Новиот изглед на Белград

13.06.2011 13:35
Новиот изглед на Белград

За да пронајдат најдобро архитектонско решение за мошне интересниот простор меѓу Сава и паркот на Калемегдан, но можеби и да создадат нов визуелен симбол на градот, во Белград е распишан голем меѓународен архитектонски конкурс. Еден од ретките остатоци од тогашната индустриска архитектура, комплексот Бетон хала, изграден меѓу двете светски војни, се состои од многубројни складишта кои на некој начин го одбележуваат крајбрежјето на Сава преполно со интересни можности.

Меѓународното жири (составено од: шпанскиот архитект Џозеп Ачебило, австрискиот архитект Курт Пишингер, архитектот Дарко Радовиќ, Токио, Бразилецот Роберто Симон, како и српските архитекти Драган Ѓилас, Владимир Лојаница и Милица Грозданиќ) на 13 мај јавно, меѓу 135 авторски дела пристигнати од целиот свет, ги прогласија победниците.

Доделени се две први награди и две трети награди. Првата награда ја освои решението на авторскиот тим од архитектонското студио Биро ARVCS од Белград и решението на јапонскиот архитект Соу Фуџимото од Токио. Втората награда не е доделена, а третата награда ја поделија авторскиот тим Дејан Миљковиќ, Јован Митровиќ, Александар Родиќ, и архитектонското студио од Барселона MX_SI architectural studio.

Овој проект, кој веќе се нарекува нов симбол на Белград, заради својата локација претставува мошне сложена задача. Иако победничките тимови се прогласени, до крајот на годината се планираат различни промени на урбанистичките планови кои всушност ќе ја формираат одлуката за конечниот изглед на целиот проект. Сигурно е дека објектот ќе се простира на 11 000 квадрати, а првенствено би требало да биде наменет за различни културни содржини. Двете први дела ги дефинира нагласената платформа, белградскиот тим предлага дури две, а јапонскиот една, на кое се наоѓа конструкција наменета за пешаците, кои тие ја нарекуваат „облак“. Делото на домашниот тим се издвои со едноставноста со која успеа многу елегантно да ја подвлече познатата силуета на Калемегдан, додека јапонското решение нуди сосема поинаков, мошне храбар пристап. Тоа не се бори со линијата на белградската тврдина, туку додава нов квалитет и нуди јавен простор кој Белград моментално го нема Од сето тоа произлегува дека како идејно решение за спојување на пристаништето на Сава, Бетон халата и паркот на Калемегдан ќе се користи комбинација од решенијата кои го поделија првото место.

Колку проектот на изградбата на Бетон халата на крајот ќе чини сè уште не е познато, но поголемиот дел од предложените проекти чинат меѓу 30 и 40 милиони евра. Јапонското решение, иако на прв поглед не изгледа така, е нешто поевтино од белградското.

Многу белграѓани се скептични зашто сметаат дека овој проект никогаш нема да крај да биде реализиран бидејќи веруваат дека за толку амбициозен проект градот моментално нема пари. Бранислав Реџиќ, архитект и водач на тимот на бирото ARVCS истакнува дека цената на нивниот проект е само 25 милиони евра, и ја нагласува едноставноста на нивната идеја. Тие тргнуваат од фактот дека овој простор сам по себе е скапоцен и дека со новата градба само треба да се нагласи убавината и значењето на целината. Постојниот изглед на Бетон халата би останал недопрен, истакнува Реџиќ, а трите лифта и скалите би биле врска меѓу нејзиниот кров и пристаништето.

Затворениот простор со површина од 11 000 квадратни метри, кој на брегот се спојува со паркот, го одредуваат два „паралелни тока“. По целата должина се распространува музеј, изложбен простор (6 000 квадрати), а наспроти него се наоѓа комерцијалната содржина (5 000 квадрати). Комерцијалната целина има и галериски простор. Паралелните токови се поврзани на три места со озеленети дворови.

Јапонскиот архитект на Бетон халата им вдахна футуристички изглед, а според неговата идеја сè е во постојано движење: меѓусебно поврзаните и модерните простори кои посетителите постојано ги туркаат во кружниот тек. Ни останува да го причекаме крајот на годината кога треба да се донесе конечната одлука за овој амбициозен проект кој на Белград ќе му вдахне сосема нова визура, барем кога се набљудува од страна на реката.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото