Фердинандо Маринели“ каде што се изработуваат спомениците.

- На почетокот навистина не можевме да поверуваме дека ни ја прифатија астрономската сума која им ја побаравме, ама што требаше да направиме, да се побуниме и да им кажеме дека сумиве се ненормално нереални? Па, не сме луди за да го направиме тоа. Си ја работиме нашата работа, земаме неверојатно големи пари за тоа и плус придонесуваме за спас на нашата економија. Па, што можеме повеќе да посакаме од тоа? - прашува Лучио Пармезани од леарницата во Фиренца, и додава дека веќе размислуваат за затворање на леарницата и заминување на некој егзотичен остров откако ќе ги завршат сите работи околу проектот.

Задоволство околу спасот на италијанската економија изрази и македонскиот премиер, Никола Груевски.

- Би сакал да му се заблагодарам на мојот колега, премиерот Берлускони, за неговото заблагодарување. И нормално, се разбира дека ние сме секогаш тука за братската Италија. Зарем ние ќе дозволиме да пропадне нивната економија? - запраша премиерот Груевски.

Тој дури и попрецизно ги лоцираше причините за инвестирање во Италија.

- Ние имавме една кампања насловена „Инвестирај во Македонија“, но како што знаете, резултатите од неа беа катастрофални, односно и не дека имаше некакви резултати. И кога видовме дека не ни оди во привлекувањето инвестиции од други земји во Македонија, решивме да пробаме како ќе ни оди со инвестирање на парите од буџетот на Македонија во други земји. И како што гледате, ни оди одлично. Веќе спасивме една економија, па сега бараме втора земја за спасување. Ако има кандидати, нека повелат, ќе им излеземе во пресрет. Па не мора да останеме на 2014. Можеме и да го прошириме проектот за уште некоја година - рече премиерот Груевски.

Извор: plusinfo.mk

ОкоБоли главаВицФото